Демократската унија за интеграција (ДУИ) ќе ја поддржи резолуцијата за црвените линии во преговорите со Бугарија, поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, само доколку се користи уставното име на државата.

Ова го истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи, откако претходно и премиерот Зоран Заев излезе со истиот став по ова прашање.

Според министерот, прашањето за уставното име во резолуцијата, е отворање нови проблеми, а не помош за затворање на проблемите. Османи повика на внимателност.

– Не велам дека оваа резолуција може да направи штета, но мора да бидеме внимателни. Позициите што ги има во текстот на резолуцијата се позиции што МНР и Владата ги имаат како свој став во својата стратегија. Но, многу е важно во Собранието да има консензус и да не се отвораат дополнителни теми што може да наштетат на процесот – рече Османи.