Нова дилема се наметна во јавноста по одлуката на неколку држави на ЕУ да воведат забрана за носење бурки и хиџаб кај муслиманските жени во своите држави. Истовремено, Европскиот суд за човекови права во Стразбур оценува дека Македонија ги крши верските слободи на одредена група граѓани со тоа што не ја регистрира ПОА, што, според верските аналитичари и законските прописи во земјава, би значело воспоставување црковен паралелизам

Спроведува ли Европа двојни критериуми кога станува збор за практикувањето на слободата на вероисповед и остварување на човековите права? Оваа дилема се наметна во јавноста по одлуката на неколку држави на Европската Унија да воведат забрана за носење бурки и хиџаб кај муслиманските жени во своите држави. Истовремено, Европскиот суд за човекови права во Стразбур оценува дека Македонија ги крши верските слободи на одредена група граѓани со тоа што не ја регистрира Православната охридска архиепископија (ПОА) на долгогодишниот расчинет владика Јован Вранишковски од Македонската православна црква-ОА, што, според верските аналитичари и законските прописи во земјава, би значело воспоставување црковен паралелизам.
Експертите велат и дека Европа секогаш има двојни критериуми кога се работи за државите што ѝ припаѓаат и кога ги критикува државите-аспиранти за членство во ЕУ, од кои бара поинакви законски решенија. Тука се поставува и прашањето кој во суштина ги штити или ги загрозува демократските права и верските слободи во срцето на Европа?

Последен ваков пример е одлуката на Горниот дом на холандскиот парламент, кој го усвоил законот со кој се забранува носење марами што го покриваат лицето во јавни згради, како училишта, владини канцеларии и болници. Сличен ваков закон е усвоен и во Австрија, Франција, Данска и во Белгија.
Дали на овој начин се поставуваат критериуми дека во земјите на ЕУ можат да се спроведат законски решенија што се спротивни на остварување на слободата на вероисповед, но во другите земји, како на пример во Македонија, тоа мора да биде направено онака како што ќе наложат тие?

Експертите велат и дека Европа секогаш има двојни критериуми кога се работи за државите што ѝ припаѓаат и кога ги критикува државите-аспиранти за членство во ЕУ, од кои бара поинакви законски решенија. Тука се поставува и прашањето кој во суштина ги штити или ги загрозува демократските права и верските слободи во срцето на Европа

Исламската верска заедница во Македонија смета дека исламот во Европа и во светот е ставен по погрешна кампања за борба против тероризмот, особено зашто радикализмот нема никакви корени во исламот. Сето тоа, како што велат од ИВЗ, е во функција за девалвација на исламот и муслиманите во целиот свет.
– Многу е важно да се разграничи што е верски елемент, а што е традиција. Бурката и никабот се повеќе израз на традиција, отколку задолжителен елемент на исламската вера – додаваат од ИВЗ.

Ирационални забрани

Али Пајазити, професор по социологија на Универзитетот на Југоисточна Европа, вели дека оваа забрана се коси со духот на отворена Европа, која треба да е дом за сите, демократски ентитет што го почитува правото на мисла, религија, уверување, начела што се познати како права за слобода на религија или вера, особено со втората компонента, право за манифестација на своите верски убедувања индивидуално или во заедница (колективно) во јавната или приватната сфера по пат на ритуали, практика или учење.
– Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), пак, истакнува дека треба да се елиминира секаков вид нетолеранција или дискриминација, дека треба да се почитуваат верската и културната разноликост – посочува социологот Пајазити.
Според него, овие законски забрани се ирационални, ако се земе предвид дека модус вивенди филозофијата му дозволува на секој човек да се облекува како сака.
– Замислете да се донесуваат рестрикции за Амишите, за еврејската капа или брада, за облеката на калуѓерките? Кој може да гарантира дека и мејнстрим исламската марама утре нема да биде на тапет? Не можете да зборувате за плурално општество, а да настапувате монолитно контрамултикултурно. Тогаш да се забрани и слободата на движење, т.е. хоризонталната општествена мобилност, миграцијата, а живееме во глобализациска ера – нагласува професорот.

Изолација на муслиманската жена

Активистката за човекови права Мерсиха Смаиловиќ вели дека слободата на практикувањето на религијата е уставно право во Холандија, но дека со оваа забрана дефинитивно ќе биде поткопано.
– Нема да навлегувам во верското толкување на оваа практика кај муслиманките, ова го гледам чисто низ призмата на човеково право. Жената што го покрива своето лице го прави тоа поради верски причини. Ваквата забрана е дефинитивно чекор кон ветувањето на десницата во Холандија дека повторно ќе се изборат за законските измени од 2016 година за генерална забрана на присуство на жената со бурка во јавниот живот. Еманципацијата и интеграцијата на овие жени се целосно доведени во опасност, бидејќи истите тие нема да можат да одат во училишта, универзитети или во кои било државни институции. Едноставно, нејзиното поле на дејствување и движење се приватниот сектор и улиците. Но со оваа забрана дури и компаниите ќе имаат право да донесат свои интерни правилници врз основа на законот – објаснува Смаиловиќ.
Според неа, на овој начин жената со бурка дополнително ќе биде изолирана со движење само во својот дом и заедница.
– Доколку законодавецот смета дека бурката е пречка кон интеграцијата во западното општество, дефинитивно со наложувањето како да се облекуваш и изгледаш во јавноста, ги поткопува основните слободи и права и ги отвора можностите истата аналогија и понатаму да се користи кон други заедници и религии, како и тоа дека со овие измени со забрани, нејзината изолација ќе биде легитимна – додава активистката Смаиловиќ.


Симболот на шамијата

Никаб, хиџаб, бурка се дел од големиот број различни покривки што ги носат муслиманките низ целиот свет. Некои носат шамии за да ги покријат главата и косата, додека други носат бурка или никаб, кои го покриваат и лицето. Носењето шамија се смета за знак на пристојност и симбол на верата. Хиџабот е превез што жените традиционално го носат во присуство на возрасни мажи надвор од нивното потесно семејство, а служи за покривање на главата, косата и на вратот. Хиџабот се носи во различни стилови и бои, а најчесто користениот вид на Западот ги покрива главата и вратот, но не и лицето. Никабот е превез за лицето, кој е отворен во пределот на очите, но може да се носи и со посебна мрежа за очи, во комбинација со марама. Бурката е најзатворен од сите превези и се состои од еден дел што ги покрива и лицето и телото, често со тесна мрежа во пределот на очите.