Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пораката на Европската Унија за Западен Балкан е јасна, земјите треба да покажат и ниво на политичко управување пред да започне процесот за влез во ЕУ, пренесува Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР).

Но, не е тајна дека голем дел од европската јавност е против проширувањето, воглавно Австрија и Германија, кои имаат голем процент население од дијаспората. Токму тие се меѓу најскептичните против проширувањето на ЕУ.

Според некои германски пратеници, дури и пристапувањето на Македонија во ЕУ, иако, како што велат, е далечно, би било критички и негативно согледано од јавноста во овој момент.

Причината за ваквиот одбранбен став во врска со проширувањето не е предизвикана само поради мигрантската криза. Тука се вбројува и процесот на интеграција на Бугарија и Романија во држави-членки на ЕУ, дефицитот на владеењето на правото во Полска и во Унгарија, како и сомнежот за долготрајноста на Унијата, за која многумина веруваат дека во наредните 20 години би можела да се распадне. Наместо да се зајакнат односите помеѓу веќе постоечките земји-членки, францускиот претседател Емануел Макрон, сепак, дава надеж на Западен Балкан.

На прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ, Макрон се задржа на спорот помеѓу Србија и Косово и вети дека здружените сили на Франција и Германија ќе помогнат за неговото решавање. Тој усвои пријателски однос кон балканските земји, но не го спомна процесот на пристапување кон ЕУ.

Желбата на Париз и Берлин е да се започнат разговори помеѓу Србија и Косово со цел да се олесни политичката напнатост помеѓу двете земји, но и генерално на Балканот. Нивната порака е јасна, земјите од Западен Балкан треба да покажат доволно ниво на политичко управување, а дури отпосле ќе им биде дозволено започнување со техничките процеси за влегување во ЕУ.

Со цел да се создаде одржливо решение, секој договор помеѓу Србија и Косово треба да опфати пошироки политички аспекти на добрососедски односи. Како добар пример за решавањето политички спорови во Западен Балкан се наведува и Преспанскиот договор помеѓу Македонија и Грција, како и оној меѓу Македонија и Бугарија. Тие гестови сведочат за подготвеноста на земјите од регионот да решаваат долгогодишни спорови со цел доближување до Западот, според ставовите во ЕУ.

А додека ЕУ врши промени на своите политики кон Западен Балкан, други сили ја продолжуваат својата игра во регионот. Забележливо е кинеското присуство речиси во сите економски сфери. Воената соработка помеѓу Белград и Москва исто така напредува. Вучиќ ги пречека во Ниш десетте воени возила БРДМ-2 во рамките на првата фаза од билатералниот  договор за оружје, а се одржа и воената вежба во северот на Србија во која учествуваа руски, белоруски и српски војници.

ЕУ не треба да чека предолго кога станува збор за економските, миграциските и безбедносните прашања во Западен Балкан. Унијата треба да им даде на земјите до знаење дека резултатите кои ги бара треба да произлезат од разумното постапување. Нивната политичка зрелост и изборите кои ги носат би го диктирале тонот на нивниот однос со Европската Унија.