Фото: Маја Јаневска-Илиева

Новиот вид вирус што се појави во Велика Британија
предизвика паника во светот

Новиот вид вирус што се појави во Велика Британија предизвика паника, но експертите од ЕУ велат дека сегашните вакцини за коронавирусот се ефикасни и против него. Поради мутацијата на вирусот, многу европски земји ги откажаа летовите од таа земја. Лондон објави дека новиот вид коронавирус се шири за 70 проценти побрзо од претходниот.
– Според она што го знаеме во моментов, а по дискусијата од европските експерти, новиот вид не влијае на вакцините и тие остануваат ефикасни – истакна германскиот министер за здравство Јенс Шпан.
Тој ја истакна ефективноста на вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“, која веќе се користи во САД и во Велика Британија, и се очекува да биде одобрена многу брзо од Европската агенција за лекови (ЕМА).
Германија, која претседава со ЕУ, свика кризен состанок со експерти од различни земји за да го координира одговорот на оваа нова закана од ковид-19. Тоа е Европскиот механизам за кризни ситуации (IPCR) на кој ЕУ му се обраќа во случаи на големи здравствени, еколошки и терористички закани.
Алемка Маркотиќ, директорката на клиниката за инфективни болести „Д-р Фран Михаљевиќ“, исто така, го коментираше новиот вид коронавирус што се појави во Велика Британија. Таа потсети дека од октомври досега се забележани неколку мутации во одредени области во Велс и Западен Лондон.

– Почна да се анализира за што би можело да бидат одговорни овие мутации. Досега е откриено дека еден дел е одговорен за побрзото врзување на вирусот со рецепторите. Ова побрзо и посилно врзување може да доведе до побрзо и поефикасно ширење на вирусот. Вториот значаен дел што го видовме во вториот бран како специфична мутација што може да влијае врз имунолошкиот систем е дека постојат голем број механизми што вирусите се обидуваат да ги направат за да избегнат соодветен имунолошки одговор од телото. Една мутација може да биде одговорна токму за такво нешто – рече Маркотиќ.
Притоа таа додаде дека има сѐ повеќе пациенти со потешки форми на болеста и со потешка пневмонија.
– Се чини дека тоа се претвора во силна имунолошка болест, каде што доаѓа до оштетување на ендотелот, клетките што ги обложуваат сите наши крвни садови – откри Маркотиќ.
Таа објаснува дека се верува оти овие мутации се случиле кај неколку лица чиј имунолошки систем не може соодветно да се бори против вирусот и затоа вирусот има повеќе простор во тој организам.
– Со подолг престој на вирусот во еден организам и неможноста на имунолошкиот систем да се бори против него, постои можност вирусот да развие одредени мутации што му овозможуваат понатамошно приспособување во организмот. Можно е овие варијанти на вирусот да се шират од овие луѓе или само од едно лице – рече Алемка Маркотиќ, додавајќи дека досега нема индикации дека новиот вид коронавирус може да влијае на ефективноста на вакцината против ковид.