Карикатура: „Нова Македонија“

Контрадикторни, а во извесна мера и лицемерни, се потезите на претставниците на ЕУ и на меѓународната заедница по прашањето за етнонационализмот. Имено, колку што тие јавно го изразуваат својот став за „неприфатливост на етнонационализмот“, толку тајно и подземно со своите постапки „го поттикнуваат неговото реактивирање“, како механизам за сопирање на евроинтеграциите. Создавајќи таков вид проблем, тие создаваат и причина за оправдување на евроскептицизмот, поврзан со политиката на проширување на ЕУ

ЕУ јавно ги презира, а тајно ги поттикнува балканските етнонационализми

Национализмот, особено со префиксот „етно“, за Европската Унија е зборовна конструкција изедначена со ерес. А евробирократите, пак, кога зборуваат за етнонационализам, речиси без исклучок го прават тоа во контекст на земјите- кандидатки, кои ги сместија во една нов политичко-географски регионален топоним наречен Западен Балкан. Кај нив, употребата на тој збор е придружена со нескриена манифестација на страв од можност за предизвикување конфликти со крвави последици и проекции од крвавите деведесетти години од 20 век, предизвикани од распадот на Југославија.

Кој ги уфрла во игра етнонационализмите

Триесетина години подоцна, кога две од земјите од поранешната федерација се дел од ЕУ, а преостанaтите пет-шест држави од регионот имаат сериозни аспирации, па некои дури и долгогодишен кандидатски статус за Унијата, од Брисел и понатаму јавно се предупредува на опасностите од подгревање на етнонационализмите. Всушност, во една неодамнешна политичка анализа на медиумот „Еуроњуз“ се заклучува дека „етничкиот национализам го загрозува патот до ЕУ на Западен Балкан“. Таквиот заклучок најмногу се темели на сѐ уште непронајденото решение за српско-косовското прашање, односно на неуспехот на експерименталните обиди со старите методи на поместување граници и менување територии да се решава случајот на Балканот. Но наместо решение, со „непостојните“ нонпејпери од опскурните политички бриселски фиоки, како сѐ повеќе да се разгореа старите големодржавни амбиции на малите балкански народи, особено албанскиот национализам. Сепак се чини дека и во Брисел сфаќаат дека „игрите го граници“ се опасна игра со оган, која лесно може да ја запали и ЕУ.
– Не само што е опасно да се зборува за дефинирање на народите по етнички линии во регион што пред три децении се распарчи во крвавиот етнички конфликт туку и Европа се обврза да им помогне на народите од Балканот да станат поевропски, а етничкиот национализам е анатема за европскиот идеал. Не можеме да имаме мултиетнички демократии во нашите земји-членки, а потоа и етнички држави на Западен Балкан. Каква порака би испратило тоа? Дека не можете да живеете со соседите, со кои живеете со векови – а во исто време тврдите дека можете да живеете во поширокото европско семејство? Идејата е погрешна од самиот почеток. Многу е опасно и очигледно не е европско – вели за „Еуроњуз“ Мирослав Лајчак, словачки политичар и дипломат, со богата кариера направена токму во решавање на состојбите во земјите од Западен Балкан.
Контрадикторно, а во извесна мера и лицемерно, претставниците на ЕУ и на меѓународната заедница јавно го изразуваат својот став и неприфатливост на етнонационализмот како вредност на ЕУ, а се чини дека во тајната дипломатија, токму поттикнувањето за негово реактивирање се користи како контролен механизам и аргумент за оправдување на евроскептицизмот поврзан со политиката на проширување на ЕУ. Дури и Лајчак смета дека е легитимно и важно постојните земји-членки да се прашуваат дали со нови додатоци во европското семејство ќе се подобри Европската Унија.

Каков е ставот на домашните познавачи на процесот на евроинтеграциите?

