Фото: Урсула фон дер Лејен

Прашањата за тоа дали е сѐ чисто во набавката на вакцините за членките на ЕУ, како и дали ЕУ е измамена или се работи за нешто сосема друго, воопшто не се неосновани, особено ако се набљудуваат аферите и сомнителното однесување на комесарот на ЕК, па и на нејзината претседателка Урсула фон дер Лејен

По низата неуспеси, вклучувајќи го и последниот, со набавката на вакцини за целата ЕУ, Европската комисија, под водство на Урсула фон дер Лејен, остава впечаток на институција со големи амбиции и планови, но со исклучително мала ефикасност. Згора на тоа, стануваат сомнителни и самите начини на нејзино функционирање. Сосема оправдано може да се постави прашањето дали претставниците на Европската комисија се навистина толку неспособни, што другите меѓународни играчи можат како мали деца да ги прелажат во однос на набавката и дистрибуцијата на вакцината против ковид-19, или пак зад наводниот неуспех во набавката на вакцини се кријат многу помрачни причини.
Зошто аналитичарите на „Геополитика“ отворија толку остра низа реторички прашања, кои грубо го отсликуваат работењето на Владата на Европската Унија? Тие во својот осврт не штедеа ниту навредливи епитети за работењето на Комисијата. Зошто е тоа така и која е причината за поставување на нивната основна дилема поврзана со актуелната Европска комисија – „дали се работи за неспособност, која се граничи со идиотизам, или за генијална мегакорупција?“.

Прва дилема: Какви договори склучувала ЕК со фармацевтските компании

Здравиот разум вели дека никој не може да биде толку глупав, за другите пред очите да му ја „киднапираат“ веќе платената вакцина, а најмалку тоа може да си го дозволат високите функционери на Унијата, која претендира да биде глобална сила. Се наметнува прашањето какви договори склучувале претставниците на Европската комисија со фармацевтските компании и дали можеби дополнително биле вметнувани некакви анекси или т.н. странични договори.
Дали можеби постоеле некакви (непознати за јавноста) договори со новата американска администрација на Џо Бајден, по крајно невкусните изливи на меѓусебна братска трансатлантска љубов и доживотно пријателство? Во екот на актуелниот бран на новите соеви на ковид-19, сето ова е скриено под превезот на мистеријата, зашто сите договори и зделки се прогласени за деловна тајна. Ова е и покрај фактот што ЕК, како тело на Унијата, не располага со сопствени пари, освен оние за сопствениот буџет, што значи дека се работи за огромни суми пари од сите земји-членки на ЕУ и сите даночни обврзници на земјите-членки. Како последица на оваа ситуација, судбината на огромната сума пари вложена во фармацевтските компании останува нетранспарентна поради одредбите за доверливост на податоци, пишува Марио Стефанов за „Геополитика њуз“.

Одговорот на дилемата дава лоша слика за ЕК

По разгледувањето на цела редица прашања за улогата и начинот на работа на ЕК при набавката на вакцини против ковид-19, на кои не може да се дадат јасни и недвосмислени одговори, во анализата на „Геополитика“, повторно се наметнува истиот заклучок – или актуелната ЕК е збирштина на комплетно неспособни аматери, кои немаат блага врска со политика и економија, или пак ЕК, со своите комесари и пониски функционери (премачкани со сите бои), е длабоко вплетена во добро прикриени корупциски активности, кои еден ден би можеле да резултираат со можеби најголемиот финансиски скандал во првите децении на 21 век.
Прашањата за тоа дали е сѐ чисто во набавката на лекови за членките на ЕУ, како и дали ЕУ е измамена или се работи за нешто сосема друго, воопшто не се неосновани, особено ако се набљудуваат аферите и сомнителното однесување на комесарот на ЕК, па и на нејзината претседателка Урсула фон дер Лејен. Оваа Европска комисија, која многу ветуваше, за жал, како што многумина предвидуваа, сепак остана во сенката на корупциските опашки, кои со себе ги донесоа претседателката и некои нејзини комесари. Како директен резултат на недвосмислено искажаната неефикасност, целокупната активност на ЕК под водство на Урсула фон дер Лејен паѓа во сенката на корупциските скандали.
Одговорот на прашањето дали во Комисијата седат политички и економски идиоти или вешти корумпирани мајстори со лепливи прсти, јавноста не може да го дознае, ниту пак да го прифати како факт или дури да обвини некого. Сепак, одредени достапни податоци и појавата на неверојатни коинциденции дебело сигнализираат дека можеби нешто не е во ред со приказната за европската набавка на вакцини против ковид-19.

