Фото: Маја Јаневска-Илиева

Или имаме држава што навистина може да се фати во костец со предизвиците што се поставуваат пред неа и може да ги исполнува надлежностите и обврските што ѝ се дадени, или треба да кажеме не, ние немаме држава и сакаме да бидеме колонија или нешто слично што некој ќе го издржува. Мораме да најдеме начин да ги искористиме сите капацитети што ги имаме внатре и да се развиваме и менуваме во правецот што сме го испланирале, а кој води кон членство во ЕУ. Мораме да најдеме внатрешни сили. Или зависи од нас, или признаваме дека сме деловно неспособни, истакнува Најчевска

Последното бугарско вето за првата меѓувладина седница меѓу Македонија и Европската Унија повторно го закочи пристапниот процес за земјава, која по решавањето на спорот за името со Грција се надеваше дека конечно ќе ги започне пристапните преговори.
Сепак, прифаќањето на ирационалните барања на Софија за историјата, јазикот и идентитетот станаа нов услов за македонските евроинтеграции, така што реално со право се поставува прашањето дали земјава има поинаква алтернатива доколку повторно со децении остане во чекалницата на Унијата.
По неуспехот да ја убеди Бугарија, германското претседателство повтори дека ќе продолжи да работи на наоѓање решенија и за време на португалското претседателство со Унијата и дека прашање на време е кога Македонија ќе ги започне преговорите за членство во ЕУ и дека нема причина да се бара „план Б“.
– Нема потреба од план Б за С. Македонија, прашањето е само кога и сигурен сум дека ќе се надмине ова. Ова за мене е и лично разочарување, како и за самата канцеларка (Меркел) – изјави Михаил Рот, министер за европски работи на Германија.
За власта, земјава нема друга алтернатива, освен полноправно членство во ЕУ, иако никој нема претстава дали и кога тоа воопшто би се случило.
– Никаква алтернатива на членство не треба да се прифаќа затоа што полноправното членство во ЕУ подразбира да сте дел и од заедничкиот европски пазар – смета претседателот Пендаровски.

На иста линија е и вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров, според кого, би било голема грешка да се напушти патот кон ЕУ.
– Нашиот вистински пораз е ако дигнеме раце или ако толку се фокусираме на ова прашање кон Бугарија, па заборавиме зошто нам ни треба пристапниот процес, а тоа е процес со кој треба Европа да си ја донесеме дома – вели Димитров.
Но она што сега дополнително загрижува е дилемата дали воопшто ќе има мотивација во македонското општество за спроведување на реформите што ги бара Европа, истата таа што ги изневери македонските очекувања без оглед што земјата ги исполни сите услови за почеток на преговорите.
Дополнително, бугарската блокада, која може да потрае со месеци, па и години, може да ја остави Македонија надвор од сите текови, општествено поделена, економски исцрпена, морално осакатена.
Од тие причини постоењето на „план Б“ би било добро, бидејќи на тој начин може да се ослабне и уценувачката позиција од страна на Софија, која знае дека Македонија нема никаква друга алтернатива и дека на крајот ќе прифати сè што ќе биде побарано од неа за да влезе во европското друштво. Во нејзина полза оди и консензуалното одлучување во ЕУ, која и самата сфаќа дека процесот на проширување и со другите земји запира и се претвора во пазар на уцени.

Од друга страна, барањето други алтернативи не значи откажување од европскиот пат, туку паралелен процес што би овозможил подобро позиционирање на државата на политички, економски и на геостратегиски план.
Пример за тоа може да биде Србија, која без оглед што преговара со ЕУ, знае дека за да стане полноправен член на Унијата порано или подоцна ќе мора да го признае Косово, па во меѓувреме за да се зачлени во Евроазиската Унија, го иницира формирањето на малиот шенген со балканските земји, потпиша посебен економски договор со САД, ја продлабочи и економската соработка со Кина, а повремено кокетира и со Русија преку разни енергетски проекти. Паралелно ги продолжува преговорите со ЕУ, без оглед на бавната динамика.
Некои од познавачите на состојбите сметаат дека алтернативите и планот Б единствено треба да се бараат во сопствените капацитети и во реформите дома.
– Ние треба да се завртиме кон себе и да почнеме да се реформираме темелно, онаму каде што сме навистина слаби. Имаме проблем со организиран криминал, со заштита на животната средина, имаме проблем со судството… Ние треба да се промениме поради себе, за ние да живееме подобро – вели Иван Стефановски, извршен директор на „Евротинк“.
Според него, патот кон ЕУ треба да се оди, но во меѓувреме да се завртиме кон нас самите.
– Да комплетираме преговарачка структура, преговарачки тимови, да продолжиме со спроведување на реформите – појаснува Стефановски за евентуалните алтернативи на земјава во контекст на бугарската блокада.

Со сличен став е и универзитетската професорка Мирјана Најчевска, која смета дека план Б, ако веќе земјава планирала да го има, требало да се направи многу порано.
– За план Б требаше да се размислува многу порано. Сега кога целосно се подредивме на одредена идеја, правец и слично, малку е неопортуно и непродуктивно да внесуваме нови алтернативи – вели Најчевска.
Таа додава дека ние самите треба да бидеме алтернативата, да се најде начин сите капацитети што ги имаме внатре да се ангажираат и да се развиваме како држава, без оглед дали почнал преговарачкиот процес со ЕУ.
– Или имаме држава што навистина може да се фати во костец со предизвиците што се поставуваат пред неа и може да ги исполнува надлежностите и обврските што ѝ се дадени, или треба да кажеме не, ние немаме држава и сакаме да бидеме колонија или нешто слично што некој ќе го издржува. Мораме да најдеме начин да ги искористиме сите капацитети што ги имаме внатре и да се развиваме и менуваме во правецот што сме го испланирале, а кој води кон членство во ЕУ. Мораме да најдеме внатрешни сили. Или зависи од нас, или признаваме дека сме деловно неспособни – истакнува Најчевска.