Фото: Архива

Членовите на Централното претседателство на ДУИ на вечерашната седница во партиското седиште во тетовска Мала Речица едногласно донеле одлука партијата да оди со свој кандидат на претстојните претседателски избори, информираше портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, а пренесе МИА.

Тој посочи дека ова било првата точка на вечерашната седница на Претседателството, а како дополнение на оваа своја одлука ова партиско тело на ДУИ донело одлука да го овласти нивниот претседател Али Ахмети да разговара и со политичките партии на Албанците, но и со другите политички партии од другите етнички заедници за заеднички кандидат доколку се создадат услови за тоа.

Во останатиот тек од седницата Османи најави дека ќе се разговара за внатрешното организирање на партијата и за други актуелни теми за политичката состојба во земјата, за што јавноста дополнително ќе биде информирана.