Демократската унија за интеграција смета дека прославата на 20-годишнината од Охридскиот договор како основа за функционирање на државата треба да нѐ најде обединети, а не поделени, велат од партијата на Али Ахмети по најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да учествуваат.

– ВМРО-ДПМНЕ не треба да заборави дека тие се дел од изготвувањето и потпишувањето на овој договор и нивниот потпис фигурира таму – потсетуваат од ДУИ.

Од таму нагласуваат и дека договорот ставил крај на конфликтот во 2001 година, па како што велат, бегството од одговорност и неучеството во јубилејната манифестација е едноставно политичко лицемерство.

– Со ова ВМРО-ДПМНЕ докажува дека тие се партија која уште работи во политиката по една етничка линија. Што се однесува до албанските опозициски партии, тие како и обично не се редат таму каде што се прогресивните сили и нашите сојузници од САД и ЕУ, туку се редат зад ВМРО-ДПМНЕ и не заслужуваат посебно или одвоено внимание од ВМРО-ДПМНЕ – порачуваат од ДУИ.