Потпретседателката на Европската комисија Вера Јурова најави дека заштитата на фер и слободни избори од лажни вести, дезинформации и од говор на омраза ќе биде меѓу централните точки во планот на активности за заштита на европската демократија што Европската комисија има намера да го донесе до крајот на годинава.

– Заштитата на изборните кампањи од лажни вести ќе биде една од централните точки на акцискиот план за европска демократија што ќе го донесе ЕК до крајот на годинава – рече Јурова, за време на дебатата во Европскиот парламент во понеделникот.
Потпретседателката на ЕК одговори на прашањето на Магдалена Адамович од полската опозициска Граѓанска платформа за тоа што има намера да направи ЕК за да гарантира фер избори, кога во многу земји државните и јавните медиуми водат кампања на дезинформации и говор на омраза во изборните кампањи.

Јурова рече дека ЕК ќе го објави првиот годишен извештај за владеење на правото во сите земји-членки на ЕУ во септември и дека претставниците на ЕК во моментот вршат виртуелни посети на земјите-членки поради коронавирусот, и дека извештајот може да вклучува процена за итните мерки преземени од страна на владите.