Темите поврзани со економските политики спроведени во државата за време на пандемијата, викендов беа искористени за политички преписки и обвинувања меѓу партиите на власта и опозицијата од земјава.

Сѐ започна кога владејачката партија се пофали со економски резултати преку соопштение во кое напомена дека навремените и ефикасни економски мерки и политики на Владата, предводена од СДСМ, даваат позитивни резултати. Тие информираа дека сите економски мерки што ги презеле за време на корона-кризата придонеле последиците да бидат надминати и денес да имаме економија што е стабилна, жива и динамична.
– На крајот на првиот квартал од 2021 година, стапката на невработеност е на најниско историско ниво од 16 отсто. Во исто време, втор квартал по ред се зголемува степенот на вработеност. Сега имаме степен на вработеност од 47,1 отсто, за разлика од крајот на 2020 година, кога изнесуваше 46,8 отсто. Ова покажува дека во текот на првиот квартал од 2021 година кај нас се отворија околу 3.500 нови работни места во време кога светската економија сè уште беше под удар од пандемијата. Бележиме постојан раст на платите и во услови на пандемија. Просечната месечна нето-плата во март 2021 година изнесува 28.217 денари, што е за 6,8 проценти повисока споредено со истиот месец во 2020 година. Раст бележи и индустриското производство, кое во април 2021 година порасна за 46,1 проценти, а растот продолжува со нагорен тренд и наскоро очекуваме да го надминеме нивото од 2019 година. Расте и извозот. Во периодот јануари-април 2021 година, тој е зголемен за 40,7 проценти во споредба со истиот период лани. Следува период на забрзан економски раст, кој ќе го поттикнеме преку Интервентниот пан за инвестиции, во вредност од околу 8,1 милијарди евра за периодот 2021-2027 година – информираа од СДСМ.

Од друга страна, реагираше ВМРО-ДПМНЕ, која, пак, соопшти дека економските политики на СДСМ донеле најголема невработеност и највисок јавен долг во историјата на Македонија.
– Со „успешните“ економски политики на СДСМ, над 60.000 граѓани останаа без работа. Со „успешните“ економски политики на СДСМ, околу 6.200 фирми се затворија, а над 500.000 граѓани денот го преживуваат со 2 евра. Помошта не стигна кај народот и фирмите. Владата на СДСМ вети 850 милиони евра помош, а реализира не повеќе од 350 милиони евра. Сѐ заврши како поткуп пред избори и без позначаен ефект при заживување на економијата. Наместо 500 евра плата, која ја ветуваше СДСМ, денес граѓаните добија по 3.500 евра долг.

А, само со новиот ребаланс Владата ќе го задолжи секое семејство во Македонија со нови дополнителни 500 евра. Со ребалансот се предвидува и нова давачка, а тоа е поскапување на дизел-горивата за речиси 4 денари, што ќе биде директен удар за сите граѓани, а особено за земјоделците и транспортерите, што ќе предизвика ценовен шок и нов бран поскапувања на сите производи – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека народот ќе плаќа за да го покрие криминалот на власта, бидејќи 54 милиони евра пари од граѓаните секоја година ќе се собираат со новиот данок на Заев на дизелот.