Дваесет европратеници преку потпишана изјава ја повикуваат Бугарија да ја одобри преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, а истовремено да се овозможи напредок и за Албанија. Тие бараат да не се испушти шансата за одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на годинава.

– Предупредувајќи дека блокирањето на пристапните преговори го загрозува кредибилитетот на Европската Унија на Западен Балкан, тие ги повикуваат Бугарија и Македонија да изнајдат компромис за билатералните прашања за да се избегне натамошно одлагање на процесот – стои во писмото, во кое македонската страна се повикува да „го вложи секој можен напор“ за решавање на спорот.

Писмото е потпишано од известувачот за Македонија во Европарламентот, бугарскиот пратеник Илхан Ќучук, како и од други пратеници добро познати на македонската јавност.