Фото: Игор Бансколиев

Европската Унија изневери многу држави, но една речиси уништи. Жртвата која Владата на Зоран Заев ја поднесе, беше залудна, а ниту еден компромис за 15 години не беше доволен Европската Унија (ЕУ) да го исполни ветувањето. ЕУ на тој начин ја остави Македонија на цедило, ги изневери очекувањата и не ги исполни, не само ветувањата, туку и јасните обврски, пишува „Јутарњи лист“, осврнувајќи се на актуелната политичка ситуација во Македонија по оставката на Зоран Заев и на евроинтегративниот процес на државава.

Хрватскиот весник смета дека оставката на Заев доаѓа во време кога на Македонија уште еднаш ѝ е блокиран патот кон ЕУ, како и дека ја менува целокупната политичка ситуација, не само во Македонија, туку и во регионот.

– ЕУ досега разочара и други држави, но ниту една како Северна Македонија. На почетокот на 21-от век, Македонија беше првата од државите од регионот на патот кон ЕУ, пред Хрватска. Прва имаше склучено Спогодба за стабилизација и асоцијација. И додека Хрватска го заврши патот кон членството и влезе во ЕУ пред повеќе од осум години, сега Северна Македонија се уште чека на првиот чекор – отворање на преговори. Има многу апсурди во односите меѓу ЕУ и Северна Македонија. Но, несомнено е дека за евентуални нови тензии во земјата и за политичката нестабилност одговорност сноси и ЕУ – наведува „Јутарњи“.