Европската комисија препорача Македонија да ги почне преговорите за членство во Европската унија, соопшти попладнево на прес-конференција еврокомесарот Јоханес Хан, презентирајќи го извештајот за напредокот на земјата.

Препораката се базира на направената длабока анализа, нагласи Хан. Додаде дека е сторено е многу и тоа треба да биде пофалено, а ЕУ треба соодветно да одговори на тие напори.

– Реформите во јавната администрација борбата против организираниот криминал судството, оценувањето на судиите и обвинителите се видливи, ги гледаме резултатите од тие напори, напомена Хан.

Порача реформите да продолжат – во јавната администрација, борбата со корупцијата и организираниот криминал, а особено во судството. 

Истакна дека политиката за проширување на ЕУ носи резултати, а земјите од Западен Балкан повторно ја потврдиле својата европска иднина. ЕК, како што посочи, за тоа ги награди Македонија и Албанија со препорака за почнување на пристапните преговори.

– Но тука не завршуваат напорите. Имаме уште многу работа. Далеку сме од готов производ, но сме на добар пат. Извештајот е позитивен и оптимистичен за Западен Балкан, но мора да напоменеме дека влезот во ЕУ треба да се заслужи. Важно е да кажеме дека целиот процес се заснова врз постигнатите резултати и секој треба да работи на она што му е дадено како задача, рече Хан.

Додаде дека наскоро ќе бидат видливи и конкретни резултати на Самитот во Софија, каде ќе бидат склучени конкретни договори со цел полесна соработка со ЕУ во неколку области меѓу кои економската соработка и енергетиката. 

Нагласи оти во земјата и регионот е важно да се подобрат условите за инвестиции преку подобрување на економската клима и додаде дека владеењето на правото е мошне важен фактор во таа насока. 

Високата претставничка за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, која вечерва заминува во посета на Тирана, утре на Скопје, а потоа и на Подгорица и Белград, го отвори пресот и напомена дека Западен Балкан е дел од Европа и оти во иднина ќе стане дел од ЕУ.

– Позитивната порака, која Скопје и Тирана ја очекуваа од ЕК дојде, рече Могерини.

Изрази уверување дека земјите од регионот ќе ги спроведат реформите и ќе покажат конкретни резултати, бидејќи, како што рече граѓаните на тие земји тоа го очекуваат од нивните власти. 

Могерини нагласи дека со пакетот за проширување на Унијата ќе се зголемат мирот и стабилноста во регионот, но и во ЕУ, но и ќе се отворат економските можности за земјите-членки и земјите-кандидатки.

Хан доаѓа во посета на Македонија, при што ќе има средба со премирот Зоран Заев, а ќе учествува и на премиерскиот ручек на Дигиталниот самит што во наредните два дена ќе се одржи во Скопје.  

За време на престојот во Скопје Могерини треба да се обрати и пред пратениците во македонскиот Парламент.