Во очекување на партиските понуди, граѓаните сепак ќе го имаат последниот збор - Фото: Игор Бансколиев

ПОЛИТИЧКО ПРОФИЛИРАЊЕ НА ТРИ ТИПА КАНДИДАТИ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛСКАТА ТРКА

Во исчекување на одлуката кој ќе биде консензуалниот кандидат на владејачката коалиција за претседателските избори напролет се вжештува и политичката клима во државата како и можните комбинаторики за евентуално влијание одземање, додавање или прелевање на гласовите на контото на некој од претендентите во трката. Така, во политичките кругови веќе се прават калкулации дали и колку кандидатот на партиите Беса и Алијанса за Албанците може да им ги помеша сметките на крупните политички коалиции предводени од СДСМ и од ВМРО, односно дали кандидатот Албанец може да влијае врз концептот на консензуален кандидат, кој првично уште пред неколку години беше наметнат од ДУИ, и потоа прифатен и од СДСМ. Токму овие дилеми се актуелни деновиве во пресрет на пролетните претседателски избори и наспроти актуелните калкулации од владејачкиот табор за избор на претседателски кандидат, но и кандидатурата на поранешниот амбасадор и универзитетски професор Блерим Река.

Професорот Река вели дека една од причините за неговата кандидатура е тоа што досега имало само кандидати Македонци, без ниту еден Албанец со што ова мултиетничко општество ризикувало да се претвори во моноетничко општество, а Албанците во државата биле користени само како гласачи, но не и оние за кои ќе се гласа.

Во меѓувреме, во аналитичките кругови со внимание се следат актуелните случувања. Експертите коментираат дека сѐ уште не може да се изврши точна процена каков ќе биде ефектот од трката на професорот Река врз гласовите на консензуален кандидат од владејачката коалиција и како ќе влијае тоа врз кандидатот на опозицијата, професорката Гордана Силјановска, која иако е избрана и поддржана од ВМРО, тврди дека е натпартиски кандидат.

Публицистот и аналитичар, Роберт Несими, смета дека терминот „консензуален претседател“ е сосема измислен збор.
Тој оценува дека ДУИ и СДСМ свесно влегуваат во игри со таков вокабулар, бидејќи ДУИ не се осмелува да ги мери силите со опозицијата, како и поради страв на СДСМ сам да се соочи со ВМРО-ДПМНЕ.
– Што се однесува до изборите, мислам дека и власта и опозицијата се прекомотни во нивните прогнози за апсолутни победи. Очекувам тесна битка и мала разлика во гласови во првиот круг, како и солиден број гласови за кандидатот на албанската опозиција. Во вториот круг ќе биде предизвик да се постигне потребниот цензус од 40 проценти поради нискиот одзив на Албанците, а уште повеќе во случај на бојкот од страна на опозицијата – прогнозира Несими.

Политичкиот аналитичар Насер Зибери во врска со актуелните случувања смета дека универзитетскиот професор и поранешен амбасадор, Блерим Река, кој влегува во трката за претседател на државата како натпартиски кандидат поддржан од Алијансата за Албанците и од Беса нема да може многу да влијае на конечниот исход на изборите.
– Јас верувам дека професорот Река нема да може многу да влијае на изборите резултати бидејќи тој скоро со сигурност нема да го премине прагот и да влезе во вториот круг на изборите. Она што сепак ќе биде одлучувачки е како тој квантум на гласови на Река понатаму ќе се прелее врз кандидатите, кои ќе го минат првиот круг односно кого овие гласачи ќе поддржат од кандидатите на коалициите предводени од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, кои со сигурност ќе се борат на изборите во втората етапа – вели Зибери.

Познавачот на случувањата истакнува дека улогата на кандидатот на Беса и на Алијансата за Албанците ќе има можност на терен да ги провери политичките сили, кој или која партија колку вреди меѓу гласачите.

Новинарот Сашко Ордановски во врска со изборот на кандидат на владејачката коалиција, смета дека врската на ДУИ со двете најголеми партии во македонскиот блок била перверзна.
Во колумната насловена „Заеднички кандидат само на хартија“ Ордановски пишува дека откако СДСМ и ДУИ се откажале од консензуален и преминале на настап со заеднички кандидат, немало гаранции дека албанската партија ќе се држи до тој договор со некоја голема предаденост.

– Кога и еден Талат Џафери можеше на толку очигледен и невешт начин да одигра за спас на пратеничкиот имунитет на Трајко Вељановски, тогаш во оваа коалиција навистина сè е можно – смета Ордановски.
Тој заклучува дека се осмелил да тврди дека на овие претседателски избори на ДУИ повеќе му одговара да победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, одошто на СДСМ, под услов „вината“ за тоа да не падне врз нив.

– Тоа би го ослабело СДСМ, што е стратегиската цел на ДУИ во која било мината и идна фаза од соработката со СДСМ, бидејќи таквиот СДСМ помалку привлекува „албански“ гласови од оние за кои ДУИ смета дека се нејзини. Во таа логика има и математика според која ниту СДСМ ниту ВМРО-ДПМНЕ не треба да се пресилни, бидејќи ќе дојдат во ситуација да можат да направат следна власт и со некој помал коалициски партнер од албанскиот блок, а не со ДУИ, иако поради начинот на кој континуирано се топи поддршката за ДУИ, наскоро и самите би можеле да станат „помал коалициски партнер“ за која било идна влада. А проблемот со ДУИ е токму во тоа: останат ли надвор од власта, останаа надвор од причината за своето постоење – резимира Ордановски.

Во меѓувреме, неодамна во изјава за „Нова Македонија“ еден од кандидатите на СДСМ за претседател на државата aмбасадорот Ѓорги Филипов изјави дека тој себеси се гледа како консензуален кандидат.
– Јас не сум партиски кандидат, односно не припаѓам во редовите на ниту една партија. Но во огласот на СДСМ, препознав дека моите принципи и визија за развојот на Република Македонија се совпаѓаат со оние критериуми што беа наведени таму – истакна амбасадорот Филипов.