Фото: Игор Бансколиев

Дали е препорачливо и колку ЕУ коректно се ангажира во спорот меѓу Бугарија и Македонија?

Во рефлексиите на бриселските медиуми од неодамнешниот самит ЕУ – Западен Балкан, чиј домаќин беше словенечкото претседателство со ЕУ, сѐ појасно се констатира дека тој не резултира со очекуваниот напредок во процесот на проширување, бидејќи Албанија и Македонија се заложници на чудниот спор, предизвикан од Бугарија кон крајот на 2020 година. Во својата анализа на „чудниот“ за ЕУ македонско-бугарски спор, „Брисел тајмс“ ги бара корените на случајот во неподготвеноста на Бугарија да биде членка на Унијата! Според медиумот, Бугарија и Романија се приклучија на ЕУ во 2007 година, по „големата експлозија“ на проширувањето во 2004 година, кога 10 земји-кандидати станаа земји-членки на ЕУ. Всушност, Бугарија и Романија не беа подготвени за ЕУ во 2007 година, но веќе им беше ветено членство. Тие сѐ уште се предмет на таканаречениот механизам за соработка и верификација, кој продолжува да ги следи напредокот и незавршените реформи во областа на судските реформи, корупцијата и (за Бугарија) организираниот криминал.

Бугарија во улога на ЕУ-блокатор на македонските евроинтеграции

Во анализата, бриселскиот медиум се обидува да ја претстави логичката контрадикторност на приемот на Бугарија во ЕУ, наспроти нејзината улога на блокатор на македонските евроинтеграции, па наведува дека ЕУ веќе се согласи во март 2020 година за отворање преговори со Македонија (и Албанија), но досега не успеа да одреди фиксен датум за нив.
– Словенечкото претседателство, преземајќи ја функцијата по Португалија, се надеваше дека ќе ги организира првите меѓувладини конференции со Албанија и со Македонија и ќе ги започне пристапните преговори со нив. Наместо тоа, самитот повторно мина со сенките од внатрешните поделби на Западен Балкан. Бугарија го искористи своето вето за да се спротивстави на почетокот на формалните преговори со Македонија поради националните нарации за историјата и јазикот. Ова го спречува и почетокот на преговорите со Албанија, иако земјите-кандидати треба да напредуваат во процесот на пристапување со сопствено темпо, врз основа на сопствените заслуги. Оптимистички, преговорите би можеле да започнат пред крајот на годината, но тоа би барало спорот меѓу Македонија и Бугарија да се реши дотогаш – пишува „Брисел тајмс“.
Правејќи краток преглед на предизвиците на Македонија на нејзиниот европски пат, бриселскиот медиум констатира дека „дури и експертите за Западен Балкан и неговата историја имаат некои тешкотии да разберат за што станува збор во спорот и зошто стана пречка во процесот на проширување“. Особено, што Македонија со години чека почеток на формални преговори, откако Европската комисија ја процени подготвеноста и препорача да започнат преговорите. Македонија ја стекна својата независност во септември 1991 година по распадот на поранешна Југославија и референдумот на кој 95 отсто се изјаснија за независност. Таа аплицираше за членство во ЕУ веќе во 2004 година, но со години преговорите беа блокирани од друг сосед, Грција, поради проблемот за името. Само во 2020 година, ЕУ го одобри формалниот почеток на преговорите за пристап откако прашањето беше решено и „ПЈРМ“ (Поранешна Југословенска Република Македонија) беше заменет со името Северна Македонија.
– Навидум едноставното, но емотивно прашање конечно беше решено со директни контакти меѓу двете земји и помош на посредник назначен од ОН. Во сегашниот спор со Бугарија, и словенечкото претседателство со ЕУ и неговиот претходник Португалија се обврзаа да го унапредат процесот. Португалија објави дека има подготвено документ за разгледување на двете страни, но очигледно не успеа да го премости јазот меѓу нив и не стана јавно достапен.

