Европската Унија од ден на ден е сѐ поблиску до финализирање на идејата за формирање единствена европска армија што ќе ги заштити државите од Стариот Континент од безбедносните закани какви што се сајбер-нападите, мигрантската криза, тероризмот и ефектите од граѓанските војни околу европските копнени и поморски граници.
Судејќи по динамиката на изјавите на високите функционери во ЕУ, нејзината реализација како да станува сѐ поизвесна, а американскиот магазин „Политико“ во својата последна анализа информира дека Унијата планира до 2030 година нејзината војска да стане реалност.
Во анализата пишува дека најголемата европска политичка група во Европскиот парламент со централно-десна ориентација, која има 219 пратеници и која
меѓу другото има тенденција да го зголеми својот број на пратеници во пресрет на изборите на Унијата за 2019 година, има изборна кампања во која се планира крајниот рок за формирање на армијата во 2030 година.

Според магазинот, централно-десната пратеничка група во својот план за оваа намера пишува дека, за да се загарантира безбедноста на Европа, потребно е уште 10.000 војници да се распределат на границите на Унијата, да се изградат физички метални огради каде што е потребно по должината на границите и тие да се опремат со најмодерни оружја и воени дронови.
– Безбедноста на ЕУ треба да започне да се гарантира првенствено за две години со операции на сајбер-заштитата, со кои најмногу ќе се спречат војната на информации, сајбер-нападите и тероризмот – се вели во анализата.
Во својата програма оваа европска политичка група пишува дека успехот на Европа зависи од способноста таа да им ја гарантира безбедноста на своите граѓани и да го заштити европскиот начин на живот, со што ќе се формира нова клима на надеж на европскиот континент.
Во контекст на овие актуелни случувања, за обележување е и мартовското решение на Европската комисија за формирање на т.н. „воен шенген“, или на меѓудржавниот европски договор „Акцискиот план за воена мобилност“, со кој европските земји од 2025 година го олеснија транспортот на војници и воена техника внатре во ЕУ, каде што засега има голем број административни формалности и недостиг од инфраструктура за негова реализација.
Според медиумски извештаи, конечно воената соработка во Европа не ја забрзува само политичката волја туку пред сѐ воените потреби, а тоа важи за помалите земји, но и за „тешкашите“ во ЕУ.

Аналитичарот Димитар Димов вели дека во прилог на овие случувања е и тезата дека за Македонија, која од добропознатите причини барем засега сѐ уште не е членка на НАТО, можноста за европската армија сепак би била одлична шанса од самиот зачеток да се најде во некаков колективен систем на одбрана.
– Преку редовното учество во воените мисии на ЕУ, македонската армија дава придонес во изградба на концептот европска одбрана. Па, доколку како земја успееме да изградиме можност за влез во ЕУ и НАТО, во контекст на актуелните случувања, станувањето на дел од концептот на европска армија, бидејќи сме во регион во кој има мноштво безбедносни закани за ЕУ, треба да стане приоритет за дејствување на некоја од идните власти на земјава – вели аналитичарот.