Фото: Игор Бансколиев

Потребата за промена на Изборниот законик во насока на менување на моделот од шест изборни единици во една, како и воведување на можноста за отворени изборни листи, е нешто што со години се повторува како иницијатива во македонскиот политички амбиент, но досега без опипливи резултати

Предизборна РЕТОРИКА ШТО СЕ ПОВТОРУВА ПОВЕЌЕ ОД 15 ГОДИНИ

Одбиениот предлог, односно негативното мислење на Владата за предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, поднесен од пратениците од помалите парламентарни партии (ЛДП, Демократски сојуз, ДОМ, Левица, ВМРО-НП…), ги засилува впечатокот и процените дека идејата за една изборна единица во Македонија пак се одложува на неодредено време. Аргументите на Владата за изразување на негативното мислење за предлог-законот на малите партии се „дека во рамките на Министерството за правда веќе е формирана интердисциплинарна работна група, составена од релевантни државни органи, претставници на науката, на ДИК, ДКСК, ДЗР, АВМУ, голем број претставници на НВО и претставници на неколку парламентарни политички партии, која работи врз изработката на целосно нов изборен законик“. Во владиното мислење, потпишано од вицепремиерот Артан Груби, се упатува доставениот предлог да биде разгледан од работната група за изработка на Изборниот законик, со цел тој да биде предмет на поширока дискусија помеѓу струката и политиката, а конечниот предлог за измени на Изборниот законик, да биде резултат на сеопфатен инклузивен и консултативен процес, за гарантирање на правната сигурност.
Потребата за промена на Изборниот законик во насока на менување на моделот од шест изборни единици во една, како и воведување на можноста за отворени изборни листи, е нешто што веќе подолго време постои како иницијатива во македонскиот политички амбиент.

И во претходниот парламентарен состав почнаа и одредени дебати во Собранието, по барање од тогашните пратеници од помалите парламентарни партии, но таквиот процес сепак не се ефектуира со конкретен резултат за последните парламентарни избори. На почетокот на својот мандат во Министерството за правда, во септември 2020, министерот Бојан Маричиќ најави дека за локалните избори во октомври годинава е можно да се постигне политичка согласност за отворени советнички листи и да се гласа со преференцијални гласови. Тогаш, според Маричиќ, тоа требаше да биде чекор напред кон определбата за отворени кандидатски листи и за една изборна единица. Сепак, министерот за правда и тогаш истакна дека иако за носење на изборниот законик и можноста за отворени листи и една изборна единица е потребно апсолутно мнозинство во Собранието, добрата практика укажува дека тој закон треба да биде донесен со консензус.
Во однос на консензусот, идејата за една изборна единица и отворени листи декларативно ја има поддршката од големите партии, владејачката СДСМ (дури и како изборно ветување) и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, додека владејачкиот коалициски партнер ДУИ не крие дека е резервиран, па дури и против оваа идеја. Се претпоставува дека последниот случај со негативното мислење за законот од страна на Владата е резултат на блокада од страна на ДУИ.
Фактот што политичките аналитичари постојано нагласуваат дека актуелниот изборен модел со шест изборни единици е несоодветен изборен модел за Македонија, која е премала земја, со два милиона жители, за толку изборни единици и се губат премногу гласови, очигледно не придонесува за забрзување на процесот за усвојување соодветен изборен модел. По секои избори, аналитичарите укажуваат дека колку се повеќе изборните единици, толку повеќе гласови одат „фира“. Сегашниот изборен модел не дозволува и вистинска демократија при изборот на народните избраници, односно да се чујат гласот и мислењето на граѓаните и базата. Наместо тоа, селекцијата се прави од партиските врхушки, без да се следи јавниот интерес. Големите партии иако декларативно изјавуваат дека се за промена на изборниот модел, отворени листи и една изборна единица, сепак потајно работат да не се случи тоа.

Според пратеникот Павле Трајанов, лидер на Демократски сојуз и еден од потписниците на предлог-законот за кој Владата даде негативно мислење, тоа е резултат на една крајно непринципиелна коалиција.
– Во досегашните расправи околу предлозите за една изборна единица и пропорционален изборен модел, поголемите партии декларативно даваат поддршка. Но, сепак, не даваат поддршка во исто време и на исто место. Односно, постојано една блокира поради некоја разлика во мислењето или моментален политички интерес, а секогаш се согласни да бараат консензус за менувањето на изборниот модел. Така е и сега. Сега, ДУИ го блокира целиот процес, а негативното мислење на Владата за нашиот предлог-закон (на помалите партии) е повеќе сугестија како да гласаат пратениците на коалицијата СДСМ-ДУИ. Негативното мислење на Владата е резултат на една крајно непринципиелна коалиција. Сепак, законот е во процедура, а поканети сме и да учествуваме во една јавна расправа во организација на Министерството за правда. Процесот за остварување на идејата за една изборна единица, односно менување на Изборниот законик не е блокиран целосно, но се чини повторно се бара начин за негово одложување. Оваа идеја за една изборна единица е присутна во македонскиот политички амбиент речиси петнаесет години – вели пратеникот Павле Трајанов.
Познавачите на македонските политички состојби сметаат дека најсоодветна опција е една изборна единица со изборен праг што реално ќе ја отсликува тежината на гласот на избирачите. Според нив, со ваквиот модел ќе се открие и релевантноста на помалите партии, која е тешко мерлива кога се во коалиција. Тоа е добро и за големите партии, зашто така не мора веќе да бидат уценувани при правењето на коалициите. Сепак, тие сметаат дека за вистинска демократизација, на овој концепт треба да се додадат и отворените изборни листи, со кои ќе им се измерат силите не само на кандидатите од помалите партии туку и на кандидатите внатре во партијата.

Од друга страна, претставниците на помалите партии ценат дека голем дел од гласовите во коалициите предводени од големите партии се должат токму на бројноста на малите коалициски партнери, кои некогаш се и една третина од освоените гласови на изборите. Истовремено, се предупредува дека преминувањето на модел од една изборна единица и отворени листи е комплициран процес, па затоа можеби е подобро ако ваквиот променет систем на гласање прво се примени на локални избори, каде што има помалку кандидати за советничките листи, па реформата може да биде полесна. Но се чини дека по негативното мислење на Владата за предлог-законот на помалите партии, станува неизводлива измената на Изборниот законик до локалните избори, во октомври годинава.