На ставот на францускиот претседател Емануел Макрон за НАТО и за Европската Унија се надоврза и претседателот на Австрија, Александер ван дер Белен, кој изјави дека „не само што е чудо ако се дојде до консензус во Унијата туку е чудо што ЕУ воопшто постои“. Каде е Македонија во целата оваа приказна

Како што минува времето, ефектите или нуспојавите од интервјуто на францускиот претседател Емануел Макрон, за магазинот „Економист“, не само што не стивнуваат туку добиваат и одредено продолжено дејство, во вид на согласување и поддршка од други европски лидери. Ударната порака во интервјуто на Макрон (која тој всушност ја најави со својот категоричен став за запирање на процесот на проширување, на последниот самит на ЕУ) беше дека „НАТО е клинички мртво“, а дека „ЕУ е на работ од бездна“. На ваквиот став на францускиот претседател, сега се надоврза и претседателот на Австрија, Александер ван дер Белен, кој на брифинг по преговорите со претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, отворено изјави дека „не само што е чудо ако се дојде до консензус во Унијата туку е чудо што ЕУ воопшто постои“.

– За постигнување консензус, често е потребно многу време. Понекогаш бев ироничен, гледајќи ја политичката структура на ЕУ, и знаев да кажам дека не е неверојатно само колку време е потребно за консензус туку дека е неверојатно што ЕУ воопшто постои. Знаете за новата иницијатива што ја најави претседателот Макрон. Мислам дека Макрон е во право во врска со дијагнозата за различни точки. Како да се излезе од тоа е сосема друга тема – кажал Ван дер Белен во Виена.

Аргументите на „дијагнозата“ на Макрон за НАТО се содржани во неговото мислење дека во сојузот нема координација за носењето на стратегиските одлуки. Врз основа на ова негово согледување за Алијансата, Макрон предупредил дека Европа треба да се „разбуди“ и да започне да го развива својот одбранбен потенцијал зашто е на „раб од бездна“.

– Критичките размислувања за НАТО во Европа се резултат на американските дилеми за функцијата на Алијансата. Да потсетиме дека претседателот на САД, Трамп, меѓу другото јавно се има прашано „според која логика НАТО ќе ја брани Црна Гора“… Таквата негова изјава отвора дилеми за валидноста на членот 5 на Алијансата, според кој при напад на една членка, сите други се обврзани да ја бранат. Врз таа основа се темелеше и безбедноста на Европа, која сега е доведена во прашање. Целта на критичките размислувања на Макрон и на другите што го поддржуваат е формирање посебни европски вооружени сили, или европска војска. Тоа е исклучително важно за Европа, бидејќи без тоа, таа останува обичен американски вазал. Овие превирања се позитивни за Европа и размислувањата на францускиот претседател се прифатливи и позитивни, иако Македонија е колатерална штета на таквите реформаторски намери – вели македонскиот дипломат Ристо Никовски.

Иако Макрон почнува веќе да добива одредена афирмација и поддршка на неговото гледиште за НАТО и ЕУ, сепак сѐ уште е „во сила“ несогласувањето со неговата оцена од неговите главни сојузници. Имено, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и германската канцеларка Ангела Меркел не се согласуваат со констатацијата на Макрон за сојузништвото, а лидерите на Полска и на балтичките држави дури и остро го критикуваа.

– Што се однесува до согледувањата за ЕУ, таа веќе подолго време е нефункционална. Најочигледен пример за тоа е нејзиниот неприфатлив однос спрема Македонија, кој претставуваше блокада, уцена и ултиматум. Затоа длабоките реформи во ЕУ се апсолутно потребни и тука Макрон е повторно во право. Како иронична судбина, и во овие реформи на Унијата, Македонија е повторно колатерална штета – оценува Ристо Никовски.