Европскиот ревизорски суд ќе ги мониторира економичноста, ефикасноста и ефективноста во правосудството

Европскиот ревизорски суд неодамна најави дека ќе започне процена на ефикасноста на поддршката на ЕУ кон владеењето на правото во земјите од Западен Балкан.
Во своето соопштение до јавноста, Европскиот ревизорски суд информира дека ревизијата ќе ги опфаќа сите четири земји-кандидати за членство во ЕУ од регионот – Албанија, Македонија, Црна Гора и Србија, но и две потенцијални држави-кандидати – Босна и Херцеговина и Косово.
Оттаму информираат дека за реформите во областа на правосудството за земјите од Западен Балкан се издвоени околу 700 милиони евра во изминатите седум години, што е 16 проценти од вкупната билатерална помош на ЕУ за регионот.
Во соопштението испратено од седиштето на Европскиот ревизорски суд во Луксембург, се наведува дека владеењето на правото е основна европска вредност и еден од основните критериуми за членство во Европската Унија.
– Целта на ревизијата што започна е да се утврди колку овие мерки биле ефикасни во зајакнувањето на владеењето на правото на Западен Балкан. Ревизорите посебно ќе испитуваат дали поддршката од ЕУ за владеење на правото е добро осмислена, употребена за решавање на идентификуваните клучни проблеми и дали довела до конкретни и одржливи подобрувања, во согласност со стандардите на ЕУ – се посочува во соопштението на судот.
Оттаму информираат дека резултатите од нивната опсервација ќе бидат познати кон крајот на 2021 година.

Европскиот ревизорски суд клучно тело на ЕУ

Европскиот суд на ревизори е правно тело што работи во состав на Судот на правдата на Европската Унија. Овој суд е формиран со Договорот од Мастрихт како институција што врши ревизија на финансиите во Унијата. Судот е основан на 22 јули 1975 година со седиште во Луксембург.
Според информациите публикувани на интернет, луксембуршкиот суд придонесува за подобрување на финансиското управување во Унијата и работи како независен заштитник на финансиските интереси на граѓаните на Унијата.
Судот разгледува дали одредено финансиско работење е точно евидентирано и прикажано, дали е законски и правилно извршено и дали е правовремено управувано за да обезбеди економичност, ефикасност и ефективност.
Резултатите од работата на Судот се користат од страна на Европската комисија, Европскиот парламент, Советот и земјите-членки.
Судот ги унапредува одговорноста и транспарентноста, им помага на Европскиот парламент и на Советот во контролата да спроведуваат политики.
Европскиот суд на ревизори има по еден член од секоја земја-членка на Унијата, назначен од Советот, со мандат од шест години. Членовите на Судот избираат претседател со мандат од три години.
Во случај кога ревизорите откриваат прекршувања на законот или нерегуларности ја информираат Европската канцеларија за спречување измами.

Европските судии ќе мониторираат како се трошат финансиите за реформите

Во меѓувреме, чешкиот универзитетски професор Михаил Вит, кој е познавач на институциите на Европската Унија, вели дека самото присуство на Европскиот ревизорски суд на овој процес за стабилизирање на владеењето на правото во Македонија значи дека надежта за интеграција на земјата во Унијата не е згасната.
– Имено, Македонија може да се надева на финансиска поддршка од Унијата како и досега, но и на нејзина контрола врз процесот бидејќи државата очигледно влегува во тесниот круг на земји со напреден кандидатски статус – вели Вит.
Професорот е дециден дека за македонскиот случај со овој развој на настаните е најбитно да се очекува т.н. забрзување на реформите, но колку тие ќе бидат ефикасни на крајот од денот зависи и од самата способност на Унијата да си ги промовира истите вредности.
– Тоа очигледно се движи бавно и во самата ЕУ што очигледно е пречка за санкционирање на државите што немаат адекватна правна држава, а се внатре во Унијата. Казнувањето за неспроведување на владеењето на правото очигледно е тешко, а тоа може да се препознае со случаите со Унгарија и со Полска, па оттука ќе биде голем предизвик како сето се планира во Брисел да се спроведе и за државите што се надвор од чадорот на ЕУ, односно е нејасно како некој ќе ги санкционира државите од Балканот доколку не ја исполнуваат визијата на ЕУ за оваа област – вели Вит.
Професорот подвлекува дека помошта на ЕУ за државите од Балканот во правосудството е добредојдена, но одлуката за членство во Унијата е секогаш политичка, без разлика колку добро го менаџираат овој процес.
– Од сето кажано тука, без разлика на европската стимулација на правните реформи во Македонија, тие не се пресудни за членство во ЕУ. Како што стојат работите, државата, за жал, ќе треба да се соочи со решавање на проблематичните политики што ги пропагира Бугарија ако сака да стане членка на Унијата во скоро време – резимира Вит.

Иван Стефановски, извршниот директор на „Евротинк“, вели дека активноста што ја презема Европскиот ревизорски суд дефинитивно претставува чекор напред во однос на следењето на дел од индикаторите поврзани со владеењето на правото, особено во контекст на трошењето на парите што државата ги добива како дел од претпристапната помош од страна на ЕУ.
– Ова е знак дека Унијата дополнително ќе се фокусира на „Основите/фундаментал“, каде што во согласност со новата методологија влегуваат и финансиите и јавните набавки. Со оглед на лошата „историја“ на трошењето јавни пари, земјите од Западен Балкан ќе бидат изложени на дополнителна контрола од страна на европските институции. Оваа практика би требало да се одрази позитивно на работењето на домашните институции, кога станува збор за одговорното и наменско трошење на средствата – резимира тој.

[email protected]