Иницијативите за преземање лидерство во регионот доаѓаат во исто време од различни регионални политичари, што, според упатените, не треба да зачудува бидејќи поради лимитираните дострели во геополитиката, на малите држави им останува само да се обидат да се легитимираат како водечки на регионално ниво, ако сакаат да издејствуваат некакви придобивки

Постои ли тенденција балканските политичари себеси да сакаат да се етаблираат за лидери на регионот и какви придобивки оваа „титула“ носи за нив и за државите што ги претставуваат. На вакви дилеми наведуваат последните изјави на политичарите од Европа и од регионот, особено по минатонеделниот Самит на земјите од Западен Балкан и ЕУ во Софија, Бугарија.
Имено, на самитот му претходеше средбата на германската канцеларка Ангела Меркел со бугарскиот премиер Бојко Борисов во Ахен, кога тие разговарале за подготовките за настанот, при што Меркел, како што јави БТА, оценила дека за време на претседавањето на Бугарија со ЕУ, Борисов се истакнал како регионален лидер постигнувајќи успех во приближувањето на земјите од регионот на Западен Балкан кон ЕУ.

– Темата Западен Балкан не беше лесен приоритет, но ти, Бојко, се справи прекрасно со неа и треба да продолжиш да бидеш медијатор по ова прашање – изјавила Меркел.
Но проблемот е во тоа што во меѓувреме слични амбиции покажуваат и преостанатите лидери на државите од регионот.
Во тој контекст, интересна е и аспирацијата на словенечкото раководство, кое управува со можеби економски најразвиената држава на Балканот, тоа себеси да се наметне за водач на балканските земји.
Во интервју за „Нова Македонија“, словенечкиот амбасадор Милан Јазбец истакна дека во Македонија многу ѝ се верува на Словенија, како од страна на обичните луѓе така и од страна на функционерите.

– Тоа носи одговорност, и честа на дипломатскиот број 01 на регистарските таблички. Од друга страна, тоа е порака и за словенечката јавност што може да се направи во корист на една пријателска земја – изјави во интервјуто амбасадорот Јазбец.
Амбасадорот изјави и дека на ЕУ ѝ биле потребни луѓе што ги познаваат состојбите на теренот во суштината и подлабоко, а како познавач на состојбите словенечката дипломатија е убедлива со своите аргументи.
Натаму, вакви амбиции како Бугарија и Словенија изминатиов период покажуваше и Србија, чиј претседател Александар Вучиќ, заговарајќи формирање балканска царинска унија, не ја криеше амбицијата да ја добие улогата на лидер на регионот.
За слична улога е номиниран и албанскиот премиер Еди Рама, кого грчкиот весник „Катимерини“ го посочи како главен играч на новата генерација балкански лидери.

– Сега, една нова генерација лидери доаѓа на власт и од неа се бара да ги води овие општества во „рајот“ на обединета Европа. Ова се политичари што се млади, образовани, мултијазични луѓе на новата генерација, која не е образована од комунистичката идеологија и нејзините политички работилници – пишува грчкиот весник на оваа тема.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски во својата оцена за ваквите состојби вели дека најпрво мора да се направи анализа за да се разбере интересот на лидерите на државите за оваа „титула“, а дури потоа да се почне да се размислува за евентуално приклучување кон некој од овие обиди за лидерства во регионот.
Стефаноски вели дека не треба да нѐ зачудува што иницијативите за истакнување лидерство доаѓаат во исто време од различни водачи на држави од регионот. Тој вели дека тоа не се желби за помагање на Балканот, туку обиди на локалните лидери пред суперсилите од Истокот и од Западот своите земји да ги истакнат како водечки во регионот заради различни придобивки.
– Дострелот во геополитиката на малите земји е многу лимитиран, па она што сега го прават Борисов, Вучиќ, Рама и политичари од сличен профил, има цел тие да успеат да се легитимираат како лидер на некаква група на Балканот, очекувајќи дека со тоа, автоматски, нивното значење станува поголемо – смета Стефаноски.

Аналитичарот советува дека токму затоа Македонија на овие обиди треба да гледа со доза резерва и приказната да ја искористи за да профилира свој политичар за лидер на регионот. И белградскиот политички аналитичар Александар Бечиќ, како што вели, ја разбира агендата на сите балкански играчи во овој момент себеси да се претстават како лидери на регионот. Тоа, според него, е така бидејќи сите во овој момент се обидуваат за својата земја да обезбедат место во последниот воз за ЕУ. Познавачот на случувањата истакнува дека Борисов во моментов го има приматот на главен играч пред своите колеги од регионот, само поради фактот дека неговата земја претседава со ЕУ. Тој истакнува дека доброто во оваа ситуација е што „лидерите во регионот“, обидувајќи се да добијат симпатии од Западот, сакале или нејќеле мораат навистина да се однесуваат како одговорни политичари, па за проблемите мораат навистина да разговараат, а не да војуваат како во 1990-тите, со што почнуваат да личат на колегите од другите делови на Европа.