Годините минати пред портите на ЕУ, кои се бројат веќе со децении, реалната закана за повторување на долгогодишното вето-сценарио од Грција, овој пат во бугарска изведба, нерасположението на ЕУ за проширување во скора иднина, доведоа до момент во односите меѓу Унијата и Македонија (но и кај другите земји-кандидати) што предизвикува преиспитување на смислата на извештаите на Европската комисија

ОБЈАВЕН ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЗА БАЛКАНОТ

Извештаите на Европската комисија за напредокот на реформскиот процес во шесте земји од Западен Балкан, во Македонија, а и во целиот т.н. западнобалкански регион, се чини веќе не предизвикуваат возбуда, ниту некој позначителен европски ентузијазам. Сепак, Европската комисија уредно го исполнува својот дел од преземените обврски, па еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, вчера пред европратениците од Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент го претстави извештајот во кој се одмерува и оценува реформскиот напредок на сите шест земји вклучени во политиката на проширување на ЕУ на Западен Балкан – од судството, преку економијата, медиумите, човековите права и сите други релевантни области за зачленување во Европската Унија.
Уште пред официјалната презентација, во медиумите веќе се појавија делови од годишниот извештај за Македонија, во кој, генерално, Европската комисија изразува задоволство што земјава продолжува да ги исполнува критериумите за зачленување на ЕУ и што властите покажуваат јасна проевропска ориентација. Се констатира дека „земјата задржа постојан и одлучен тек во напредувањето на ЕУ-реформите и ги зголеми своите напори за испорачување опипливи резултати и натаму“. Потоа во извештајот се истакнува и дека „ЕУ- реформите се процес на долг рок, кој бара постојан ангажман од Владата и од опозицијата, како и од сите општествени чинители“. Освен тоа, Македонија е поздравена во делот на усогласувањето на својата надворешна политика со таа на ЕУ со стапка од 96 отсто, што претставува зголемување од два процентни поени во споредба со 2020 година. Сепак, во овој извештај на ЕК е забележано дека одложувањата на почетокот на преговорите за членство на земјата во ЕУ имаат негативни последици врз кредибилитетот на ЕУ.
– Во март 2020, членовите на Европскиот совет едногласно ја одобрија одлуката да се отворат преговорите за членство со С. Македонија. Одложувањата на официјалниот почеток на преговорите за членство имаат негативни последици врз кредибилитетот на ЕУ – предупредува Европската комисија.

Индиректно лоцирајќи ги причините за одложување на почетокот на преговорите, Европската комисија нагласува дека билатералните прашања меѓу Софија и Скопје мора приоритетно да бидат решени.
– Комисијата со нетрпение очекува и ја истакнува важноста од постојано имплементирање на Договорот од Преспа и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од сите страни. Во согласност со заклучоците на Советот, Комисијата ја продолжува потребната подготвителна работа и очекува првата меѓувладина конференција да се одржи што поскоро, штом ќе се усвои преговарачката рамка од страна на Советот и пред крајот на оваа година – се наведува во годинешниот извештај на Европската комисија за Македонија.
Годините минати пред портите на ЕУ, кои се бројат веќе со децении, реалната закана за повторување на долгогодишното вето-сценарио од Грција, овој пат во бугарска изведба, нерасположението на ЕУ за проширување во скора иднина, доведоа до момент во односите меѓу Унијата и Македонија (но и кај другите земји-кандидати) што предизвикува преиспитување на смислата на извештаите на Европската комисија. Сознанието дека и да бидат исполнети сите реформи и критериуми за членство што ги бара ЕУ, Македонија повторно ќе биде соочена со вето-каприците на соседните земји што се веќе членки на Унијата, го поставува предизвикот за целисходноста на намената од оцените за реформскиот напредок.
– Драстично е забележливо дека кредибилитетот на ЕУ во Македонија е преполовен. Последните анкети на јавното мислење во земјава покажуваат значително намалена демократска побарувачка, под влијание на блокадата од страна на Бугарија за почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Потребата на луѓето за демократски реформи е во опаѓање, односно нема мотивација за ентузијазам во реформските процеси, во насока за забрзување на патот за членство во ЕУ. Во таков контекст, и реформските извештаи на Европската комисија во земјава се перципираат како помалку важни, кои апелираат на реформи што не се одлучувачки за процесот на проширување на Унијата и не се вреднуваат соодветно принципиелно. Застојот во целиот процес на евроинтеграциите на Македонија, а и кај другите земји-кандидати од Западен Балкан, сѐ повеќе ќе ја нагласува таа перцепција за релативизирано значење на извештаите на Европската комисија – вели Марко Трошановски од институтот за демократија „Сосиетас цивилис“.

Доколку и понатаму нема некое позначително поместување во процесот на проширувањето, според Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС, Европската комисија се става во ситуација да испорачува залуден труд и обиди за мотивирачко влијание за реформи, преку извештаите за реформски напредок за земјите -кандидати.
– Долгиот европски пат на Македонија, со толку одложувања на почетокот на преговорите за членство во ЕУ, со толку пречки, сѐ повеќе ги прави бесмислени извештаите на Европската комисија за напредување во реформите. Особено во последните три години, по потпишувањето и спроведувањето на Преспанскиот договор со Грција, кој иако не беше услов според критериумите за проширување на Унијата, секогаш се истакнуваше како услов за задоволување на принципот за консензуално одлучување во ЕУ.

Сега, кога Бугарија прави реприза на случајот со идентитетски уцени за Македонија, ја компромитира вредноста на сите други критериуми и потребата од општествени реформи за членство во Унијата. Од една страна, ЕК во извештаите треба да ја прикаже реалната слика во однос на спроведувањето на реформите, која е сѐ подобра, а тоа ги нема очекуваното влијание и придонес за започнување на преговорите. Реално, без почеток на преговорите на Македонија, веќе нема простор за напредок на некакви реформи, што се забележува во минималните процентни поени на напредок во сите области во изминатите три години. Едноставно, дојдено е до точката ако нема почеток на преговорите, нема веќе што да се реформира за Македонија да направи исчекор кон својата европска иднина – вели Александар Кржаловски од МЦМС.
Според познавачите на процесите во Европската Унија, извештаите на Европската комисија за Македонија во последните години се своевидна метафора на нишање вагон со спуштени завеси, на застанатиот воз на проширувањето, за да создаде привид на движење.