Европската комисија не го користи својот огромен потенцијал да изврши притисок на Софија

Во текстот на „Брисел тајмс“ многу отворено се поставуваат прашања и се отвораат дилеми. Имено, што прави Европската комисија, на што веднаш изречно следува одговор дека не прави ништо многу конкретно! Дека таа држи „говори“ за европската перспектива на земјите-кандидати, практикува „посети“ на Македонија и на Бугарија од претседателот на комисијата и комесарот задолжен за проширување, со повици до нив да го решат спорот. Но значајно е дека „Брисел тајмс“ дијагностицира дека Европската комисија не го користи својот огромен потенцијал за да изврши притисок, а го игнорира нотирањето на спорот, како и вистинските причини за истиот тој, во годишните извештаи на земјите за постигнатиот напредок…
Во очекување на годинешниот извештај на Европската комисија за реформскиот напредок на Македонија (и земјите од Западен Балкан, како и на Турција), „Брисел тајмс“ потсетува дека во својот последен извештај за земјава, минатата година, комисијата наведе дека имало „посебен фокус на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји во 2017 година, вклучувајќи и средби меѓу нив“.
– Очекувањата (од извештајот) се големи дека ќе вклучува некаква анализа на спорот и како може да се реши конструктивно и брзо. Комисијата можеби не сака да го поврзе спорот со процесот на проширување, но нема избор од две причини. Прво, спорот стана вистинска пречка и, второ, ЕУ, со научени лекции од други спорови, нема интерес да ги прифати земјите во своето семејство со нерешени билатерални прашања. Комисијата многупати изјави дека сака спорот меѓу двете земји да се реши и дека Македонија ги исполни условите за што поскоро започнување на преговорите за членство во ЕУ. Унијата ризикува да го загуби својот кредибилитет ако не може да го искористи своето познато дипломатско поле со алатки и да придонесе активно за решавање на спорот во Западен Балкан, неговото непосредно геополитичко соседство опкружено со земјите-членки – заклучува „Брисел тајмс“.

Асиметрични и навивачки тенденции на ЕУ за спротивставената страна на Македонија во спорот

Имајќи го искуството од меѓународно политичко посредништво за Преспанскиот договор со Грција, за спор што ги засега национално-идентитетските прашања, се поставува прашањето колку е препорачливо за Македонија во надминување на спор од ист вид (овој пат со Бугарија) да посредува политички сојуз како што е ЕУ, бидејќи сама по себе таа покажува асиметрични и навивачки тенденции за спротивставената страна на Македонија во спорот, во случајов тоа е Бугарија.
– Суштината на ветото што го поставува Бугарија за Македонија во ЕУ, јасно е дека е од историско-националноидентитетски карактер. Ако ги расчлениме работите до базичните состојби – идентитетот е културолошко-антрополошка материја, со која се занимава науката со своите постулати и методи. Додека ЕУ е политичка организација, сојуз, која функционира според политички принципи и критериуми. ЕУ, како политичка организација, нема механизам за решавање научни прашања. Затоа не е прифатливо еден во суштина идентитетски спор да го решава политичка организација со „дипломатско поле на алатки“. Особено што се покажува дека ЕУ избегнува да ги применува и почитува сопствените правила, принципи и критериуми за да ги исполни своите ветувања спрема Македонија – вели историчарката и универзитетска професорка Наде Проева.
Согледувајќи ја од политичко-прагматичен аспект идејата за посредништво на ЕУ во македонско-бугарскиот идентитетски спор, кој се постави како вистинска пречка за проширувањето, политичкиот аналитичар Марко Трошановски смета дека во принцип – секоја помош од трета страна со авторитет е добредојдена.
– Со оглед на состојбата во македонско-бугарскиот спор, кој ги закочува нашите евроинтеграции, се покажува дека двете страни не можат сами да дојдат до решение, па секоја помош од трета страна е добредојдена. Сами, како Македонија, немаме механизам да ја принудиме Бугарија на компромис, па во таа смисла вклучувањето на ЕУ со свои дипломатски алатки на притисок, може да ја има улогата на арбитар, или страна со авторитет. Но не сум сигурен дека бугарската страна го сака тоа. Веќе има одбиено понуда за такво посредништво во работата на мешаната историско-образовна комисија. Бугарија е свесна дека процесот е асиметричен, во нејзина полза и тоа го користи за непринципиелни уцени спрема Македонија со евроинтеграциите, како што беше и во преговорите со Грција – вели Марко Трошановски, претседател на институтот за демократија „Сосиетас цивилис“ – Скопје.