СЛУЧУВАЊАТА ВО АВГАНИСТАН ИНИЦИРААТ НОВИ БЕЗБЕДНОСНИ ОДГОВОРИ

Идејата е 27-те земји-членки на ЕУ да имаат вооружена сила што ќе им биде на располагање во секој момент и што ќе има околу 5.000 војници. Според аналитичарите, ваквата замисла звучи добро, но во практика, сепак, е тешко изводлива

Дали опасностите од проширувањето на кризата во Авганистан ќе ги натера европските држави да го забрзаат процесот на формирање свои вооружени сили, идеја што впрочем одамна се заговара. Ова прашање деновиве повторно се актуализира, откако високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и за безбедносна политика, Јосеп Борел, изјави дека владите на Унијата мора да работат на создавање европски сили за брза реакција за да бидат подобро подготвени за идни кризи како онаа во Авганистан.

Високиот европски функционер во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела сера“ истакна дека експресното американско повлекувањето поради нарушената безбедност во Авганистан покажа дека ЕУ мора да ги засили своите напори за изградба на заедничка одбранбена политика.
– Мораме да извлечеме поуки од ова искуство. Ние како Европејци во моментов не можевме да испратиме 6.000 војници на аеродромот во Кабул за да ја обезбедат областа. САД го можат тоа, а ние не – изјавил Борел.

Борел информирал дека 27 земји-членки на ЕУ би требало да имаат вооружена сила што ќе им биде на располагање во секој момент и што ќе има околу 5.000 војници.
Борел смета дека е дојдено вистинското време за флексибилност, наведувајќи ги брзо постигнатите договори за справување со финансиските предизвици внатре во Унијата, а сето тоа придонело да се создаде клима за надминување на ограничувањата за употреба на воените операции.
– Можеме да работиме на многу различни начини – оценува Борел.
Во своја анализа на оваа тема, хрватскиот весник „Јутарњи лист“ нагласува дека Британија, која беше долгогодишна членка на ЕУ, била еден од најголемите иницијатори за создавање борбени групи уште во 2000-тите, но истовремено и властите во Лондон не ја одобрувале нивната употреба за заштитата на границите. Весникот заклучува дека по излегувањето на Британија од Унијата, лидерите на ЕУ се надеваат дека можат повторно да ја заживеат идејата за формирање европска армија.
Од друга страна, домашните универзитетски професори со кои се консултиравме велат дека иако замислата за формирање европска армија звучи добро, таа сепак во практика е многу далечна.

Универзитетскиот професор Методи Хаџи-Јанев смета дека генерално, барем теоретски, идејата за европска армија е повеќе од потребна ако Европа сака да биде геостратегиски важна.
– Без тоа, независно колкава економска или информациска или дипломатска моќ ќе може да испорача ЕУ, сѐ ќе остане на рамниште само на амбиција во геополитиката – вели професорот.
Според Хаџи-Јанев, она што е енигма и за која сите премолчено би ја наведнале главата без да ви дадат конкретен одговор е како ќе се намират обврските, побарувањата и доделените цели од НАТО во исто време со оние идентичните на идните можни европски сили.
– Да, факт е дека соработката помеѓу НАТО и ЕУ е висока. Тука нема збор. Но за да имате капацитет да проектирате сила, не само влијание е потребно многу повеќе – вели професорот.

Тој додава дека сите овие заложби за европска армија во овој момент се само апстракција, иако е неминовен фактот дека напорите во оваа насока имаат конкретизирање преку неколку процеси, кои се битни, но во моментов тие сепак се далеку од потребната оперативност за да може да се каже дека Европа има капацитет преку сила да дејствувате во геостратегиската компетиција.
Слично размислува и аналитичарот Милан Стефаноски, кој додава дека
идејата за европска војска или за европски воени формации за брза интервенција и за вонредни состојби, е стара колку што е стара и ЕУ.

– Во времето кога се почна со овој проект, целта беше да се финализираат условите за никогаш повеќе во Европа да нема војна, а армијата е само еден чекор до идејата за создавање федерализација на ЕУ, која би била налик на САД, која освен влада (Европската комисија) и Парламент, би имала и Устав, но и своја европска војска – независно од НАТО, во кое се (практично) сите земји од ЕУ, без Австрија, Ирска и Финска, како и Кипар и Малта – вели Стефаноски.


Се гради нов Берлински ѕид кон Исток

Стравот од развојот на случувањата во Белорусија, спречување на протокот на мигранти што од Исток пристигнуваат во Европа, но и претпазливоста од владеењето на рускиот претседател Владимир Путин ги „мотивираше“ Полска и Литванија да започнат да градат нови берлински sидови кон Исток.
По приближно еден месец откога на територијата на земјите од Европската Унија од правец од Белорусија започнаа да пристигнуваат голем број мигранти што потекнуваат од Блискиот Исток, европските земји започнаа да градат стотици километри жичени огради кон некогашниот СССР.
Загрепскиот весник „Вјечерњи лист“ пишува дека освен од опасностите од бегалците, кои во сѐ поголем број пристигнуваат на границите, потребата од градењето нов Берлински sид е подгреана и од развојот на безбедносната клима во нестабилна Белорусија, но и од политиките на дејствување на рускиот претседател Владимир Путин, од кого се плашат балтичките држави што се на источното крило на НАТО.
– Триесет години по падот на Берлинскиот sид, се чини дека се реплицираа и забрзаа сценаријата слични конструкции повторно да се појават на Стариот Континент. Овие градби за разлика од минатото не се темелат врз политики што спроведуваат репресија, нехуманост и насилство, туку врз политики што се темелат врз операции за користење легитимни средства за заштита од насилници и за одбрана на досегашниот начин на живот на Европејците – се вели во анализата.

[email protected]