Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пратеникот Мухамед Зекири од СДСМ вчера ги отфрли наводите на претсeдателот на парламентот Талат Џафери дека кој било пратеник од нивната пратеничка група имал некаква улога во прекинувањето на седницата за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Велјановски и го повика Џафери да ѝ одговори на јавноста зошто ја прекина седницата и не дозволи гласање.

– Категорично ги отфрлам тврдењата на претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека јас сум бил причината што тој не успеа до полноќ да ја заврши седницата со гласање по точката на дневниот ред. Воопшто немало ситуација што личи на потреба од прекинување на седницата.

Талат Џафери е искусен пратеник и во минатото успевал да менаџира седници што биле многу потензични од синоќешната. Во ниту еден момент немаше навреди упатени кон него. Одговорноста за неуспехот на Собранието да донесе одлука за барањето на судот за одземање на имунитетот на пратеникот Џафери не може да ја префрла на други. Мнозинството беше тука и подготвено да гласа и да му овозможи на судот непречено да ги продолжи своите процеси. Прашање е дали Талат Џафери свесно одработи за ВМРО-ДПМНЕ, односно Вељаноски да не се соочи со правдата – рече Зекири.

На прашањето дали ова ќе ја загрози коалицијата, Зекири рече дека за тоа ќе одлучуваат органите на партијата. Независниот пратеник Павле Богоески на заедничката прес-конференција во однос на обвинувањата на Артан Груби од ДУИ дека тој се договорил со ВМРО-ДПМНЕ и точката ја ставил на гласање порано од договореното, рече дека тоа е обид на Груби да ја префрли одговорноста врз матичната собраниска комисија и врз него за синоќешното фијаско со пленарната седница и ја оцени како проѕирна лага и очаен обид за контрола на штетата што синоќешната седница ја нанела врз нивната партија. Единствената одговорност за вчерашното прекинување на седницата е кај Талат Џафери и ДУИ, вели Богоески, а вчерашните случувања укажуваат на смислено сценарио да се саботира работат на комисијата, а потоа и на пленарната седница. П.Р.