И „ЕУ обсервер“ го квалификува Борел како контроверзна личност

Според написот објавен во „ЕУ обсервер“ на 30 септември 2019 година, насловен „Борел: од контроверзна личност до врвен ЕУ-дипломат“, самиот заменик на претседателката и комесар на ЕУ за надворешна политика, Џозеф Борел, со себе го донесе товарот на сопствените финансиски скандали од времето кога извршуваше високи функции во Шпанија. Додека беше на должноста министер за надворешни работи, Борел, инаку еден од водечките политичари на Шпанската социјалистичка работничка партија, беше казнет од регулаторната комисија со 30.000 евра поради „сериозно кршење на Законот за пазар на хартии од вредност“. Во ноември 2018 година, шпанскиот регулатор заклучи дека Борел, ни помалку ни повеќе, врз основа на инсајдерски информации, тргувал со акциите на компанијата „Абенго“. Во текот на постапката пред Европскиот парламент за кандидирање за комесар на ЕК, парламентарниот Одбор за правни прашања не беше задоволен со финансиските податоци што ги презентира Борел во однос на својата имотна состојба. Од него беа побарани дополнителни информации за неговиот удел во компаниите „Ибердол“, „Баер“ и ББВА, во вкупна вредност од 2,77 милиони евра. Имено, наведените компании се регистрирани лобисти на Европската Унија. Оттука беше поставено прашањето дали тогашниот кандидат Борел треба пред именувањето за комесар на ЕК да ги продаде акциите што ги поседува, особено оние на германскиот фармацевтски гигант „Баер“, за да се избегне евентуалниот судир на интереси. Тој тогаш изјави дека тие акции претставуваат мал дел од неговиот финансиски имот (околу 13 отсто), како и дека смета оти нивните сектори на дејствување нема да бидат поврзани со неговото идно портфолио.

Според извештајот на Корпоративната европска опсерваторија, која ги следи процесите на лобирање во рамките на Европската Унија, од 25.9.2019 година, дури и со површен преглед на листата на состаноци со лобисти на неговата претходничка Федерика Могерини, јасно се гледа дека лобистите и нејзиниот кабинет често расправале за енергетски прашања, трговски зделки и деловни операции на странските пазари.
Во тогашниот период, кон крајот на 2019 година, пред своето именување за комесар на ЕУ, Борел стриктно одби продажба на своите акции во наведените компании. Дури и по цена да му биде одбиена кандидатурата, тој не се согласи да се откаже од акциите во германски „Баер“. На крајот на приказната, на 26 септември 2019 година, Одборот за правни работи на Европскиот парламент ја одобри неговата изјава за имотната состојба и потврди дека, доколку сака да биде именуван, не мора да ги продаде своите акции во компаниите.
И замислете чудо – година и некој месец подоцна, среде скандалот околу неуспешните набавки на вакцини против ковид-19 од страна на Европската комисија (каде што тој е заменик на претседателката), во ситуација во која европските членки се борат за обезбедување макар минимални дози вакцини за своето население, Борел излезе видовит, зашто беше решил дека не сака да се откаже од своите акции во „Баер“. Имено, на почетокот на февруари 2021 година, навидум сосема случајно, германскиот „Баер“ се појавува како спасител на ЕУ. Неговите претставници, во содејство со германската биотехнолошка компанија „КјурВак“, месијански најавуваат дека заедно ќе развијат нова вакцина против ковид-19, која, во соработка со своите партнерски компании, ќе ја произведат во доволни количества за да се обезбеди вакцинација за сите граѓани на Унијата. Меѓу клучните инвеститори на проектот на „КјурВак“, кој ќе се спроведува со гигантот „Баер“ и во неговите производствени капацитети, замислете чудо, наведени се и германската влада, германската софтверска корпорација САП СЕ и фондацијата „Гејтс“. Веќе на 12 февруари 2021 г., според објавата на Халмед, Комисијата за лекови при Европската агенција за лекови започна со постепено оценување на мРНА-вакцината, именувана како ЦвнЦоВ, развиена од компанијата „КјурВак АГ“.
Според податоците изнесени од страна на „Фирс фарма“, во своето 160-годишно постоење, „Баер“ никогаш не произведувал вакцини, но „пандемијата на ковид-19 го промени тоа“. Вакцините ќе се произведуваат во погоните во Германија.

