Значењето на Западен Балкан за цела Европа е огромно, но засега не се споменуваат датуми кога се во прашање перспективите на земјите во регионот во Унијата. Ова е главната поента на самитот меѓу државите од ЕУ и од земјите од Западен Балкан, кој се одржа во Софија.

Германскиот медиум осврнувајќи се на резултатите од оваа меѓународна средба во Бугарија, пишува дека ЕУ ветува дека шесте држави еднаш ќе бидат примени во клубот на благосостојбата и стабилноста, а кандидатите ветија дека ќе сторат сѐ што е потребно за да ги исполнат строгите правила на тој клуб.

– Тоа е така веќе 15 години, од самитот во Солун во 2003 година, и ќе продолжи уште десет години, барем за најслабите членови во редот за ЕУ, односно Косово и Босна и Херцеговина – пишува „Дојче веле“.

Според медиумот, повеќето од старите членки на ЕУ имаат мала желба за прифаќање нови држави, а со тоа и желбата за нови проблеми е мошне мала.
Францускиот претседател Емануел Макрон, новата ѕвезда на Унијата го сумира тоа на следниов начин: пред ЕУ да прими нови членки, мора да ги реши сопствените проблеми, односно да ги имплементира неговите реформски предлози.
Германската канцеларка, пак, Ангела Меркел на прес-конференцијата отворено го потврди тоа.

– Немам никакво мислење што се однесува до наведувањето на 2025 година како можна цел. Влегувањето (во ЕУ) мора да биде засновано на напредок. Не врз база на време, туку врз база на постигнатото и тоа посебно во областите владеење на правото, корупција, борба против организираниот криминал, отворени билатерални и гранични прашања… – рече таа.
Лидерите на Европската Унија и земјите-членки на ЕУ во консултација со партнерите од Западен Балкан во Софија ја усвоија декларација во 17 точки, со кои е повторена недвосмислената поддршка за европската перспектива на регионот.

Во декларацијата се наведени и задачите и принципите што треба да бидат исполнети за време на процесот на евроинтеграција. Усвоен е и анекс на декларацијата што се однесува на зајакнување на врските и соработката меѓу ЕУ и Западен Балкан.
Во согласност со документот, ЕУ и на овој самит ја потврди поддршката за европската перспектива на Западен Балкан и изрази одлучност да ја зајакне својата вклученост на сите нивоа за да ја поддржи политичката, економската, безбедносната и социјалната трансформација на регионот.

Унијата во документот вети соработка и кај безбедносните предизвици, меѓу кои ги посочи мигрантската криза и борбата против тероризмот и екстремизмот вклучувајќи ги финансирањето, радикализацијата и враќањето на странските терористички борци.