Франција уште од 2017 година „притиска“ за формирање обединета европска војска, а ваквите иницијативи сега добиваат поширока поддршка и од другите членки на ЕУ, меѓу кои и од Германија. САД ќе ги почитуваат сојузниците, само кога сме сериозни на своите позиции, и ние поседуваме свој суверенитет кога говориме за нашата одбрана, порачува францускиот претседател Емануел Макрон

ДОБИВА ЛИ НАТО КОНКУРЕНЦИЈА

Колку е Европа блиску до формирање своја армија и дали државите од Стариот Континент паралелно од НАТО и натаму градат своја европска армија? Овие дилеми и слични ним се актуелни периодов кога неодамна се одржа првиот министерски безбедносен состанок на ЕУ, на кој се дискутирала можноста за периодот по брегзит и по Трамп и за формирање европска армија што би била предводена од Франција.
Во контекст на актуелните случувања, медиумите од Брисел информираат дека во состав на новите околности по брегзит и по Трамп е поднесен првиот европски извештај за одбранбените можности на Европа, кој може да служи за добра основа врз која ќе биде изградена идната европска армија.
Имено, Франција, која сега е водечката сила во Европа, по одлуката за излез на Британија од Унијата, уште од 2017 година „притиска“ за формирање обединета европска војска.
– САД ќе ги почитуваат сојузниците, само кога сме сериозни на своите позиции, и ние поседуваме свој суверенитет кога говориме за нашата одбрана – изјави претседателот Емануел Макрон на оваа тема.

Натаму, оваа изјава на Макрон, сега повеќе од било кога, е поддржана и од германската канцеларка Ангела Меркел, но и од Урсула фон дер Лејен, претседателката на Европската комисија.
Дополнително, претставници на партијата на Меркел, во свои обраќања за медиумите истакнуваат дека е дојдено време 27-те земји-членки на Унијата да направат напор за формирање армиско тело на ЕУ што ќе биде дополнителна едиција на постојните воени сили.
Во меѓувреме, безбедносните европски и домашни аналитичари со кои се консултиравме во сублимиран заклучок велат дека сосема е логично да се очекува Европа да започне да гради сопствена армија, настрана од членството во НАТО, која ќе се простира по должината на границите на Европската Унија.
Универзитетскиот професор Михаил Вит во изјава за „Нова Македонија“ оценува дека формирањето европска армија е многу покомплицирано отколку изгледа во моментов. Тој вели дека лично го поддржува напорот на Брисел за формирање заедничко армиско европско тело, но прогнозира дека истото тоа во блиска иднина би функционирало само во сферата на размена на информации, поблиска воена соработка под закрила на НАТО и содејство на европските земји во одбранбената индустрија.

– Сепак, вистинска европска армија би можеле да видиме само во момент кога во Европа би се случиле некои безбедносни настани што би ја загрозиле нејзината безбедност. Пример, да бидат нападнати од Русија некои „поважни“ држави како на пример скандинавските. И само тогаш, во едни такви услови, би било возможно да видиме вистински зародок на европска армија во практика – вели Вит.
Тој резимира дека она што сега се случува во Европа на оваа тема, иако има големо значење, сепак во моментов е процес што сѐ уште само врши техничко стандардизирање на безбедносните релации и кооперации меѓу европските држави.

Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски смета дека, според некои процени, европската војска би можела да „заживее“ за неколку години, откога ќе се постават логистичките темели за оваа обемна воена операција.
– За таа цел сега и покрај членството во НАТО се поставува ’рбетот на идната ЕУ-војска. Имено, светот е безбедносно променет и во тој правец Европа се обидува да си ја гарантира својата безбедност, и покрај постоењето на НАТО. Дополнително, кога Германија и Франција исто „размислуваат“ на оваа тема е неизбежно да се очекува многу скоро да се видат и првите резултати од оваа соработка – вели Стефаноски.

[email protected]