Откога во пресрет на претседателските избори, кои треба да се одржат напролет, од Државната изборна комисија најавија оти е можно веќе тогаш да се гласа и по електронски пат, експертите и политичките актери се согласни дека тоа би бил вистинскиот пат по кој треба да се движат процесите во државата, иако во овој момент сѐ уште не се уверени дека институциите се подготвени за ваков чекор

Какви придобивки, предности но и негативности, може да донесе електронско гласање, се некои од прашањата што се наметнуваат откога во пресрет на претседателските избори, кои треба да се одржат напролет, од Државната изборна комисија (ДИК) најавија оти е можно веќе тогаш да се гласа и по електронски пат.

Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски објаснува дека електронското гласање е природниот начин по кој се развива и унапредува демократијата во една држава. Електронскиот систем на гласање, според него, е вистинскиот пат по кој треба да се движи државата иако, како што вели, во овој момент сѐ уште не може да се процени дали нашата земја и институциите се подготвени за ваков чекор.

Тој посочува дека со електронско гласање се добива брзо и прецизно пребројување на гласовите, се скратуваат процедурата и временскиот рок на гласањето, но истовремено и многу се заштедува од државниот буџет, кој го плаќаме сите. Стефаноски потсетува дека електронскиот систем за гласање првпат е спроведуван во далечната 1990 година во Холандија и дека системите за е-гласање на различни нивоа (референдуми, локални и претседателски избори) веќе се применуваат во дваесетина земји.

– Ваквиот систем на гласање е можеби најзастапен и активно се практикува кај развиените држави како САД, Канада, Бразил и Венецуела на американскиот континент. Во Азија, Јапонија е земјата што е синоним за ваков тип гласање, а на Стариот Континент електронското гласање се користи во Холандија, Британија, Естонија, Швајцарија, Франција, Ирска и други. На Балканот во оваа смисла донекаде напреднала само Словенија во која е излгасан закон за електронско гласање, но сѐ уште не е комплетно спроведен, така што е-гласањето најчесто се користи само за болните и инвалидизирани лица. Јас верувам дека од многу причини уште долго време на Балканот електронското гласање нема да биде замена за класичното гласање, туку ќе израсне само во една од можностите за гласање на оние лица што во одреден момент, поради разни причини, не можат да им пристапат на избирачките места на денот на изборите. Односно е-гласањето во регионот уште долго ќе се третира само како форма на дополнително гласање, слично на поштенското гласање, кое се практикува во некои земји во светот. Македонија, од друга страна, имаше можност неколкупати во минатото да почне да ги користи модерните технологии во оваа смисла на зборот, но, за жал, или, за среќа, ниту еден од големите политички „играчи“ комплетно не го прифати овој систем ниту пак се обиде да го примени – вели Стефаноски.

Аналитичарот истакнува дека е-гласањето во теорија се врши на сличен начин како она со хартија, но различни земји имаат различни механизми како го спроведуваат тоа. Некаде се користат електронски отпечатоци, некаде паметни телефони, а некаде дури се користат чип или картичка, кои откога ќе се стават во машината за читање, веднаш го праќаат гласот во збирниот компјутер на изборната комисија.

Тој објаснува дека во македонскиот случај, од користењето на модерните технологии во гласањето, најголема придобивка би можеле да имаме при евидентирањето на гласачите преку користење на т.н. електронски отпечаток од прст.

– На овој начин би се прочистил избирачкиот список и би се избегнале гласањата со двојни или тројни идентитети и документи и „фамилијарни“ гласања, но тоа не може да се случи без претходно да се тестира системот, кој не смее да има грешки – додава аналитичарот.

Сепак, иако овој систем има многу предности, Стефаноски оценува оти тој сѐ уште е порозен и недоволно ефективен, а како негативен пример го истакнува последниот избор на претседател во САД, за кој се шпекулира дека бил под влијание на странски држави, кои хакерски ги измениле резултатите од гласањето.

Во меѓувреме, водечките политички партии вчера излегоа со слични ставови во однос на можноста за електронско гласање.

Од владејачкиот СДСМ велат дека најпрво треба да се отворат сите аспекти на едно вакво решение, да се почека да се види предлогот за да може потоа партијата да изгради став и соодветно да го коментира.

– СДСМ и во минатото и сега е политичка партија, која се залага и спроведува слободен, фер и демократски изборен процес во кој гласот на граѓаните е неприкосновен, а тајноста загарантирана. Генерално, предлози за можностите за подобрување на процесите се добредојдени – изјавија оттаму.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека партијата има изграден принципиелен став околу ваквите прашања и дека секој процес што е во правец на ограничување на можностите за злоупотреба на изборните резултати тие го поддржуваат.

– ВМРО-ДПМНЕ силно верува во фактот дека треба да се ограничат сите можности за злоупотреба на резултатите од гласањето, како што ги видовме на претходниот референдум во кој се појавија некој луди Гинисови рекорди на гласањето, па во тој правец истакнуваме дека ги поддржуваме можностите за гарантирање вистински фер и демократски методи на гласање. Но ќе почекаме ДИК да го презентира својот став, а дури потоа ќе коментираме околу него и во јавноста ќе ги изнесеме нашите забелешки доколку постојат – велат од партијата.