Фото: Маја Јаневска-Илиева

Неуспешниот обид за укинувањето на сезонското сметање на времето е уште еден доказ за неспособноста и некоординираноста на администрацијата во Брисел и на крајниот неред и отсуството на систем што владее на ниво на Унијата, објаснуваат упатените

Европското (не)усогласување на часовниците како метафора за севкупното ЕУ-функционирање

Граѓаните од земјите на ЕУ, како и од земјите што се во различни фази на евроинтегрирањето, меѓу кои и Македонија, и оваа есен, на 31 октомври, повторно, ќе треба своите часовници и активности да ги усогласат со таканареченото зимско сметање на времето, бидејќи членките на Унијата, ниту по неколку години, време што им беше оставено на располагање, не успеале да се усогласат за укинувањето на сезонското движење на часовникот.

Флагрантен пример на неспособноста за брзо, точно и праведно носење одлуки

Неуспехот да се усогласи укинувањето на сезонското движење на часовникот, како што објаснуваат упатените, е исклучително илустративен пример за ЕУ и е само уште еден индикатор за „способноста“ на членките на Унијата да се усогласат, како околу крајно техничките, така и околу врвните стратегиски приоритети.
Неуспешниот обид за укинувањето на сезонското сметање на времето е уште еден доказ на неспособноста и некоординираноста на администрацијата во Брисел и на хаосот што владее на ниво на Унијата, објаснуваат тие.
– За Македонија, прво и клучно е дека времето какво што е сега не ѝ одговара и дека треба да се усогласиме со Грција и со Бугарија, кои се еден час порано од нас. Тоа ќе доведе до заштеди на електричната енергија, која сега непотребно се троши. Што се однесува до Европската Унија, разбирливи се несогласувањата, бидејќи истото правило важи и за нив. Временските услови не се исти на северот и на југот од Европа. Иако овие разлики се маргинални, а не суштински, членките, по сѐ изгледа, никогаш нема да ги надминат. Како тогаш од нив да се очекува договор за многу поважни прашања. Освен за проширувањето, кое е многу позначајно прашање, особено за нас, балканските држави, тоа еднакво важи и за заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата. На тој план, ЕУ уште долго време нема да постигне единство. А за проширувањето, веќе сосема е јасно дека такво што нема да се случи во следните 10-15 години – објасни експертот по меѓународни односи Ристо Никовски.
За потсетување, министрите за транспoрт и врски на ЕУ уште во декември 2018 година ја одложија одлуката за укинувањето на сезонското поместување на часовникот, оставајќи им време на одделните земји да се изјаснат дали повеќе им одговара постојано да го користат летното или зимското сметање на времето. Во меѓувреме, предлогот ја доби поддршката и од Европскиот парламент и од тогашниот претседател на Европската комисија, Жан Клод Јункер, по што се очекуваше сите земји-членки да се изјаснат дали повеќе им одговара задржување на зимското или на летното сметање на времето.

И техничкото прашање за усогласувањето на часовниците, поради некоординираноста на Брисел, ја отежнува меѓународната соработка

Членките, како што пренесуваат западните медиуми, досега воопшто не се изјасниле пред надлежните во ЕК, поради што за многу оправдани се сметаат прогнозите дека тешко ќе се договорат за евентуално заедничко сметање на времето. Во таа насока одат и последните информации од Европската комисија.
– В недела, на 31 октомври, ќе го поместиме часовникот – одговорил неодамна портпаролот на ЕК, Стефан де Кирсмакер, на новинарско прашање.
За тоа дека во изминативе години веројатно ништо не се случувало на тој план, сведочи и вториот дел од изјавата на портпаролот.
– Ќе го повторам тоа што го кажав пред шест месеци, а тогаш го кажав истото што и шест месеци пред тоа, а тоа е дека ЕК во 2018 година предложи да се укинат сезонските промени во сметањето на времето, што беше засновано врз укажувања на граѓаните, анализи, стручни студии, преговори со Европскиот парламент и врз јавни консултации. Работата сега е во рацете на земјите – објаснил портпаролот.
Во послeдното онлајн истражување меѓу граѓаните во целата ЕУ, 84 проценти се изјасниле за престанок на зимското и летното сметање на времето.
Во ЕУ постојат три временски зони, најголема е онаа што го опфаќа средноевропското време, а таа се протега од Полска до Шпанија. Доколку би се прифатило трајно летно сметање на времето, на запад и на северозапад на континентот во зима би се разденувало дури во текот на претпладнето, некаде околу десет часот. Во случај на трајно зимско сметање на времето, налето не само што би се стемнувало порано туку на истокот на континентот сонцето би изгревало исклучително рано, односно околу три часот.
Од друга страна, задржување на сезонската промена на времето им создава здравствени проблеми на луѓето, па дури и на домашните животни, а ја отежнува и меѓународната соработка. Д.М.М.