Фото: Маја Јаневска-Илиева

Болните отстапки на државава се успех на европската надворешна политика?!

Без оглед што сите отстапки што ги направи Македонија при решавањето на отворените прашања со соседите беа на нејзина штета, ЕУ не го перципира тоа како морална обврска да ги придвижи македонските евроинтеграции, туку повеќе како успех на европската надворешна политика за затворање на отворените прашања на Балканот, без да чувствува некаква обврска кон некого

Европската Унија во досегашниот пристап кон Македонија покажа исклучително ниска морална одговорност кон сè што направи земјава изминатите неколку години, погазувајќи ги сите ветувања што ги даде, што резултира со константно опаѓање на вербата на македонските граѓани во Унијата.
Токму низ македонскиот пример најдобро се виде кризата на моралот на Европа, па повиците од страна на македонските политичари за некаква морална обврска од страна на ЕУ кон Македонија како да се вшмукани во „акустична црна дупка“ и воопшто не допираат таму каде што се упатени.

– ЕУ има морална обврска кон Северна Македонија. Сите реформи во земјата се спроведени или се во тек, со соседите решивме прашања што беа отворени по неколку децении, како што беше Договорот од Преспа со Грција или Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија – изјави неодамна премиерот Зоран Заев.
Но без оглед што сите отстапки што ги направи Македонија при решавањето на отворените прашања со соседите беа на нејзина штета, ЕУ не го перцепира тоа како морална обврска да ги придвижи македонските евроинтеграции, туку повеќе како успех на европската надворешна политика за затворање на отворените прашања на Балканот, без да чувствува некаква обврска кон некого.
Од тие причини, европските моќници со своето однесување прават како да е апсурден потегот некој во земјава да ја потсетува ЕУ дека има морална обврска кон Македонија, кога повеќе од јасно е дека Унијата секогаш поаѓа од сопствените интереси, а тие во овој момент не се поврзани со земјава.

– Моралот никогаш не бил дел од дефиницијата за политика. Генерално станува збор за преговарање на интереси помеѓу различни страни што се вклучени во политичкиот процес и создавање илузија на морал во постапувањето. Од друга страна, постапување според некакви морални начела создава она што се нарекува мека моќ, односно создава кредибилитет и влијанија, што е само предуслов за да се добие некаква конкретна полза од политичкиот процес, но не подразбира нужно дека некој некому му должи нешто – вели Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија.
Според него, ако некој се придржува до вредности и принципи, неговиот кредибилитет е повисок и како таков може да оствари политичко влијание.
– Но тоа политичко влијание може да се оствари и на многу други начини, преку зависност, уцена, бенефиции, награди итн., кои немаат секогаш врска со вредности и морал – појаснува Трошановски.

Тој додава дека Македонија треба да продолжи да ја потсетува ЕУ дека ги погазила своите вредности, но и да не очекува дека Унијата ќе се сожали над неа.
– Во нашиот случај ние не треба да престанеме да ја повикуваме ЕУ за непридржување до нејзините вредности, но исто така не смееме да се поставиме во ситуација на жртва и треба да продолжиме да работиме пред сè за сопствен интерес, без разлика како ЕУ се однесува кон нас, и да ги креираме очекувањата врз основа на нашите реални перформанси внатре, а не врз основа на ветувањата на ЕУ – заклучува Трошановски.
Поранешниот амбасадор Драган Јањатов вели дека Македонија не треба ништо да очекува од ЕУ, а најмалку морално однесување.

– Моралот кај ЕУ е инкогнито категорија, едноставно нема морал туку само интерес. Неодамна словенечките власти соопштија дека нема да примаат бегалци од Авганистан, на што нивните колеги од ЕУ реагираа дека тоа е издвоено мислење на Словенија. Но кога станува збор за бугарската блокада на Македонија, тогаш ЕУ одеднаш одлучува со консензус, нема издвоени мислења. Ете го моралот на Унијата – истакнува Драган Јањатов, поранешен амбасадор.

Според него, изјавата на премиерот Заев за некаква морална одговорност на ЕУ кон Македонија нема да има никаков ефект во Брисел и нема да влијае тие нешто да променат.
– Нема морал и нема сожалување, тука се само интереси во прашање – заклучува Јањатов.

Фото: Игор Бансколиев