Пари, пари, пари

Германски „Баер“, случајно или не, очигледно ќе ја пополни празнината што настана со божемното киднапирање на претходно нарачаната и однапред платена вакцина за ЕУ, неуспешно реализирана од страна на Европската комисија. Џозеф Борел, заменикот на претседателката на таа иста Европска комисија (која успеа набавката на вакцина за ЕУ да ја сведе на нивото на некоја африканска државичка), својата болка поради професионалниот неуспех ќе ја „лекува“ со идната заработка од „Баер“, кој ќе ја произведува вакцината што Комисијата на Борел веќе еднаш ја има платено, но ја нема добиено. Едноставно кажано – генијално и достојно за восхит.
Борел не е единствениот комесар на ЕК со корупциска биографија. Европскиот комесар за земјоделство Јануш Војчеховски беше под истрага поради наводни неправилности во пресметката на патните трошоци, а во септември 2019 г., Дидие Рејндерс беше под криминалистичка истрага на белгиската полиција поради индиции за корупција и перење пари при изградбата на белгиската амбасада во Киншаса. Но криминалистичката истрага одненадеж беше прекината, а Рејндерс беше назначен за еврокомесар за правда.
И самата претседателка на ЕК, Урсула фон дер Лејен, со себе донесе финансиски скандал, кој никако да го „одлепи“ од себе, иако е позната како „тефлонски“ политичар. Таа секогаш ги признава своите грешки, сугерирајќи така дека нејзиното дејствување не било намерно, но никогаш не одговара за своите грешки, туку, напротив, рапидно брзо се пробива на скалата на хиерархијата. Сега, во екот на фијаското со набавката на вакцини за Унијата, јавноста повторно се присетува на нејзините сомнителни зделки додека беше германска министерка за одбрана, кои ги склучуваше со приватни компании, блиску поврзани со нејзини луѓе.
Накратко, таа успеа да ги „присвои“ германското министерство за одбрана и целиот германски одбранбен систем. Нејзиното долгогодишно министерување во одбраната совршено го опишува шегата што и денес е присутна меѓу офицерите на германската армија – Бундесвер, која вели дека само Црвената армија им нанела на германските вооружени сили поголеми штети од оние што ги предизвикала Урсула фон дер Лејен.

