Фото: Игор Бансколиев

ЕУ повторно сака да испрати недвосмислена порака дека „процесот на проширување не е мртов“. Таа исто така сака да порача до земјите-кандидати и до идните аспиранти за членство во Унијата „да не ја доживуваат ЕУ како недоверлив партнер што не го исполнува ветеното“. Но како да го направи тоа, кога со блокирањето на Македонија, ЕУ дополнително си ги искомплицира ситуацијата и впечатокот, а и силно си ги наруши угледот и своите принципи на постоење. Во таквиот контекст, познавачите коментираат дека сега излез за ЕУ од таквиот ќор-сокак е Албанија. Имено, не е исклучено Албанија да биде изземена од пакетот со Македонија и наскоро самостојно да ги почне пристапните преговори. А Македонија?

Ќе го распакува ли Европа македонско-албанскиот пакет за интеграции

Тврдите бугарски позиции во однос на Македонија од ден на ден само дополнителното се бетонираат, што е само потврда дека Бугарија нема намера по никоја цена да се откаже од своите ирационални барања за историјата, идентитетот и јазикот на Македонците, така што сè поизвесно е дека земјава ќе остане во европската чекалница многу подолго од очекуваното.

ЕУ ќе го тренира својот апсорпциски капацитет со Албанија

Развојот на настаните дополнително ја комплицира ситуацијата на Балканот и го нарушува угледот на Европската Унија, која сега во очите на земјите-кандидати и идните аспиранти за членство во Унијата се доживува како недоверлив партнер што не го исполнува ветеното, па од тие причини не е исклучено Албанија да биде издвоена од пакетот со Македонија и самостојно да ги почне пристапните преговори, со што ЕУ ќе испрати порака до другите дека процесот на проширување не е мртов, но истовремено ќе изврши и притисок врз Македонија што поскоро да го реши спорот со Бугарија.
Во таа насока може да се објаснат последните случувања со откажувањето на редовниот состанок за стабилизација и асоцијација со Македонија што требаше да се одржи кон крајот на февруари, но истовремено и одржувањето на ваков состанок со Албанија на кој беше истакнато дека Албанија треба да ги почне преговорите со Унијата.
– Многу е важно да дадеме сигнал дека Албанија е способна и ги исполнува критериумите на терен, во областа на владеењето на правото и другите области, реформите во правосудството се клучни и можам да пренесам дека нашата заедничка процена, со процесот на ветинг и назначувањето на судиите во Уставниот суд, до земјите-членки на ЕУ е дека сите услови се исполнети за одржување на првата меѓувладина конференција – истакна неодамна Вархеји.

Се сврти тркалото, сега Албанија е понапред од Македонија,
благодарејќи на Бугарија?

Некои од аналитичарите со кои се консултиравме не ја отфрлаат можноста ЕУ да ги одвои двете земји само за да покаже дека проширувањето со државите од Западен Балкан и натаму е во игра, иако сметаат дека Унијата сепак нема да се реши на таков чекор.
– Досега обидите за одвојување на двете земји наидоа на отпор кај дел од земјите-членки. Првенствено се сакаше Македонија да почне преговори, а Албанија да остане и верувам дека и сега ќе остане исто. Мислам дека оние земји-скептици на проширувањето на ЕУ ќе ја искористат и едната и другата варијанта да го забавуваат процесот, така што зад сегашното нивно инсистирање Македонија и Албанија да одат во пакет се крие дипломатски начин повторно да се одложи и искомплицира процесот на проширување, а притоа да се затскрие навидум зад некои принципи. Притисок за одвојување на двете земји постои, но се сомневам дека ќе се случи такво нешто – вели Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија.

Според него, станува збор за политички игри што се провлекуваат низ целиот процес на проширување, без да се води сметка за реалните заслуги на земјата-кандидат.
Со сличен став е и поранешниот дипломат Драган Јањатов, кој вели дека теоретски е можно да се одвојат двете земји во пристапниот процес.
– Теоретски е можно да се одвојат Македонија и Албанија во процесот на пристапување, но мислам дека нема да се оди до таа крајност. Најпрво Македонија ја шлепуваше Албанија, а сега ќе треба Албанија да ја шлепува Македонија и во тоа е парадоксот. Сметам дека ЕУ нема да оди на таа солуција бидејќи тоа дополнително би ја демотивирало Македонија, а уште повеќе би ја охрабрило Бугарија да биде дополнително поагресивна во своите барања – истакнува Јањатов.
Тој додава дека не очекува таква разврска, но дека сè е можно кога земјава нема никаква стратегија, ниту, пак, изграден став за надминување на проблемот со Бугарија.
– Тоа што сега малку се форсира Албанија е притисок да се реши и Македонија. Не може до толку да ја остават на цедило – констатира Јањатов.