Фото: Маја Јаневска-Илиева

Експертите по шумарство предупредуваат дека состојбата со сечата на дрвјата во Македонија е алармантна, а енергетската криза годинава само дополнително ќе ги влоши состојбите на терен. Има случаи и каде што дрвокрадци од соседните земји навлегуваат на нашата територија и ги пустошат шумите. Сето тоа ќе придонесе шумскиот фонд да претрпи огромни штети, кои многу тешко се поправаат

Сѐ погласните најави дека енергетската криза силно ќе ја зафати Македонија предизвикаа цените за огревното дрво на пазарот да пораснат, а тоа иницира и стравување дека нашите шуми може да се соочат со голема сеча.
Граѓаните на социјалните мрежи информираат дека цените на огревното дрво периодов пораснале за 500 денари по кубен метар и сега изнесуваат околу 4.000 денари за еден кубен метар огревно дрво.
Најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), пак, покажуваат дека огревното дрво останува главниот енергент што граѓаните го користат за затоплување на нивните домови во грејната сезона.
Дури 49,18 отсто од домаќинствата во земјава ги затоплуваат домовите со огревно дрво или дрво од овошни насади, се наведува во публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата“, која ја објави ДЗС.
Споредбено со другите агрегати што Македонците ги користат за загревање на домовите во пресрет на грејната сезона, според ДЗС, на второ место е електричната енергија, која ја користат 31,3 отсто од македонските домаќинства. На централно парно греење се затоплуваат 10,25 отсто од објектите за домување, додека дрвените брикети и пелети како енергент ги користат 8,49 отсто од домаќинствата во текот на зимските месеци.

Според извештајот на „Глобал форест воч“, над 35 илјади хектари шума се загубени во Македонија во последните 17 години, поради бесправна и прекумерна планска сеча на дрвја. Процените на оваа меѓународна организација за нашата земја велат дека шумската мафија заработува и до 25 милиони евра годишно од нелегалното сечење дрвја. Според „Глобал форест воч“, службената одговорност во МВР и во Македонски шуми во однос на опустошувањето на шумскиот фонд досега е мала или ја нема.
Од друга страна, летово пожарите на големо пеплосаа неколку региони и уништија илјадници хектари шума и истовремено предизвикаа ненадоместлива штета за „Национални шуми“.
Според „Македонски шуми“, поради пожарите што ги имавме во изминатите две години, штетата од нив се проценува дека изнесува околу 14 милиони евра, а за обнова на опожарената површина ќе бидат потребни 50 години.
Директорката на „Национални шуми“, Јулијана Николова, вели дека нивна работа, освен пошумувањето, е со одгледни мерки да создадат услови за шумите природно да се обновуваат.
– Во природна обнова на шумите спаѓаат прореди, осветлување, затемнување итн. Ние, всушност, создаваме услови шумата сама од себе да се обновува. Кога шумата сама се обновува, многу е подобар квалитетот на таа шума. Нашите екипи ги овозможуваат сите услови за да може шумата природно да се обнови и во тој дел посветуваме многу големо внимание – вели Николова.

Во меѓувреме, универзитетските професори експерти во шумарство со кои се консултиравме истакнуваат дека состојбата со сечата на дрвјата во Македонија е алармантна, а енергетската криза само дополнително ќе ги влоши состојбите на терен.
Универзитетскиот професор Александар Трендафилов вели дека бесправна сеча во Македонија има многу, тоа е долготрајна мака на државата, за која никако не може да се најде успешен лек. Професорот вели дека енергетската криза и зголемената побарувачка на дрва на пазарот годинава само дополнително ќе ги влошат состојбите на терен.
– Бесправна сеча имаме секаде во земјава, бидејќи буквално нема еден регион што не е погоден од овие состојби. Она што е проблематично е што имаме случаи каде што дрвокрадци од соседните земји, како на пример во Дебарскиот Крај, навлегуваат на наша територија и ги пустошат шумите и заминуваат назад во Албанија. Но вакви случаи има и во кумановско Липково на Скопска Црна Гора, но и на Шар Планина. Тоа ќе придонесе шумскиот фонд да претрпи огромни штети, кои многу тешко се поправаат – вели професорот.
Тој истакнува дека заштитата на шумите годинава првпат се најде на меѓународна конференција, на која, освен експерти и еколози, сега седат и политичари.
– Заклучоците од самитот во Глазгов, на кој присуствуваа и македонските државници, се јасна порака дека Македонија треба ригорозно да започне да ги заштитува своите шуми и да ги обновува, особено во годината во која претрпевме големи штети со пожарите и во која се очекува поради недостиг од струја да се зголеми нелегалната сеча на дрвјата – вели професорот.
Сличен став има и професорот од Факултетот за шумарство Николчо Велковски, кој исто така прогнозира дека притисокот врз шумите годинава ќе биде зголемен повеќе од обично, а тоа се должи на предвидувањата дека ќе немаме доволно електрична енергија за затоплување на домаќинствата.

– Цената на огревното дрво, кое го продава државата, не е зголемена, но тоа не важи за приватните продавачи, нормално и за оние што вршат дивосеча на шумите. Кога државата продава огревно дрво, тогаш се кројат планови за 10 години и во тој процес нема опасност да се намали шумскиот фонд на земјата, бидејќи истовремено се засадуваат и нови дрвја. Но проблем се приватните шуми, каде што некогаш не се контролира колку се сече, а најголем проблем се оние шуми што се нападнати од дрвокрадците – вели професорот.
Велковски објаснува дека државата, односно приватниот сектор има своја практика и да увезува и огревно и индустриско дрво.
– Индустриско дрво и дрво за преработка, кога не може индустријата да го задоволи од своите шуми, се увезува од соседна Бугарија, а огревно дрво пак знае да се увезе од Србија. Годинава не може да се предвиди како ќе се развиваат состојбите, но со сигурност се очекува дека секаде шумите ќе бидат под притисок – поентира Велковски.

[email protected]