ЕУ не може и не смее да биде организација на заборавот, која ќе пречкрта сѐ што не им се допаѓа во историјата на нејзините земји-членки. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас, на онлајн меѓународната конференција „Младите, миграцијата и демографскиот предизвик на Западен Балкан“, изјави дека „во земји што сакаат да влезат во ЕУ, нема простор за националистичка пропаганда, за негирање воени злосторства…“, но истото тоа треба да важи и во сопствените редови на Унијата, не дозволувајќи ѝ на Бугарија, како нејзина членка, настап од националистички позиции, па дури обидувајќи се и да ги избрише петната од сопственото минато, уценувајќи ја Македонија во евроинтеграциите. Однесувањето на ЕУ во македонско-бугарските односи, со ставот на привидно „немешање“, остава впечаток на двојни стандарди за национализмот, шовинизмот и воените злосторства, кои се толерираат кај земјите-членки

Во трилер-заплетот на актуелните македонско-бугарски односи, зачинети со бугарската фантазмагорија, па потоа ултиматуми, еднострани уцени заради постигнување изнуда, и на сето тоа додадено вовлекувањето на ЕУ според моделот што ѝ го скрои нејзината членка – Бугарија, не е изненадувачки внесување во сценариото дополнителни политички шпекулации и изјави во форма на „доверливи информации“ за „наоѓање решение за проблематизираните историско-идентитетски прашања за Македонија и Македонците“, а кои влегуваат во моделот на бугарска уцена за македонските евроинтеграции. Така, информацијата пласирана од бриселски „Политико“, кој повикувајќи се на дипломатски извор кратко објави дека на состанокот на амбасадорите на ЕУ во Брисел наводно бил постигнат некаков, како што се нарекува, „бугарски компромис“, кој ќе овозможи да почне првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија и дека Бугарија се согласила на тој „компромис“, предизвика вознемиреност во македонската политичка јавност.

На шпекулативните јадици „гризат“ и поранешни високи функционери на ЕУ

– Што има во договорот? Бугарија ќе го признае македонскиот како еден од официјалните јазици и ќе го признае македонскиот идентитет. За возврат, Северна Македонија ќе треба да ја признае „историската вистина“, како што е дефинирана од Софија, и да признае дека има бугарски темели врз кои е создаден каков било македонски идентитет и официјален јазик – пишува „Политико“. За оваа информација на Твитер се огласи и поранешниот шведски министер за надворешни работи, Карл Билт.
– Добрите вести се дека ЕУ-дипломатите го деблокирале почетокот на пристапните преговори со Македонија. Како и секогаш, во регионот имало комплексни историски прашања за решавање, овој пат со Бугарија – напиша Билт.
Сепак, „добрата вест“ од Брисел, бурно ја разбранува македонската јавност и предизвика сомневања дека официјалните македонски политичари имале дадено „тајна“ согласност за вака предложениот компромис од страна на ЕУ.

– Треба да го видиме предлогот, па после да се произнесеме. Јас кажав дека ние таков предлог не сме добиле и не можам да коментирам такво нешто – беше првата реакција на македонскиот претседател Стево Пендаровски за информацијата за „бугарскиот компромис“, за потоа да го повтори ставот дека „нашата позиција е јасна, ние не отстапуваме од идентитетот и јазикот, безрезервно ќе ги браниме“.
– Ние ќе ја повториме нашата црвена линија. Не нè прашувајте што мислат другите, прашајте нè за нашата позиција, а таа е јасна. Преговори за идентитетот и јазикот немало ниту во преговорите за Преспанскиот договор. Од тие наши позиции нема да остапиме. Ова се наши ставови и безрезервно ќе ги браниме. Ако секој се држи до своите позиции како ќе се најде компромис? Исто како што се најде со Грција – рече Пендаровски.
Премиерот Заев на информацијата за понудениот бугарски компромис од ЕУ, повторно изјави дека „ако има потреба од усни, писмени изјави, декларација (како анекс на договорот за добрососедство) – ќе се појаснат ставовите“.
– Очекувам дека Бугарија ќе направи конкретен, прецизен чекор. Имаме успеси со наоѓањето решенија за многу историски личности. Мора да водиме грижа за двете страни за да постигнеме компромис. Сакам да потврдам дека меѓусебното разбирање нѐ носи на она што го имаме, а е реалност, факт е дека имаме заедничка историја, ако бидеме паметни со фокус кон иднината можеме заедничката историја да ја искористиме како убава можност за да постигнеме компромис – рече Заев.

