Фото: Маја Јаневска-Илиева

Франција, Холандија и Данска го загубија интересот за проширувањето на Европската Унија кон Западен Балкан и покрај препораките на ЕУ да се започне процесот за Македонија и Албанија, пренесува „Јуроњуз“.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, го искажа своето незадоволство во врска со ситуацијата, додавајќи дека приклучувањето кон Европа останува важен чекор за државата, и покрај бариерите.

– Мораме да се соочиме со тоа дека сè почесто носењето одлуки на Советот не се заснова врз она што го правиме, врз она што го прават земјите како нас, туку на внатрешната состојба или внатрешната политичка динамика во различни земји-членки – вели Рама.

Но, не е тајна дека голем дел од европската јавност е против проширувањето, воглавно Австрија и Германија, кои имаат голем процент население од дијаспората. Токму тие се меѓу најскептичните против проширувањето на ЕУ.

Едно од поновите истражувања покажа дека поголемиот дел од Европејците не се воодушевени од предлогот за нови соседи поради стравувањата од имиграција, кои се зголемија откако Бугарија, Романија и Хрватска се приклучија кон блокот.

Но надвор од јавното мислење, сè уште има многу пречки кои треба да се надминат пред новите надежи за приклучување кон блокот.

– Постојат области на кои албанската држава како целина треба да продолжи да работи: борбата против корупцијата – тоа е секојдневна борба – борба против организираниот криминал, трговијата со дрога и слично – изјави амбасадорот на Европската унија во Албанија, Луиџи Сорека.

ЕУ не треба да чека предолго кога станува збор за економските, миграциските и безбедносните прашања во Западен Балкан. Унијата треба да им даде на земјите до знаење дека резултатите кои ги бара треба да произлезат од разумното постапување. Нивната политичка зрелост и изборите кои ги носат би го диктирале тонот на нивниот однос со Европската Унија.

ЕУ претходно ја одложи одлуката за почеток на пристапните преговори со Македонија и Албанија за октомври, откако тоа го направи и минатата година.