Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во период кога предлог-резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции, која досега ја поддржаа сите политички партии од македонскиот блок, наидува на опструкции од ДУИ и чека во Собранието, нашиот весник дојде до стенограмите од собраниската седница во 2008 година кога се носеше слична резолуција, тогаш во однос на проблемот со Грција. Какви биле позициите на ДУИ тогаш, пред 13 години, а какви се сега и дали ребрендираната и позеленета ДУИ, сега носи и незрели политички одлуки? Следните денови ќе покажат дали албанските партии во земјава, сепак, ќе се издигнат над етничката агенда и ќе застанат во одбрана на државните интереси

Партиите од албанскиот блок со променливи и неконзистентни политики за важни државнички прашања

Предлог-резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во однос на евроинтеграциите и блокадите што се наметнуваат, поднесена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, веќе е во собраниска процедура и неизвесно е кога претседателот Талат Џафери ќе ја стави на дневен ред на пленарна седница.
Резолуцијата беше прифатена од сите партии во македонскиот политички блок, со исклучок на албанските, кои поддршката ја условуваат со некакви нивни неразбирливи барања и нови уцени.
И додека сега партиите на Албанците го опструираат носењето на предлог-резолуцијата, во 2008 година тие поддржаа слична резолуција, која се однесуваше за тогашните преговори околу разликите за името со Грција.
Во таа резолуција за наоѓање стратегија за наметнатиот спор од страна на Република Грција за нашето уставно име, решавањето на прашањето на името е означено како прашање од највисок државен и национален интерес.
Во текстот се истакнува дека одбраната од негирање на името на нашата држава, на идентитетот на македонскиот народ, јазик, историја, култура и заштита на македонското национално малцинство претставува императив во политичкото дејствување на Република Македонија.

Понатаму, во неколку точки се појаснуваат чекорите што треба да ги преземе тогашниот државен врв во насока на заштита на државните интереси, меѓу кои утврдување државна стратегија за решавање на спорот со Грција, во која ќе се истакне обединетата позиција на државниот врв во преговарачкиот процес.
Во Резолуцијата од 2008 година се појаснува дека целта на оваа стратегија е да се одбранат името и највисоките државни и национални интереси и да се зачува идентитетот на македонскиот народ, јазик, историја и култура.
При подготвувањето на стратегијата е водена сметка за почитување на ставовите, предлозите и мислењата на сите политички партии во земјата, а побарано е и вклучување на експертската јавност и невладините организации што се занимаваат со меѓународна политика.
Акцент е ставен и врз засилувањето на дипломатската активност во насока на промовирање на македонските позиции, како и врз континуирано информирање на домашната јавност за текот на преговорите.
– Ова е можност да се обидеме заедно да изградиме јасна стратегија и препознатлива државна политика по едно прашање што е од суштинско значење за иднината на државата. Сметаме дека ова е патот што води кон зајакнување на нашата преговарачка позиција со Грција и што гарантира успешна надворешна политика на државата – истакна тогаш предлагачот на Резолуцијата, Тито Петковски.
Од пишаните документи и стенограмите по повод носењето на таа собраниска резолуција во 2008 година може да се видат и позициите на тогашните политички претставници, меѓу кои и на политичарите од ДУИ.
Поранешната пратеничка на ДУИ, Теута Арифи, на таа собраниска седница рече дека нивната партија сака да биде дел од решението на проблемот со Грција.
– ДУИ ќе ја поддржи предложената резолуција затоа што смета дека е дојдено време да се направат смели политички чекори, чекори што ги бара ова време. Ние сме рекле и ќе продолжиме да кажуваме дека како Албанци сакаме и треба да бидеме дел од решавањето на овој проблем. Бидејќи се работи за нашата земја, за иднината на нашата заедничка држава, истовремено сме заинтересирани за стабилна и европска иднина на нашата заедничка држава. Ние покажуваме и сакаме понатаму да покажеме солидарност со нашите сограѓани Македонци во однос на овие чувствителни прашања – порача тогаш Арифи.

„Нова Македонија“ дојде до стенограмот од тогашната собраниска седница, одржана на 3 ноември 2008 година, на која „за“ Резолуцијата гласале 93 пратеници од присутни 94 во собраниската сала.
Оттаму, сега е сосема нејасно зошто албанските партии во земјава во моментов се противат на речиси идентичен текст со кој треба да се зајакнат македонските државни позиции во преговорите со Бугарија, во насока на заштита на националните интереси.
Политиката на пазарење кога станува збор за државните интереси, го истакнува токму недржавниот елемент кај овие политички субјекти, кои во оваа ситуација повеќе дејствуваат во насока на заштита на бугарските национални интереси, отколку на интересите на земјата во која живеат и работат.
Следните денови ќе покажат дали албанските партии во земјава, сепак, ќе се издигнат над етничката агенда и ќе застанат во одбрана на државните интереси.