Не е време за неинформираност, ниту за недоветност

Сомнежите во македонската јавност за „неинформираноста“ на македонските официјални политичари за предложените компромиси од Брисел, во голема мера имаат основа во нивното слично однесување при претходните опструктивни чекори пред ЕУ, од страна на Бугарија, како анекс-декларацијата во март на одлуката за отворање преговори за членство на Македонија во ЕУ, но и кога беше испратен објаснувачкиот меморандум во септември до земјите-членки на ЕУ. Треба да биде кристално јасно дека опцијата што ја отвора „бугарскиот компромис“ на ЕУ за Македонија, претставува целосно прифаќање на бугарските уцени и конечно самопонишување на македонската нација, автентичната историја и посебноста на македонскиот јазик.
– ЕУ не може и не смее да биде организација на заборавот, која ќе пречкрта сѐ што не им се допаѓа во историјата на нејзините земји-членки. Ако е вистинита информацијата за т.н. „бугарски компромис“ во ЕУ, за наводно одблокирање на македонските преговори за членство во ЕУ, тоа многу личи на политиката на Хитлер, на сите негови сојузници во неговиот „нов поредок“ да им го даде она што го посакувале, задоволувајќи им ги територијалните аспирации. Со таквиот „компромис“ ЕУ всушност ја поддржува политизираната историја, а не историјата на факти. Само со искрен приод кон историските факти, може да се постигне праведност и одржливост на современите политики. Менувањето на историјата се враќа како бумеранг – вели историчарот Тодор Чепреганов, кој категорично истакнува дека формулацијата „заедничка историја“ со Бугарија е погрешен пристап за компромис, зашто е невистинита.

– Ако се прифати решението „заедничка историја“, тоа значи дека ние треба да ги отфрлиме досегашните македонски историски учебници и да ги прифатиме бугарските учебници. Ќе треба да прифатиме историски ликови и настани (како хан Аспарух, нивните револуционер Левски, Христо Ботев), кои ништо не значат во македонската колективна меморија. Уште пострашно, се чини ќе треба да прифатиме дека антифашистичкото движење во НОБ било граѓанска војна во Втората светска војна, дека Македонците самите си ги направиле злосторствата врз себе и дека се одговорни за погромот на 7.000 македонски Евреи… Евентуалната заедничка историја на Македонија и Бугарија е историја на окупација во Балканските војни и Втората светска војна, кога биле на спротивни страни на историјата. Политизираната историја, води кон вакви первертирани и апсурдни позиции, кои ако ЕУ ги прифати, ќе си ги поткопа сопствените темели – вели историчарот Тодор Чепреганов.

Замижувањето преднационализмот и кршењена меѓународното правово сопствените редови

Речиси паралелно со текот на македонско-бугарските превирања, германскиот министер за надворешни работи, Хајко Маас, на онлајн меѓународната конференција „Младите, миграцијата и демографскиот предизвик на Западен Балкан“, изјавува дека „во земји што сакаат да влезат во ЕУ, нема простор за националистичка пропаганда, за негирање воени злосторства или за величање воени злосторници“. Притоа, изјавата на Маас е во контекст на 25-годишнината од Дејтонскиот договор, со кој беше прекинат воениот конфликт по распадот на поранешна Југославија, за кој во ЕУ е доминантен наративот дека е предизвикан исклучиво од разгорување на национализмот. Но ваквите изјави на европските политичари, од друга страна, пак, го истакнуваат замижувањето пред „национализмот во сопствените редови“, дозволувајќи Бугарија како нејзина членка од националистички позиции, па дури обидувајќи се и да ги избрише петната од сопственото минато, да ја уценува Македонија во евроинтеграциите. Однесувањето на ЕУ во македонско-бугарските односи, со ставот на привидно „немешање“, остава впечаток на двојни стандарди за национализмот, кој се толерира кај земјите-членки, а е непримерен за земјите-кандидатки.

– Лицемерно е од ЕУ нашиот патриотизам да го квалификуваат како национализам, а да се толерираат дрските националистички аспирации спрема Македонија од земја-членка, како Бугарија. Тоа наведува на впечатокот дека ЕУ поддржува двостепена (историска) правда спрема земјите-членки и земјите-кандидатки. Ограничувајќи ни го правото да бидеме патриоти, како да сакаат да си ги избришат своите историски петна. Очигледно, Бугарија е во офанзива да си ги легализира сопствените историски фалсификати, преку ЕУ, а Унијата тоа го толерира. Загрижувачки е што целиот овој процес ги влошува и односите меѓу народите во двете земји, што е сосема спротивно од смислата на добрососедството. Тие меѓународни договори и покрај тоа што се спроведуваат политички, нивната смисла е зближување на народите. А овој договор за добрососедство со Бугарија веќе е толку компромитиран, што кај македонскиот народ (дури и кај оние досега аполитичните), на него гледа во негативен контекст.

Одговорноста на артикулирање став за меѓусоседската политика кај нашите политичари е голема, но тие како премногу да се трудат да не ги изнервираат Бугарите – вели поранешната амбасадорка на Македонија, Мелпомени Корнети. Онака како што ги поставува работите официјална Софија пред ЕУ, тоа само значи создавање суштествени пречки за добрососедство! Унијата практично ја тера Македонија да чекори кон интеграција, но како народ без корен, без историја и традиција на постоење, да се „интегрира“ како новосоздадена држава и нација?! Тоа е истиот рецепт со кој истата Унија нѐ натера со еден друг добрососедски договор (со Грција) да се откажеме од античкото минато, историја и Македонци, а сега истото го прави за нашето поблиско минато, прифаќајќи и фиксирајќи ги токму бугарските точки како наша почетна за постанок на нацијата?! Кој ќе му го каже тоа на македонскиот народ?, велат нашите соговорници.