Маргаритис Шинас

Европската комисија вчера ја информира јавноста дека по завчерашните заклучоци на министрите за надворешни работи на ЕУ за условен старт на преговори со Македонија и со Албанија, ќе започнат и подготовките за преговорите.
– ЕК сега ја започнува работата на подготовки, како што стои во заклучоците на советот, и ќе продолжи да поддржува опипливи и одржливи резултати, особено во областа на судството, борбата против корупцијата и јавната администрација, кои имаат голем импакт врз секојдневниот живот на граѓаните – рече портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Шинас.

Според завчерашната одлука на Советот на ЕУ, со исполнување на поставените услови, Македонија и Албанија ќе можат да почнат преговори за членство во јуни 2019 година.
По првичните разногласија и различни коментари во јавноста, вчера се огласи и Владата.
– Датумот за почнување пристапни преговори за Македонија со Европската Унија е кристално јасен, а тој е условен и зборуваме за јуни 2019 година – кажа владиниот портпарол Миле Бошњаковски вчера на прес-конференцијата, откако претходната ноќ, премиерот Зоран Заев веста за одлуката во Луксембург ја оквалификува како одлична и кажа дека определениот датум е мотивирачки за Владата.
Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на Твитер изрази задоволство што Албанија и Македонија сепак ќе почнат пристапни преговори за членство во Унијата идната година.

– Мило ми е што Европскиот совет го осветли патот кон проширувањето, особено за Албанија и идната Северна Македонија, по долга дебата. Патот кон отворањето на пристапните преговори во јуни 2019-та е јасен. Клучен сигнал за регионот дека прогресот е награден и круцијален за кредибилитетот на ЕУ – напиша Хан на Твитер.
Инаку, при носењето на одлуката, загриженоста на Франција, Холандија и Данска, кои побарале Скопје и Тирана да спроведат повеќе реформи пред да се усвојат натамошните чекори, ја смирувал дури и шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас.
– Имаше две различни линии. Од една страна мнозинството од 25-те членки, кои сакаат да ги прифатат и отворат преговорите за Северна Македонија и Албанија до летото 2019 година, а од друга страна Данска, Франција и Холандија, кои сакаат да ги одложат преговорите. Јасно објаснив како геополитичката и геостратегиската ситуација во регионот бараат брза разврска, а не одложување, за двете земји. Објаснив дека ситуацијата во овие две земји укажува на потреба за стабилност и безбедност, а не нови проблеми – објаснил тој за грчките медиуми.