Уште пред вчерашната конвенција во Крани, на која ДУИ го откри својот адут за премиер Албанец како услов за сите евентуални коалицирања, двете најголеми македонски партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, ја отфрлија таквата опција

Под посебни протоколи започнаа изборните кампањи

На првиот ден од официјалната изборна кампања за предвремени парламентарни избори, Демократската унија за интеграција конечно го објави својот долго најавуван кандидат за премиерската позиција на која, меѓу другите, претендираат и лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Кандидат за премиер на ДУИ е некогашниот пратеник и министер од редовите на ПДП Насер Зибери.
Уште пред вчерашната конвенција во Крани, на која ДУИ го откри својот адут за премиер Албанец како услов за сите евентуални коалицирања, двете најголеми македонски партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, ја отфрлија таквата опција.
Заев ѝ порача на ДУИ дека е време да замине во опозиција, додека Мицкоски истакна дека тој ја сака премиерската функција за да започне со обнова на земјата.

За потсетување, Зибери трипати беше избиран за пратеник во Собранието, на изборите 1990, 1994 и 1998 година, и тоа од редовите на Партијата за демократски просперитет (ПДП), во периодот од 1996 до 1998 г. беше министер за труд и социјална политика, како и потпретседател на Владата на РМ, а по завршувањето на политичкиот мандат работи како нотар.
Инаку, од вчера под посебни здравствени протоколи партиите ја започнаа изборната кампања промовирајќи ги кандидатите и програмите првпат во поинакви услови, со заштитни маски, дистанцирање и без големи митинзи и собири, кои беа одлика на предизборието многу години.
На почетокот на изборната кампања, претседателот на државата и премиерот се обратија до учесниците во изборната кампања, со апел да се почитуваат протоколите за безбедност и заштита за време на изборниот процес.

– Апелирам до сите учесници во изборниот процес да придонесат овие избори да бидат фер, слободни и демократски, како што и се обврзаа со потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори. Очекувам сите политички партии да организираат кампања во која учеството ќе биде безбедно за сите, и за кандидатите и за граѓаните. Очекувам од сите политички партии достоинствена кампања, со високо ниво на политичка култура, без дискредитации. Очекувам инклузивна кампања во која ќе учествуваат сите маргинализирани групи и малцинства, во која ќе биде застапуван и нивниот интерес – порача во писменото обраќање на почетокот на кампањата претседателот на државата Стево Пендаровски.
Премиерот Оливер Спасовски повика изборите да се одржат според стандардите што беа постигнати на последните гласања и да бидат достојни на земја-членка на НАТО и земја-кандидат за членство во ЕУ, која чека преговарачка рамка.

– Првпат одржуваме избори како земја-членка на НАТО и земја-кандидат за членство во ЕУ, за која се подготвува преговарачка рамка. Тоа е уште една мотивација да се организираат избори според високи стандарди. Треба да го задржиме признанието дека последните три години го развивме концептот на еднакво и праведно општество за сите. Да ги афирмираме вредностите на нашето општество, кое овозможува толеранција за другите – рече Спасовски и упати апел до сите да придонесат за еднакви услови и фер натпревар во изборната кампања, но без говор на омраза.
На терен владејачката СДСМ, која ја предводи коалицијата „Можеме“ под слоганот „Можеме! Уште повеќе, уште подобро“, кампањата ја започна од Струмица.
Во нивната програма останува фокусот врз граѓаните, развој на економијата, технолошки развој и дигитализација, повеќе можности за младите, држава во која ќе владее правдата, а акцент се става и врз екологијата.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ почнаа традиционално од Охрид, под слоганот „Исправи се Македонијо! Одбери обнова!“
Во нивната програма што ја нудат до гласачите ветуваат силна економија, повисоки плати и пензии, намалување на даноците, враќање на рамниот данок, привлекување странски инвестиции, како и изградба и реконструкција на патишта. Во програмата понатаму се спомнува и гасификација на домаќинствата, бесплатен приклучок за гас, како и изградба на нови клинички центри.
Алијансата на Албанците почнува од Тетово, а во својата изборна програма најавуваат повеќе вработувања, спречување на одливот на младите во странство, како и решенија за економско закрепнување по завршувањето на корона-кризата. Во нивниот фокус, покрај економијата, е и функционирањето на правната држава, образованието, културата…

И ДПА се одлучи за Тетово за почеток на кампањата, залагајќи се, меѓу другото, за функционирање на правната држава и развој на економијата.
„Државата за народот – Левица во парламент!“ е слоганот под кој ќе настапи партијата Левица. Нивната кампања ќе биде претежно преку социјалните мрежи и на медиумите, без масовни собирања и митинзи.
Политичката платформа Македонски концепт тргна во предизборна кампања од пред ЕУ-инфоцентарот во Скопје, а ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија од Битола.

Сите партии најавија дека нема да одржуваат големи митинзи, а средбите со граѓаните ќе ги сведат на помали групи, со задолжителна употреба на заштитни маски и држење растојание.
Партиите и коалициите што ќе учествуваат на изборите, своите програми ќе можат да ги претставуваат до 12 јули во 24 часот кога завршува изборната кампања.
Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, покрај изборните активности, најави дека ќе ги следи и здравствените протоколи што се воспоставени.