Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вработувањето по етнички клуч во приватниот сектор
како повод

Дали припадноста на одреден етнички ентитет по автоматизам го вклучува со себе и пакетот на знаење, на вештини за работа, на посветеност, на компетентност, на создавање конкурентни добра на пазарот? Дали името на системот за вреднување на способностите кај работникот во пазарната економија се вика „етнички клуч“? Дали вредносниот систем во пазарното стопанство го вклучува етничкиот клуч како суштински, во контекст на одржлив економски раст и сигурен прогрес? Колку е исправна иницијативата за воведување етнички клуч при вработување на лицата во приватниот сектор и дали зад тоа треба да се открие дека всушност припадноста на одреден ентитет крие „професионална способност, квалитет и потенцијал за навремено и добро извршување на работните обврски“ или, пак, доволен одговор дадоа резултатите од вработувањата по етнички клуч во администрацијата?

Овие дилеми се актуелни во домашната јавност откога вицепремиерот за политички систем, Артан Груби, најави дека Владата ќе субвенционира приватни фирми за да вработуваат припадници на малцинските заедници.

Дилемите на универзитетските професори

Преставниците на бизнис-заедницата и универзитетските професори со кои се консултиравме велат дека последната најава за практикување на етничкиот клуч во вработувањата на приватниот сектор е чиста бесмислица и лапсус.
Професорот по уставно право Борче Давитковски вели дека најавата за етничкиот клуч, најверојатно, е некој лапсус и нема никаква логика ниту шанса да започне и да се применува при вработувањата во приватниот сектор.
– Вработувањата по таканаречениот етнички клуч имаа логика единствено при применувањето на рамковниот договор, но првично и единствено во јавниот сектор, односно во деловите на државната администрација, каде што на помалите заедници што живеат во државата би им се овозможиле практикувања на нивните права во државните институции. Тука завршува оваа етничка заложба и таа не може да се употребува на ниту едно друго место – вели професорот.
Според професорот, актуелните случувања немаат никаква правна ниту бизнис-логика.
– Ако идете во слаткарница да купите тулумба, вие ја купувате бидејќи ви се допаднала, а истовремено ви е гајле кој ја направил и од каква националност бил. Едноставно добра тулумба е тулумба и ништо повеќе – резимира Давитковски.
Професорот на Економскиот факултет Ванчо Узунов вели дека последните информации за владини субвенции поврзани со етнички клуч за вработувања во приватниот сектор се чисти бесмислици и економски апсурд.
– Најпрво морам да истакнам дека, во услови кога имаме висока невработеност, субвенционирањето за вработување во приватниот сектор е оправдано, но само до одредена граница. Но кога збориме за субвенции што во себе имаат каков било вид дискриминација, верска, расна, етничка, полова односно како актуелната најава, апсолутно се неприфатливи да бидат практикувани во земјава – вели професорот.
Според Узунов, приватниот сектор е оној што самиот одлучува кој и колку луѓе ќе вработи, таму кадрите се избираат врз основа на нивната професионална заднина и способност во работата, каде што етничкиот клуч не игра никаква улога.
Професорот резимира дека актуелните настани се само обид за собирање политички поени од гласачите на една партија и тие не би требало сериозно да се сфатат бидејќи и предлагачите знаат дека актуелните заложби за субвенции се во спротивен правец од оние заложби на државата за евроатлантска иднина.
– Ако навистина оваа политика се обиде да се спроведува во практика и прерасне во нешто повеќе од најава, јас верувам дека тука многу остро и негативно ќе реагира меѓународната заедница, особено во време кога државата влегува во забрзано темпо за членство во ЕУ – вели професорот.

И бизнис-заедницата со прашалници

Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, вели дека ако говориме за оваа проблематика, пред сѐ, треба да ги познаваме Уставот на државата, Законот за работните односи и главно сите други закони во земјата што ги регулираат односите во бизнисот, економијата и слично.
– Ваквата изјава е класично непознавање на нашето општество и држава и сето кажано за субвенции за вработувања во приватни компании под етнички клуч, е спротивно од граѓанскиот концепт кон кој се стреми Македонија – вели Бошков.
Според него, овој последен предлог е очигледно лош пример на почитување на концептот на еднакво општество за сите бидејќи тој во себе содржи дискриминаторски норми, кои подразбираат различни права за различни граѓани, единствено поради нивната етничка припадност.
– Кога се вработува во приватниот сектор, во фокусот на дејствувањето е единствено ангажирање луѓе што имаат соодветна професионална квалификација и ништо повеќе. Според законите, а главно и според правилата на нашата организација, кога се вработува личност во приватниот сектор не му се поставуваат прашања поврзани со националната припадност, верската, расната или половата на кандидатот за работното место, па дури не се прашува ниту за брачниот статус – објаснува Бошков.
Тој запрашува дали со овој предлог, од друга страна, пак, се наметнува уште една дилема, со која се прашува, пак, дали во иднина компаниите што се раководени или каде што се сопственици луѓе од помалите етнички заедници во земјава ќе мораат да вработат над 80 проценти од своите вработени од профилот на најмногуборјната етничка заедница во државата, а тоа се Македонците.
Слично размислува и Неби Хоџа, претседател на Комората на Северозападна Македонија, кој во изјава за медиумите истакна дека оваа влада и сите влади треба да бидат насочени во професионални кадри, ефикасни, кои ќе придонесат за економскиот раст.
– Нормално, етникумите треба да се испочитуваат, но кога се во прашање економскиот раст и просперитет, треба да бидат луѓе што ќе бидат експерти од тие области за да можеме сите заеднички да се движиме напред – изјави Хоџа.

[email protected]