Новинарот Зоран Иванов, како долгогодишен познавач на политичките процеси во Македонија и нејзините настојувања да стане дел од европското семејство, тврди дека во Унијата токму знаат и се свесни за сѐ уште постојните балкански нетрпеливости, но дека „лекот за тоа е токму интегрирање, практично ’претопување‘ и на преостанатите балкански држави во современото европско друштво на држави, но и во друштвото на ’современите‘ европски народи“.
– Мислам дека е погрешна тезата дека поради балканскиот етнонационализам или некаков верски национализам и разни историски ксенофобии, кои с* уште се толку „витални“ во регионов, ЕУ се затвора, и дека за тоа наоѓа разни изговори и дека таа самата ги забавува интеграциите на државите од Западен Балкан. Напротив, и во Унијата знаат, и такви и пораки испраќаат, дека лекот за балканските етно нетрпеливости е токму интегрирање, практично „претопување“ и на преостанатите балкански држави во современото европско друштво на држави, но и во друштвото на „современите“ европски народи. Балканот мора, не само поради некакви ЕУ-критериуми, да ги достигнува европските вредносни стандарди. Балканските политички елити им го должат тоа на своите граѓани. Но важното е, на патот кон тие цели, прво да се европеизираат самите политички елити, прво да ги европеизираат своите политички доктрини, да ги демократизираат своите политички партии и, од едни такви позиции, ако воопшто им е до сопствените граѓани, да ги градат политиките во сопствените држави – вели новинарот Зоран Иванов.
Во однос на манипулациите со (етно)национализмот во европската политика на ЕУ за проширување, политичкиот аналитичар Александар Пандов оценува дека прво терминот национализам во бирократскиот речник беше вулгаризиран и изедначен со шовинизам. Иако во минатото национализмот како термин беше искомпромитиран како причина за крвавиот распад на Југославија, сега тој се користи како манипулативен елемент.

– Немам забележано дека некој сериозен и релевантен политичар од регионот, кој всушност ја претставува официјалната политика на државата, заговара етнонационалистички позиции и употребува некаква етнонационалистичка реторика. Не може да се избегне фактот дека има отворени, комплексни политички прашања во регионот, но решенијата сепак не се бараат од националистички позиции. Всушност, свежи се сеќавањата кај оваа генерација политичари во регионот од последиците на националистичките војувања. Повторното посегнување по национализмот е повеќе рециклирање на изговорите на ЕУ да го оправда своето немање желба за проширување со земјите од Западен Балкан. Еве, кај нас, дури и ДУИ, исклучително етничка партија излегува со ребрендирана зелена програма. Навистина, сѐ уште не е јасно дали и колку ќе бидат сериозни во реализацијата на тој концепт, но на некој начин се праќа порака (па и до ЕУ) дека се надминува етнонационалниот концепт. Во крајна линија, национализмите успеваат да се распламтат само кога се спонзорирани од моќни меѓународни фактори – вели Александар Пандов.

Од национално, до граѓанско, преку „зелено“

Новинарот Зоран Иванов направи и една интересна паралела за трансформацијата на домашната сцена, и тоа од строго национална, до граѓанска политичка платформа, преку еден „зелен“ еколошки концепт. Иванов го даде примерот со ДУИ и нагласи дека гледано во контекст на европскиот страв од етнонационализмите, но и во контекст на старо-нов изговор за евроскептицизмот во однос на проширувањето, ребрендирањето на партијата од Македонија со албански етнички предзнак, за ЕУ можеби претставува и некаков исчекор.
– Можеби изгледа наивно, но „зеленото“ ребрендирање на ДУИ, на пример, е вредно за следење во смисла колку во партијата се искрени во европската слика што за себеси ја проектираа. Граѓанска слика ослободена од национално. И колку искрено ќе опстојат на еден ваков „зелен“ граѓански концепт што токму ЕУ го очекува од секоја од партиите и воопшто, од државите на Југоисточна Европа, а како нивна цврста определба за граѓански општества за какви само и има место во европското друштво. Но едно е „боја“, друго е терен. За да му се поверува на ДУИ дека со ребрендирањето не се прекрил само со некаква зелена европска наметка, еве, веднаш нека покаже на дело, нека интервенира во Законот за легализирање на дивоградбите, нека побара отстранување на сѐ што е диво во сите национални паркови и во сите заштитени екозони во земјава. Тогаш ќе може да се заклучи дека таквото ДУИ зачекорило во друштвото на европските граѓански партии – вели новинарот Зоран Иванов.