Хонорари во висина од 2.000 евра дневно

Според написот во „Дојче веле“ од 30 ноември 2020 г., Урсула фон дер Лејен, која беше назначена за министерка за одбрана во јули 2013 г., била таа што ја започнала реформата на германскиот одбранбен систем. По една година, таа ја постави Катрин Судер, менаџерка од консултантската фирма „Меккинзи“, за државна секретарка во Министерството, со задача да ја реформира внатрешната структура на германската војска. Во тој период, бодеше очи фактот дека нејзината плата во Министерството за одбрана беше неколкупати пониска од онаа во консултантската фирма. „Дојче веле“ наведува дека работела „за мал дел од платата што ја имаше како менаџерка во ’Меккинзи’“. Меѓутоа, таа ги повика и своите поранешни колеги да ѝ се придружат. Наскоро, менаџери од „Меккинзи“ (кои немаа никакви познавања во однос на одбранбениот систем) го преплавија Министерството за одбрана. Не разликувајќи тенк од трактор, новите советници не само што не ја подобрија состојбата на германскиот одбранбен систем туку целосно ја разорија. Притоа собираа огромни суми пари на име на своите услуги. „Дојче веле“ пишува: „Со текот на времето, тоа се претвори во огромни парични суми што ѝ се исплаќаа на фирмата, а се слушна и дека некои од советниците примале хонорари во висина од 2.000 евра дневно. Особено проблематичен беше фактот што во тоа време во фирмата ’Меккинзи’ работеа и децата на министерката Фон дер Лејен“.
Откако аферата се прошири во јавноста, во Бундестагот беше формирана истражна комисија, која утврди дека министерката Фон дер Лејен никогаш не потпишала ниеден налог за исплата на консултантската фирма што била ангажирана од нејзината соработничка.

Формалноправно, Урсула фон дер Лејен не беше одговорна за исплатата на бесмислено високите хонорари, потврдувајќи ги на тој начин своите „тефлонски“ способности и отворајќи си го патот за напредок кон самиот врв на Европската Унија.
Државната секретарка Судер, која ја ангажирала фирмата „Меккинзи“, на свое барање го напушти Министерството за одбрана кон крајот на 2018 година, а на заминување, Фон дер Лејен ѝ врачи одликување за заслуги во работата. „Дојче веле“ наведува дека министерката била товарена само со наодот на парламентарната истражна комисија, во кој било напишано дека „во службените телефони на министерката има голем број избришани пораки“. Сепак, ова е само дреболија, а Фон дер Лејен, по свој обичај, како што денес ги признава грешките при набавката на вакцини за ЕУ, ги призна и своите пропусти како министерка, иако до самиот крај го оправдуваше користењето надворешни услуги од страна на германското Министерство за одбрана.
Ефектите од работата на надворешните советници (кои насобраа милиони евра), за германските вооружени сили беа епохални. Во самиот зенит на реорганизацијата, според стандардите на „Меккинзи“ и неговите „мозоци“ (средината на 2017 г.), ниту една од германските подморници 212А – најдобрите конвенционални подморници во светот, опремени со напреден погон, независен од воздух – не беше оперативно способна.
– Ова е катастрофа за воената морнарица и мораме итно да се извлечеме од оваа ситуација. Подморниците отсекогаш биле еден од клучните стожери на нашата воена способност. Верувам дека ова е првпат во германската поморска историја ниту една од подморниците со месеци да не е оперативна – изјави во очај комесарот за одбрана на Бундестагот, Ханс-Петер Бартелс.
Бартелс беше во право. Долги недели по капитулацијата на Германија во Втората светска војна, германските подморници сѐ уште беа во океаните. Во средината на 2017 г., додека германските подморници лежеа на пристаништата без потребните делови, оперативни беа само 96 германски тенкови „леопард 2“, од 14-те нови транспортни авиони А400М, ниту еден не беше способен за лет, а од вкупно 93 борбени авиони „торнадо“, колку што тогаш беа на лагер во Министерството, само 30 беа оперативно оспособени.

Се чини дека тогашната методологија и севкупните ефекти од работата на Урсула фон дер Лејен во германското министерство за одбрана неверојатно прецизно се „пресликаа“ и на Европската комисија, со која таа денес раководи. Целосната неефикасност што води кон блокада на системот, како и бизарни текови на парите и неверојатно среќни коинциденции за некои нејзини соработници (дел од комесаријатот на ЕУ), јасно се видливи во бизнисот за обезбедување вакцини, но и во севкупното работење на актуелната Европска комисија, заклучува Марио Стефанов во својата анализа за „Геополитика њуз“.