Фото: Дарко Андоновски

Една Европа – две надворешни политики во пресрет на доделувањето датум за преговори на Македонија

Во моментов во ЕУ постои иницијативата за нон пејпер, што ја повела Полска, а целта на овој документ, кој е потпишан од страна на 13 земји-членки е да ѝ се даде поддршка на Македонија месецов да добие датум за преговори. Истовремено, партијата на канцеларката Ангела Меркел (ЦДУ-ЦСУ) претпочита одложување на одлуката за преговори за Македонија и за Албанија

Додека од една страна поголемиот дел од ЕУ-членките го пуштија во оптек т.н. нон-пејпер, кој има за цел да се потврди во писмена форма дека проширувањето на Западен Балкан останува и натаму кредибилна опција, партијата на канцеларката Ангела Меркел (ЦДУ-ЦСУ) работи на блокада на Македонија за ЕУ. Ваквата ситуација во која се најде Македонија на само неколку дена од министерскиот совет на ЕУ, што треба да се одржи во јуни, а на кој според очекувањата треба да добиеме чист датум за почнување на преговорите за членство, според експертите говори дека Брисел води несериозна и двојна политика кон земјава, а условите и бариерите кои претходно постоеја сега се малку во позавиткана форма. Имено, на расправата во германскиот парламент завчера, додека се ратификуваше пристапниот протокол за С. Македонија за НАТО, во дебатата што траеше педесетина минути доминираше прашањето за тоа кога земјава треба да добие датум за почеток на пристапните преговори со Европската Унија.

Дискусијата потврди дека партијата на канцеларката Ангела Меркел (ЦДУ-ЦСУ) претпочита одлука за преговори за Македонија и за Албанија во пакет, па свесни дека Франција и Холандија не би се согласиле со датум за Албанија летово, беше кажано одлучувањето за двете земји да се одложи за наесен (за да дадат шанса за Албанија). Пролонгирањето беше повод за Партијата на зелените (втора политичка сила по европските избори во Германија) да изрази сомнеж дека партијата на Меркел свесно ја одолговлекува одлуката за во Грција да дојде на власт десничарската Нова Демократија и така Македонија повторно да биде блокирана во ЕУ.

Во исто време, во европската и во домашната јавност експресно се прошири инсајдерската вест дека во моментов во ЕУ постои иницијативата за нон пејпер, што ја покренала Полска, а целта на овој документ, кој е потпишан од страна на 13 земји-членки кои се главно од Централна и од Источна Европа, како што објавија медиумите, е да се даде поддршка на Македонија месецов да добие датум за преговори. Во овој нацрт-предлог, меѓу другото, се вели дека Советот на ЕУ треба „да признае дека политиката на проширување е најуспешно средство за промовирање на стандардите и вредностите на ЕУ да продолжи да ја поддржува јасно дефинираната перспектива за членство во ЕУ, која е движечка сила за спроведување на комплексни реформи и решавање на преостанатите билатерални прашања во Западен Балкан, со што се признава незаменливиот ефект на политиката на проширување врз процесот на зајакнување на Европа.

– Истакнувајќи ја важноста на својата одлука за иднината на сите земји и народи во Европа, ги повикуваме членките на Советот (ЕУ), во јуни, да преземат далекосежни, храбри одлуки, со кои би се промовирал постојаниот напредок на реформите во согласност со стандардите и вредностите на ЕУ, со цел да се зајакне регионалната соработка и помирувањето и добрососедските односи, кои ќе обезбедат клучна поддршка за неповратниот мир, стабилноста и развојот на регионот и на нашиот континент“ – се вели во нацрт-документот.

Во меѓувреме, оваа дилема веќе со години упорно опстојува на европската „театрална сцена“ на сметка на земјите-аспиранти, на кои, пак, наместо да им се олесни патот кон зачленување, постојано им се наметнуваат нови услови и блокади во различна форма, видливи и невидливи, економски, социјални, формалноправни, културолошки, па дури и психолошки, дополнително комплицирајќи ја и така конфузната политика на ЕУ.

Домашните познавачи на дипломатијата со кои се консултираше „Нова Македонија“ на оваа тема велат дека таканаречениот нон пејпер е парче хартија во вид на документ што ништо не значи. Според нив, потреба од ваков вид документ во меѓународната дипломатија се јавува кога на една меѓународна конференција има проблем што не е решен и кога има различни мислења по него. Тогаш, како што објаснува домашната експертска јавност, се јавува една земја која го подготвува овој предлог и тој циркулира за да се види мислењето на сите. Притоа, не се кажува кој е заклучокот и што сака да се направи, туку се споменува некаква опција која де факто не е правосилна, односно нема никаква тежина. Со ваква иста ситуација Македонија се соочила пред неколку години на самитот на НАТО во Букурешт, кога поради ветото на Грција не влеговме во Алијансата. На тој состанок, според нашите извори, слично како сега циркулирал ваков документ, нон пејпер, со кој се барало Македонија да биде примена во НАТО, но не успеало.

Според поранешниот амбасадор Ристо Никовски, нон пејперот за кој зборува целата домашна и странска јавност нема никаква гаранција и основа дека ќе добиеме датум во јуни.

– Иницијативата за некаква Унија во нашиот регион, прво значи дека тоа е голем чекор назад во европските аспирации на нашите земји и второ, покажува сериозни разлики во самата Унија околу нејзиното проширување. Самиот факт дека се работи за нон пејпер покажува дека тоа не е ништо сериозно туку само една идеја за надминување на состојбите во Брисел кои се апсолутно негативни за нас. Не треба да се очекуваат никакви конкретни последици на овој потег, што е добро, но истиот најавува дека нашите шанси за добивање некаков датум за почеток на преговори се апсолутно никакви – истакнува Никовски.

Слично размислува и професорот Лазар Лазаров. Тој вели дека нема чисти гаранции за датум за преговори со ЕУ, бидејќи таа се соочува со многу предизвици однатре и однадвор. Во исто време, тој објаснува дека ваквиот документ е важен мотивациски фактор за целиот регион навреме да ги заврши обврските со реформите.

– Мое мислење е дека во периодов премногу се насочи енергијата на нашето лобирање во ЕУ да нѐ прими што побрзо наместо да се сработеше она што беше посочено во извештајот на ЕК. И во ваква ситуација мислам дека со конфузната политика на ЕУ ќе излеземе накрај, бидејќи земјава направи големи отстапки за кои треба да ги добиеме преговорите на маса, што не значи и наше брзо членство во Унијата – вели Лазаров.
Сепак, професорот Лазаров е убеден дека доколку Македонија сега во јуни не го добие датумот за почеток на преговорите на маса, истиот ќе биде одложен за наесен, кога ќе се стабилизираат состојбите во ЕУ по изборите кои се одржаа неодамна.

[email protected]