Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кои се причините за масовниот егзодус на населението од Македонија, чија е одговорноста, но и каква е улога на Европа во креирањето на проблемот, и кои се можните решенија за него. За сите овие прашања побаравме одговори од експерти, политиколози и аналитичари

Последниот извештај на Светската банка во кој се посочува дека од Македонија се иселени половина милион граѓани е само уште една потврда на долгогодишната агонија и канцер со кој е зафатено македонското ткиво во многу сегменти и за што досега не се најде соодветен лек. Веќе како општо познати фрази звучат аргументите дека младите и генерално граѓаните од Македонија си заминуваат поради нефункционалниот државен систем, лошото здравство и образование, неодговорноста и нефункционалност на институциите, високото ниво на корупција, бирократизирана администрација, недоверба во судството и правниот систем, разочарувачки економски перформанси, недостиг од визија и стратегија за раст и развој на државата и уште редица други нешта што на еден или на друг начин го прават тежок животот тука. Сепак, настрана сите овие аргументи проблемот со егзодусот на Македонците од сопствената држава е повеќеслоен и сложен.

Притоа уште на почеток важно е да се напомене дека проблемот со иселувањето е децениски, влече корени од многу одамна и не е од вчера. Иако на почетоците на емигрирањето на нашите граѓани бројките не беа толку драстични и застрашувачки, како денешниве. Сепак со годините, статистиките и истражувањата покажуваа дека оваа чума зема сѐ поголем замав како во регионот така и во земјава.

Во меѓувреме мора да се посочи дека причините и одговорноста за овој проблем мора да се гледаат и третираат двострано. Првиот сегмент за кој предупредуваа повеќе домашни познавачи на проблематиката, кој можеби е најважен, е од економски карактер и е поврзан со почетоците на нашето осамостојување, па досега. Доколку државните политики на сите влади во минатото беа насочени кон подигање на економијата и животниот стандард на граѓанинот, како што некои земји од опкружувањето го сторија тоа, иселувањето сосема сигурно немаше да добие таков замав. Немањето стратегија и визија за развој и раст на државата, за развој на економијата и нејзин побрз динамичен раст е секако една од причините за перцепцијата на бесперспективност, која само растеше со текот на годините кај македонските граѓани, особено кај младите и висококвалификувани кадри.

Од друга страна, исто така, според многу досегашни размислувања и анализи, во креирање на проблемот за иселувањето веројатно се крие и добро осмислена стратегија на западните земји. Така, некои од аналитичарите проблемот со иселувањето го согледуваат и во дволичната, инертна политика на Брисел и на ЕУ со која земјава веќе 20 години се држи во некаква чекалница, во некој вид инкубатор, приклучена на апарати за преживување. Неодлучните, нејасни и непринципиелни политики на Брисел многу години претходно и многубројните условувања и уцени кон Македонија, исто така, негативно се одразија врз македонските граѓани. Со ваквите политики Брисел практично го поттикна иселувањето од Македонија од една страна, но истовремено со тоа изврши и присилна регрутација на работна сила за сопствените потреби. Дали станува збор за замислено сценарио на Европа и на Западот, со намера тие во недостиг од квалификувана работна сила, кадровски и економски да ги ослабат земјите како Македонија и да добијат едуцирана, но и евтина работна сила од овие простори, ќе покаже времето. Сепак неодминлив е впечатокот дека токму Западот ги вшмука најквалитетни кадри од Македонија, додека кај нас се отвораа странски инвестиции за обични работници со минимална плата. Така, практично се соочивме со феноменот на двојна експлоатација од Западот. Нашите квалитетни и образовани кадри одеа таму како евтина работна сила за нивни услови, додека овде останаа да работат пониско образованите за минимална плата и за странски инвеститори.

Во однос на сите овие дилеми и посоченото во последниот извештај на Светската банка за состојбата со иселувањето во Македонија, побаравме мислење од домашните експерти.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски тврди дека проблемот со иселувањето е светски тренд и зад него постојат повеќе причини, кои меѓу другото се однесуваат и за Македонија.

– Една од причините за иселувањето е и долгорочната стагнација на општеството и чекањето пред портите на ЕУ и на НАТО. Втората причина, според мене, се и олеснувањата на начините за иселување, кои сега се достапни за сите граѓани. Повеќето амбасади во земјава во недостиг од квалификувана евтина работна сила во нивните земји даваат визи и работни дозволи за македонските граѓани без некои поголеми проблеми. И на крајот третата причина, која можеби е и најважна, е општата мобилизација во светот. Денес доволно е да се знае англиски јазик и лесно да си најдеш работа некаде во светот, каде што истата таа ќе биде повеќе платена од дома – вели Арсовски.

Политикологот решението за овој проблем, со кој се соочува Македонија единствено, го гледа во побрзото започнување на преговорите за членство во ЕУ со земјава. Паралелно на ова демографот и поранешен директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски, е со став дека на ваквите загрижувачки информации, кои се повикуваат на овие меѓународни институции како Светска банка, ММФ на Обединетите нации, но и на многу други организации и невладини и владини институции, треба да им се пријде со сериозност и стратегија што ќе го сопре иселувањето.

– Постојат многу истражувања на странски меѓународни институции во светот, како ММФ, Евростат, ЦИА или Светската бакна, кои се занимаваат со процена на миграцијата на населението во земјите од светот. Речиси повеќето од нив податоците ги темелат врз основа на легално пријавените државјани во странските земји, особено во ЕУ. Проблемот што настанува во различноста на бројките на нивните анализи од една до друга институција е тоа што тие податоци сега, говорам за Македонија, не можат да се проверат, односно споредат со податоците на домашните институции за статистика. Иако бројките се менливи во тие анализи, штетата кај нас е тоа што ние самите немаме податоци за ваквите миграции и податоците што ги согледуваме во овие извештаи. Информациите глобално ги добиваме однадвор наместо ние да располагаме со нив. Во таа насока, според мене, неминовен е попис на населението, кој е закажан за 2020 година, во сите параметри, со што би се добиле релевантни податоци и би се направил пресек со кој ние утре како држава би можеле да ги оспориме или потврдиме во иднина овие извештаи на меѓународните институции во кои се спомнуваме или сме предмет на анализа – вели во изјава за „Нова Македонија“ демографот Дончо Герасимовски. Според Герасимовски, покрај пописот, на државава ѝ недостига и национална стратегија на населението, за која тој лично се залага, но досега ниедна влада не презела ништо конкретно во таа насока.

Инаку, светските банкари во последниот извештај предупредуваат дека мора да се преземат чекори за да се спречи одливот на таленти од земјава, бидејќи, според нив, ќе се доведат под ризик целата економија, пазарот на трудот, како и одржливоста на пензискиот и здравствениот фонд.

– Кога ќе го споредиме одливот на таленти од Македонија со земјите од Источна Европа, 24 земји од Источна Европа, практично и Македонија заедно со Ерменија, Молдавија Босна и Херцеговина, се земји од каде што имаме најмногу одлив на високообразован кадар – се наведува во извештајот на Светска банка.
Од друга страна, слични податоци на истава тема неодамна објави и Евростат.
Според податоците на Евростат, од Македонија лани во земјите на ЕУ заминале
огромен број граѓани, најмногу во Германија. Со свое видување за оваа проблематика на Балканот неодамна излезе и Американската разузнавачка агенција (ЦИА), во кое исто така се наведува високиот процент на иселување на населението.