Фото: Маја Јаневска-Илиева

„Ако сакате да не решите одредено прашање, формирајте комисија“, Черчил

Комитети, совети, координативни тела, специјални и државни органи и институции. Ова се само некои од телата што се формираат во земјава од страна на речиси сите влади во минатото, но и сега за да му се зајакнат капацитетите на постојниот државен механизам. Од една страна, добро е кога постојат помали, оперативни и ефикасни тела, кои секојдневните новонастанати притисоци и предизвици ги решаваат брзо и ефикасно, бидејќи динамиката на политичките, економските, безбедносните, па и другите општествени појави наметнуваат брзи, но квалитетни решенија и активности за нив. Но втората страна на медалот е дека со формирањето вакви комисии и тела само се делегираат одредени обврски за чие решавање соодветните државни институции демонстрираат тромост и неефикасност, иако законски се обврзани да ги активираат своите механизми за тоа.

Во теоријата, но и во практиката често постојат вакви адхок-решенија за формирање тела за решавање одредени појави и проблеми, но тие се генерално краткотрајни.

Таквите тела се далеку од долгорочно одржливи во смисла на системски приод, бидејќи ја прават бирократијата на државното управување сѐ помасивна, повеќебројна и понеефикасна, настрана што има сѐ поголеми финансиски импликации од толку разгранет систем на управа.

Ваквата практика ја имаат повеќето држави по распадот на СФРЈ, бидејќи процесот на востанувањето ефикасни државни управи и зголемувањето на капацитетот на управите е долготраен и тежок процес. И кај нас во јавноста излегоа оцени дека и во минатото, а и сега, владите ја имаа оваа практика. Како пример, Владата на една од своите последни седници се одлучи да формира Комитет за интеграција во НАТО, тело со кое ќе претседава премиерот Зоран Заев, а во него исто така ќе учествуваат вицепремиерите Радмила Шекеринска, Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Иако повеќе од јасно е дека веќе постојат институции и ресорни министерства што се надлежни и работат за нашата интеграција во НАТО и во ЕУ, се поставува прашањето која е потребата на државата повторно да формира вакви адхок-тела и комитети, кои само би им ја усложниле работата на надлежните институции, но нема трајно да ги решат проблемите со кои се соочува земјава на нашиот пат кон ЕУ и кон НАТО.

Паралелните органи произлегуваат, како што тврдат политиколозите, од партиските преговори, мимо системско предвидените законски решенија, но и од неподготвеноста на постојаните институции да си ги решаваат проблемите, коментираат некои од познавачите на проблематиката. Тие се убедени дека ваквите новоформирани тела за која било област во земјава за која веќе постои ресорна институција не можат да бидат долгорочно решение на проблемите. Во државата функционираат паралелни институции, а тоа води кон поделба, анализира политикологот Милан Стефановски. Политичкиот аналитичар коментирајќи ја последната одлука на Владата да формира некаков комитет за НАТО со кој ќе претседава премиерот Заев за побрз наш влез во Алијансата, вели дека Македонија има јасен проблем, а тоа е нефункционалност на постојните институции да си ја завршат својата работа.

– Формирање паралелни координативни тела, органи или кои било здруженија покрај постојните институции и министерства, нема да го реши проблемот на државниот апарат и да заживее правната држава. Маргинализирањето на постојните институции и тела се гледа и во однос на политиката, која ја води оваа влада од самиот почеток од аспект дека таа дозволува да се формираат разни тела и органи за решавање иста проблематика со што се мултиплицира исходот, кој на крајот ги збунува најпрво самите граѓани, а потоа и самиот државен апарат. Примерот со специјалното јавно обвинителство, кое е содржано во политички договор и беше првично формирано како привремено решение, односно да служи само како мост во период додека не се реформира и исправи на здрави нозе она редовното обвинителство. Денеска тоа функционира како државен орган што (треба да) ја врши истата работа, која впрочем ја работи Јавното обвинителство. Која е потребата на власта да продолжи сега да формира вакви паралелни тела и органи во државата не ми е јасно. Единствено ми е јасно дека тоа е резултат на долгогодишната нефункционалност на институциите или поточно нивно ставање во служба на партијата наместо на граѓаните – посочува Стефановски.

Политичкиот експерт Димитар Димов е со спротивен став и тврди дека формирањето вакви тела и органи е некаков излез, само на краток рок, но сепак излез од неефикасноста за справување со предизвиците од страна на институциите.

– Неподготвеноста на луѓето во постојните институции да ги решаваат задачите и сопките што досега се правеа, се дел од причините поради кои се формираат на некој начин вакви паралелни тела и комитети при постојните институции. Конкретно, Владата може да формира колку што сака вакви професионални тела доколку таа процени и оцени дека ќе ја забрза и дополнително ќе ја професионализира ситуацијата за нашето членство во НАТО. Илузорни се обвинувањата дека се прави некаков паралелизам во постојните институции со ваквите комитети, напротив со отворање на ваквите тела се забрзува професионализацијата на државниот апарат, кој подолго време беше окупиран од една политичка партија. Поради тоа потребни се здрави решенија, за да не добиеме држава со паралелни институции – заклучува Димов.