Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ако епидемиолошката состојба се промени, може да се донесе одлука наставата од петто до деветто одделение да се спроведе со учење од далечина, а пак, третата алтернатива предвидува враќање на сите ученици во училиштата под здравствени протоколи, но со ротација на групи ученици, така што една група е во училиште со физичко присуство, додека друга следи настава онлајн

Можни сценарија за претстојната учебна година

Министерството за образование и наука се подготвува од први септември сите ученици да се вратат во училишните клупи, во согласност со усвоените протоколи за заштита од ковид-19. Протоколите и планот веќе се усвоени од Владата.

Три сценарија

Во игра се три сценарија што може да се случат од септември. Првото е ова со физичко присуство во училница, со цел да се обезбеди континуитет на наставата, но и заштита на здравјето на учениците, наставниците и родителите. Ако епидемиолошката состојба се промени, може да се донесе одлука наставата од петто до деветто одделение да се спроведе со учење од далечина, а пак, третата алтернатива предвидува враќање на сите ученици во училиштата под здравствени протоколи, но со ротација на групи ученици, така што една група е во училиште со физичко присуство, додека друга следи настава онлајн.
– Новата учебна година ќе започне со физичко присуство за сите ученици. Тоа е и најпосакувано сценарио. Секако, наставата ќе се одвива со усвоени протоколи, носење маски, проветрување и мерење на температурата – рече неодамна министерката Мила Царовска.

Групата „Поддршка за онлјан настава“
со различни размислувања од МОН

По најавите за враќање во училишните клупи, реагираат членовите на поголема неформална група сочинета на социјалните мрежи, наречена „Поддршка за онлјан настава“, кои веќе испратиле неколку барања до МОН.
– Во првото полугодие бараме да остане можноста родителите да одлучат за своите деца следење на настава со физичко присуство или следење на наставата онлајн. Со ова ќе се растовари бројот на ученици со физичко присуство и ќе биде возможно во една смена наставниците да предаваат со физичко присуство, а за другите ученици што се решиле за онлајн настава или да ги снимат своите предавања за време на часот и да им ги достават со линк, или да им предаваат директно онлајн од училница како што беше оваа година.
Наставниците што поради кои било причини не можат да се вакцинираат и имаат здравствени проблеми, исто така, треба да имаат опција да изберат да предаваат онлајн. Оваа година се уверивме дека тие одлично можат да го направат тоа. Исто така, за сите оние што ќе одат физички на училиште, државата ќе мора да обезбеди бесплатни брзи тестови, кои ќе мора често да се прават (најмалку двапати неделно) со цел да се заштитат соучениците, наставниците и општата популација – наведено е во писмото испратено до надлежните.
Овие барања родителите ги темелат на загриженоста од ширењето на делта-варијантата на ковид-19, за која, како што велат, е само прашање на време кога ќе се прошири и кај нас, бидејќи во преостанатиот дел од Европа епидемиолошката ситуација се влошува како резултат на рапидното ширење на истата таа.
– Земјите како Велика Британија и Израел, кои се далеку пред нас по бројот на вакцинирано население и до месец мај имаа големо намалување на пандемијата, во моментов се соочуваат со зголемени случаи на заразеност од делта-варијантата, и тоа кај учениците што заразата ја шират во училиштата. Поради ова, во овие земји се донесе и одобрение за вакцинирање на деца од 12 до 15 години, иако сѐ уште се неопходни повеќе истражувања за вакцините кај оваа популација, а посебно загрижува што одобрените вакцини „Фајзер“ кај дел од младите вакцинирани адолесценти може да предизвикаат миокардитис и перикардитис. Кон крајот на мај 2021 г., поради зголеменото ширење на зараза од делта-варијантата на ковид-19 во некои од училиштата во Велика Британија, тие повторно беа затворени и ја завршија годината со онлајн настава – стои во писмото.

Сепак делта-сојот на вирусот ги мати сметките

Проф. д-р Драган Даниловски неодамна изјави дека се проценува дека заразноста на делта-сојот е од 40 до 60 отсто поголема од онаа на британскиот сој. Можно е да се донесе овде од некого, но тоа, според професорот, е малку веројатно.
– Сите актуелни вакцини сепак во одредена мера штитат од делта-сојот. Не се знае колку штитат од заразување, па затоа е можно и вакциниран да заболи и да го донесе овде, но сепак мислам дека сепак тоа е релативно мал ризик – смета епидемиологот Даниловски.