Фото: Игор Бансколиев

Досегашното искуство на стегање или на олабавување на мерките покажа дека тоа не даваше секогаш резултати, а често имаше и контраефекти со повторување на нови и поголеми бранови на заразени и починати. Кај нас не воспоставивме критериум за тоа кога по автоматизам рестрикциите би станувале построги, во зависност од движењето на бројките на ниво на општина (како во Германија). Кај нас критериуми останаа тенденциите да не се преполнат болниците и да не пропаднат бизнисите, тврдат епидемиолозите. Но колку ваквиот приод е ефикасен и по која цена?

Кои се вистинските критериуми за целисходна борба против ковид-19

Дали здравствените власти и државните институции ќе повлечат вистински потег при носењето одлука за евентуално ублажување на рестриктивните мерки, за да не се повторат нови поголеми бранови на инфекција од ковид-19, како што имаше случаи во минатото.

Досегашното искуство на стегање и на олабавување на мерките покажа дека тоа не даваше секогаш резултати од здравствен аспект, па дури понекогаш имаше и контраефекти со брзо и нагло ширење на заразата.
Од тие причини јавноста прашува кога е вистинското време за опуштање и за олабавување на мерките, за да се спречи да се повторуваат нови бранови?
Што е главен аргумент за носење одлука за олабавување, кое е клучното мерило? Во моментов статистиката покажува дека бројот на нови случаи се намалува, но сепак, она што ја загрижува јавноста е високата смртност и од тие причини се прашува дали сега е вистинското време за укинување на рестрикциите. Се наметнува и прашањето кои фактори ја играат главната одлука при носење на решенијата кај здравствените власти? Дотолку повеќе што процентот на имунизација на населението сѐ уште е многу низок, додека бројките на заразени и починати и натаму се доста високи. Израел и некои други земји, на пример, целосно ги олабавија мерките и се вратија во нормала, но таму веќе неколку дена нема ниту еден починат од ковид-19, а исто така многу е низок и процентот на новозаразени. Во таа насока, клучно прашање и потег е кога кај нас би било вистинското време за опуштање и олабавување, со оглед на актуелните околности и состојби со вирусот.

Последниот предлог на Комисијата за заразни болести е полицискиот час следната недела да почнува од 21 часот до 5 часот и да се отворат летните тераси на угостителските објекти. Комисијата ќе го достави предлогот до Владата, а потоа на седница треба да се одлучи за прифаќање.
Со тоа ќе се намали траењето на полицискиот час во целата земја, а угостителите ќе може да служат гости, но само на отворено. Тоа значи дека полициски час, најверојатно, ќе има и за велигденските празници од 21 до 5 часот. Карантин нема да има.
Во изминатите три недели, во нашата земја имаше полициски час од 20 часот и забрана за работење на угостителските објекти.
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека во отсуство на можноста вакцинацијата да одигра позначајна улога во намалувањето на бројките, единствената шанса е во „жонглирање“ со рестриктивните мерки, а при тотално отсуство на подготвеност на луѓето (не сите, се разбира) самите да се стрпат уште малку и да почитуваат мерки на лична заштита.
– Кај нас не воспоставивме критериум за тоа кога по автоматизам рестрикциите би станувале построги, во зависност од движењето на бројките на ниво на општина (како во Германија). Кај нас критериуми останаа тенденциите да не се преполнат болниците и да не пропаднат бизнисите. Така и сега. Попушти притисокот во болниците. Очигледно кафеанџиите вршат притисок. Народов покажа дека единствената смисла на живеењето му е да виси по кафеани. Тоа е нашата реалност.

И тука ништо не се може. Но да се вратиме на бројките. Вчерашната вредност на т.н. подвижен седумдневен просек на нови случаи беше 499, а на смртните случаи 34. Кон крајот на јануари седумдневниот подвижен просек на нови случаи се движеше околу 300, а на умрените околу 10. Ќе беше добро, овие бројки прво да се редуцираат (барем) до ова ниво, па потоа да се релаксираат рестрикциите. За да не ни се случи непријатно изненадување – посочува Даниловски.
За таа цел, епидемиологот посочува дека рестрикциите требало да останат строги барем уште една недела.
Според Венко Филипче, министерот за здравство, состојбата со епидемијата бележи надолен тренд, а мерките дале резултати.
– На состанокот со директорите на ковид-центрите разговаравме за состојбата низ болниците во текот на изминатиот викенд. Значително е намален притисокот за потребни хоспитализации во однос на она што беше пред околу две недели. Одредени одделенија се растоваруваат од обврските за прием на ковид-пациенти и се враќаат во нормала. И покрај тоа што епидемиолошката состојба и состојбата низ болниците се стабилизира, треба исклучително претпазливо да се постапува во деновите што следуваат – посочува Филипче.
Сепак, посочува дека искуството ни покажало дека таа многу брзо може да се дестабилизира доколку не се почитуваат мерките.

– Пред нас следуваат празници, слободни денови и убаво време. Да ги искористиме одговорно, да не се групираме и да не ги кршиме мерките за заштита. Има многу начини да поминеме квалитетно време во кругот на семејството и најблиските, а да останеме заштитени од вирусот – вели тој.
Додава дека веќе следната недела пристигнуваат поголеми количества вакцини, со што ќе се подигнат капацитетите за вакцинација на максимум.
– Ве уверувам дека брзо и ефикасно ќе вакцинираме за што побрзо граѓаните да стекнат имунитет. Од вас единствено барам почитување на јасно пропишаните мерки, кои ќе нѐ заштитат од евентуален нов бран по празниците – заклучува Филипче.

[email protected]