Франција, Германија и Холандија се трите земји кои го блокирале почетокот на преговорите за членство во ЕУ за Албанија и Македонија за време на министерскиот состанок во Луксембург, тврди францускиот весник „Монд“.

Како што пишува весникот, Франција, Германија и Холандија во Луксембург не се согласиле за решение кое за нив би било премногу симболично доколку се одобреле преговори за пристапување за двете балкански земји.

„Ова прашање бара едногласност на сите 28 членки на Унијата“, појаснува францускиот весник.

Според „Монд“, прашањето за проширување на ЕУ останува предмет на поделба меѓу земјите-членки и тие повторно ќе разговараат за можна одлука во октомври.

– Фактот дека германскиот Бундестаг уште не одлучил по препораката на Европската комисија за преговори со Скопје и Тирана, е добар изговор за колебливите земји-членки да не донесат одлука – додава францускиот весник.

Како што се наведува, холандскиот парламент ја отфрлил идејата за каква било одлука за Албанија годинава.

Кога станува збор за Франција, нејзината позиција е дека нема да има проширувања без претходна подлабока интеграција внатре во ЕУ блокот.