Коалицискиот партнер во власта, Демократска унија за интеграција, не се откажува од идејата за консензуален претседател, изјави меѓу другото, партискиот лидер Али Ахмети во завчерашната дебата на телевизијата Клан Македонија.
– Ние сакаме консензуален претседател и секако дека можеме да зборуваме и за имиња, но за тоа е многу рано – истакна Ахмети.

Тој негираше дека се дискутирало за нова владина реконструкција.

– Важните работи се движат во добра насока, иако не е направена детална анализа за нашите функционери. Не сакам да искажувам мое индивидуално мислење, без конкретна анализа. Овие работи ги дискутираме со партиските органи, но и со партнерите во коалицијата, затоа што одговорност и анализа ќе има. Политиките треба и се прават заедно и нормално е дека ќе ги дискутираме – рече лидерот на ДУИ.

Тој и на дебатата уште еднаш јасно застана против идејата за организирање предвремени парламентарни избори.

– Предвремените избори не се решение за актуелните проблеми, а особено не за веќе почнатиот процес. Грчкиот парламент во јануари ќе ја ратификува поканата за НАТО, за потоа овој процес да продолжи и со другите земји. Тоа е еден неповратен процес. Повторно велам дека ќе најдеме енергија да ги поминеме овие настани без болка и без последици за процесите. Главната одговорност тука спаѓа врз СДСМ. Секако дека и ние не можеме да избегнеме од одговорноста – објасни Ахмети. П.Р.