Предупредувањата се дека доколку не се преземат соодветни акции од ЕУ во Полска и во Унгарија, Унијата може да се распадне однатре. Правосудството долго време се посочува и како рак-рана и за Македонија и нејзините евроинтегративни процеси

Владеењето на правото и функционирањето на правната држава се клучен услов за македонско членство во ЕУ, но исто така оваа материја е актуелна и внатре во Унијата, меѓу земјите-членки. Во моментов во Брисел се водат голем број полемики и дискусии за реформирањето на овој дел од општеството во неколку држави-членки (како Полска и Унгарија), каде што правниот систем е оценет како проблематичен.
Последното издание на порталот „ЕУ обзервер“ информира дека Европскиот парламент (ЕП) неодамна усвоил резолуција со која се предупредува дека состојбата во областа на владеењето на правото во Унгарија и во Полска се влошила и затоа ќе биде активиран членот 7 на ЕУ, кој предвидува суспендирање одредени права на земји-членки поради кршење на основните вредности на Унијата.

Порталот информира дека со усвоената резолуција, ЕП ги повикува на сослушување официјални Будимпешта и Варшава за примена на законите во областа на владеењето на правото, при што ќе се воспостави и траен европски механизам, кој ќе се занимава со спроведување на владеењето на правото.
На истата тема новинската агенција „Евро њуз“ информира и дека Европската комисија (ЕК) направила и еден чекор повеќе во однос на ЕП и одлучила да го зголеми притисокот врз правосудството во Полска и планира да му наложи на Европскиот суд за правда со нов меѓународен механизам да го суспендира функционирањето на некои правни институции во оваа држава во која работат полските судии.

Според медиумот, во Унгарија, пак, се планира да се дејствува на состојбата со слабото функционирање на независноста на судството, кое е порозно на политички влијанија.
– Овие чекори за подобрување на правната држава внатре во ЕУ треба да почнат да се спроведуваат за време на хрватското претседателство со Унијата – најавува медиумот.
Унгарската опозициска политичарка Ана Донатх, која е членка на ЕП, вели дека доколку не се преземат соодветни акции од ЕУ во Полска и во Унгарија, Унијата може да се распадне однатре.

Притоа се потсетува дека токму затоа во овој период претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, ќе го подготви и презентира новиот задолжителен механизам за подобрување на функционирањето на правната држава во Европската Унија, кој засега сѐ уште ѝ е непознат на јавноста.
Во меѓувреме, овие европски случувања од македонска перспектива на настаните се интересни за следење, бидејќи, од една страна, и ние претендираме да станеме дел од европското семејство, но истовремено бидејќи и кај нас се заговараат слични реформски процеси и проветрување на кадрите во судовите, за поефикасна правна држава.
Дане Илиев, поранешниот претседател на Врховниот суд, вели дека ги разбира актуелните процеси што се случуваат во ЕУ и советува тие да се мониторираат и во Македонија од надлежните, бидејќи можеме многу да научиме од нив и подобро да ги имплементираме кај нас во период кога сѐ почесто од политичарите се најавува процесот за проветрување во правосудството.

Илиев смета дека во актуелните настани ЕУ навистина се обидува да го подобри правосудството на Унгарија и на Полска и во тој процес меѓународната организација истовремено и презема дел од суверенитетот, но тоа е така, бидејќи со самото зачленување во меѓународните здруженија, како ЕУ и НАТО, се подразбира дека државите губат дел од својот апсолутен суверенитет.
– Од наша перспектива на настаните е битно да се знае дека дури и пред да влеземе во ЕУ, ние можеме сами да ги подобриме условите во кои функционира нашето судство, а тоа ќе се стори кога ќе се промени начинот на кој дејствува Судскиот совет во земјата, кој во суштина како орган не ја врши функцијата за која е наменет – вели Илиев.

Поранешниот судија смета дека од формирање на ова тело досега тоа се користи за именување судии со гласање, а сето остава простор за влијание на одредени центри на моќ, без разлика дали тие доаѓаат од политички партии или од разни тајкуни и моќници.
Натаму, треба да се осмисли и да се спроведе подобар надзор на работата на судиите и судовите, бидејќи ако остане да функционира како сега, ние ќе заглавиме во истите состојби долго време. Со подобра контрола на работата на судовите ќе се намали можноста за корупција и сето може и да се преслика од Франција, бидејќи оваа земја поседува одличен ваков механизам, заклучува Илиев.

[email protected]