Во услови кога постојано однадвор се атакува врз нашите идентитетски обележја, се наметнува дилемата каков да биде македонскиот противодговор. Експертите, дипломатите и правниците имаат интересни и различни согледувања

Собранискиот Национален совет за евроинтеграции на својата прва седница договори власта и опозицијата, претставници на бизнис-секторот и граѓанското општество заедно да работат во насока на зачленување на Македонија во ЕУ.
Членството на Македонија во ЕУ е заложба уште од осамостојувањето на државата и тоа е предвидено и во програмите на сите политички субјекти во државата. Но наспроти сите овие декларативни заложби, домашните политичари во изминативе три децении не смогнаа сили да донесат некаков обврзувачки документ или декларација со која ќе ги забетонираат позициите во поглед на идентитетот, јазикот и историјата на македонскиот народ, иако во меѓувреме се носеа одлуки во делот на надворешната политика, со кои се загрозија основните атрибути на македонскиот народ.
Од тие причини се наметнува дилемата дали во услови кога постојно однадвор се атакува врз нашите идентитетски обележја, најново и со блокадата и уцените што доаѓаат од странана Бугарија, не требаше пратениците во Собранието да изгласаат некаква декларација или документ што ќе биде обврзувачки за сите политички чинители во земјава и од што нема да можат да се прават никакви отстапки кон никого.

Токму непостоењето документ во кој ќе се утврдеше македонската позицијата во врска со името, идентитетот, јазикот и историјата, а сето тоа депонирано и во Обединетите нации и доставено до Европската Унија, ја стави земјава во подредена улога во спорот со Грција, која иако на почетокот бараше само да се направи додавка на уставното име од типот „Република Македонија (Скопје)“ што би се користело само за надворешна употреба, успеа да издејствува географска одредница на уставното име за севкупна употреба, преименување на сите институции во земјава што го носат предзнакот македонски, промена на идентитетот, како и интервенции во историјата.
Сега на Македонија истото сценарио ѝ се повторува и со Бугарија. Во моментот кога бугарското народно собрание изгласа декларација со која не ги признава македонскиот народ, јазик и историја, македонското собрание не одговори со идентичен документ, во кој ќе истакнеше дека името, идентитетот, јазикот и историјата се утврдени и за нив никој нема право да преговара.
Со еден таков заеднички документ донесен во македонското собрание и изгласан со мнозинство гласови и од власта и од опозицијата ќе се избегнеа постојаните меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата за национални предавства, немаше да има потреба од никакви тајни преговарачи и посредници, а разговорите ќе беа потранспарентни, конструктивни и без простор за уцени.
Познавачите на состојбите сметаат дека доколку и македонското собрание навреме имаше изгласано ваква декларација, сега земјата немаше да биде доведена во позиција на целосно разнебитување, но дел од нив сметаат и дека доволно ќе беше само да се почитува Уставот.

– Потребно е итно Собранието да донесе некаков документ што ќе има сериозна тежина. Изјавите сами по себе ништо не решаваат, туку документите. Во Собранието треба концизен став да се заземе и тој став да се преточи во документ што јасно и гласно ќе биде соопштен и во Брисел – е ставот на поранешниот дипломат Драган Јањатов.
Според него, Собранието е местото во кое се потврдува што сакаме, а што не сакаме и тоа треба да му се каже на Брисел.
Поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, смета дека македонскиот устав е документот и декларацијата од кои не треба да се отстапува.
– Уставот е нашата најголема декларација и во него стојат сите работи околу нашата државност и нема никакви потреби од други декларации. Во Бугарија си имаат државни проблеми и затоа носеа некакви декларации. Македонците имаат право да си го викаат јазикот како што сакаат и никој друг нема право да се меша во тоа. Бугарија тера друга политика, не толку за јазикот, идентитетот и историјата, колку за тоа како економски да завладеат со Македонија. Тоа е политичка уцена за економска зависност од нив. Тоа е нивната заднина и заднината на нивната декларација – смета Андов.
Со сличен став е и поранешниот пратеник во првиот парламентарен состав Тодор Петров, според кого членовите на Владата и на Собранието се должни да ги почитуваат уставноста и законитоста.

– Во Уставот и законите се одговорите на сите дилеми и без дополнителни декларации во Владата или Собранието. Ако продажбата на државна тајна е предавство, продажбата на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата Македонија претставува најтешко кривично дело велепредавството, геноцид врз македонскиот народ и злосторство против човештвото, кое не застарува. Одговорноста е на Владата и на Собранието да ги почитуваат Уставот, законите и одлуките на референдум на народот – вели Петров.
Од своја страна, универзитетскиот професор Борче Давитковски смета дека никакви декларации нема да помогнат ако големите сили решат да ја истераат работата онака како што тие решиле.
– Во преговарање, особено кога се странците вклучени, тие не водат сметка ниту за наша, ниту, пак, за бугарска декларација. Што ќе кажат тие, тоа ќе биде. Тоа е вообичаена работа, а декларациите се замачкување очи на домашната јавност – вели Давитковски.
Според него, најдобро е да дојдат олеснувачи што на Бугарија ќе ѝ кажат дека стратегиски интерес е Македонија да влезе во ЕУ и да се заврши целата работа.