Тинеке Стрик

Бугарското вето, кое го блокира отпочнувањето на преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ, ја загрозува политичката стабилност, но и кредибилитетот на ЕУ во регионот и има потенцијал да биде опасен преседан за пристапувањето на другите земји од Западен Балкан Унијата, пишуваат Тинеке Стрик, европратеничката и  портпаролка на Зелените/ЕФА за Македонија и Маја Морачанин, пратеничка и лидерка на Зелената партија ДОМ.

Затоа, потребно е земјите-членки, Европската комисија и Европскиот парламент да извршат притисок врз Бугарија за таа да се откаже од своето вето и да се обезбеди продолжување на процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ.

Иако Европската комисија и парламент секогаш заземале многу јасен и конзистентен став кон интегрирањето на Македонија, сепак, процесот на пристапување кон ЕУ сега е во застој поради проблеми што не се однесуваат на официјалните пристапни критериуми. По позитивната оценка за Македонија добиена од Комисијата во 2009 година, процесот е заглавен на лидерско ниво на ЕУ.

По доаѓањето на проевропската Влада на власт, се чинеше како главните пречки на Македонија да се отстранија со Договорот за добрососедски односи со Бугарија и со Преспанскиот договор со Грција. Но, потоа, следеше пречка од страна на Франција, Холандија и неколку други членки, што беше надмината со усвојувањето на нова методологија за пристапување. Во март, се чинеше дека почетокот на преговорите со Македонија е отворен но, Бугарија се повлече и го одложи процесот на пристапување поради билатералниот културно-историски спор, повторно ставајќи ја Македонија, која постојано и контуинирано ја демонстрираше својата определба за европска иднина, во редот за чекање. 

Лидерите на ЕУ треба да сфатат дека играат опасна игра со проевропската поддршка и со политичката стабилност на Македонија. Кога тие не го исполнуваат ветувањата, други странски актери можат да се активираат и да го зголемат своето влијание во регионот.

Допуштањето националните интереси на една земја-членка да надвладеат над официјалните критериуми за пристапување го поткопува и кредибилитетот на ЕУ и мотивацијата на земјите од Западен Балкан да се вклучат во процесот на пристапување.

Поради тоа, укинувањето на ветото на Бугарија треба да биде врвен приоритет за ЕУ. Досега, притисокот на јавноста врз Бугарија беше само од страна на Европскиот парламент. За да предизвикаат вистинска акција, на земјите-членки и на Европската комисија ова прашање треба да им биде приоритет и да го отворат патот на Македонија кон членството во ЕУ.