Индикатори за порозност што овозможува прекуграничен криминал

Зошто во јавноста се слушаат експертски мислења поради кои граѓаните добиваат впечаток дека македонските граници се порозни?! Дел од експертската јавност изнесе свои согледувања за постоење индикатори за трансгранични криминални дејства, проток на мигранти и на зголемен обем на шверц преку државната граница.
Имено, Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност, во најсвежата своја изјава на оваа тема изјави дека „границата ни стана како швајцарско сирење“. Уште поиндикативна беше претпоставката дека „некој ги пропушта мигрантите“.
Професорот смета дека нема опасност за отворање на балканската маршрута, а ова што се случува сега има елементи на очигледен криминал.
– Мене ме загрижува фактот што сѐ повеќе има кривични дела. Мигрантите ги има речиси во секое трето товарно возило. Се шверцуваат мигранти. Тоа е голем проблем. Се најде веројатно некоја празна „жица“, празни места на границата на југ, каде што ги пропуштаат, а дали е тоа во дослух со полицијата, со војската, треба органите сериозно да се запрашаат – вели професорот.

Дујовски забележува дека овие регистрирани состојби треба засилено да се следат и благовремено да се реагира со сите форми со кои располага државата.
Магдалена Лембовска, истражувачка за безбедносни прашања во „Евротинк“, во својот осврт на овие актуелни случувања вели дека во првите неколку месеци од пандемијата организираните криминални групи ги користеа на некој начин конфузијата и неизвесноста што настанаа, но истовремено го користеа и времето да се реорганизираат, да се приспособат на новите околности и подготвено да ја дочекаат првата можност за продолжување со своите криминални активности.
– Ако нешто знаеме за организираните криминални групи, тоа е дека се исклучително флексибилни, приспособливи и иновативни во нови ситуации и околности како што е и „новото нормално“ – вели таа.
Лембовска подвлекува дека кога зборуваме за нерегуларната миграција, која очигледно се одразува врз нашите граници, мора да се напомене дека таа не е детерминирана само од порозноста на нашата страна, туку и од притисокот на другата страна од границата во Грција, а ваквата состојба е идентична и со ситуацијата во другите земји по текот на балканската маршрута.

Но Лембовска раскажува дека шверцот со мигранти не е единствениот проблем, кој е евидентен во последно време во случувањата во кои директно или индиректно се споменуваат границите на земјата.
Имено, според Лембовска, од друга страна, корупцијата во полицијата е еден од најважните фактори што овозможува прекуграничниот организиран криминал да биде еден од клучните предизвици што ќе треба да се решат во процесот на пристапување во ЕУ.
– Тука спаѓа и институционалниот капацитет или просто кажано колку полицијата е „способна“ да се справи со сите форми на криминал на границите и во земјата. Токму поглавјето 24, кое ги опфаќа управувањето со миграциите, полициската соработка и борбата против организираниот криминал, е едно од најсложените поглавја – резимира таа.
Владимир Пивоваров, национален координатор на граничното интегрирано управување и поранешен шеф на военото разузнавање и контраразузнавање, за „Нова Македонија“ оценува дека во последно време нашите копнени граници, но и аеродромите се под силен притисок од центрите од каде што доаѓаат мигрантите во Европа, тие се локации каде што очигледно се активни меѓународните криминални групи и места каде што се вршат обиди за шверц на дрога и разни материјални добра.

Пивоваров вели дека во последен период меѓународните центри на моќ влијаат врз економските мигранти што доаѓаат од Азија и од Африка да се обидат помасовно да се пробијат во Европа, а, за жал, тие состојби се евидентни и врз нашите граници бидејќи сме држава што е лоцирана на маршрутата каде што се движат овие луѓе.
Пивоваров објаснува дека овој масовен транспорт на луѓе од едниот крај на светот во Европа е невозможен ако во него не се активни меѓународни организирани криминални структури, кои во соработка со домашните криминалци во одредени состојби ги прават нашите граници порозни.
– Шверцот со мигранти во моментов е еден од најпрофитабилните форми на криминал, а токму поради тоа состојбите за овој проблем се евидентни во полициските билтени. Центата за еден мигрант да стигне од нашите јужни до северните граници е 500 евра. Тие најчесто се транспортираат во камиони каде што се сместуваат некогаш и до стотина луѓе. Ако направите калкулација ќе видите зошто има толку многу голем притисок врз границите, а тоа е поради фактот што за превоз од два часа еден шверцер на мигранти може да заработи брзи 50 илјади евра – вели Пивоваров.
Тој вели дека ниту една држава од светот не може комплетно да ги обезбеди своите граници од криминални дејства поврзани со мигрантите, а како пример може да се посочи и САД, каде што дури се обидуваат да изградат и ѕидови по должината на нивните граници.

Пивоваров забележува дека во последниот период на нашите граници се активни и дејствуваат организираните криминални банди, кои тргуваат со дрога особено со кокаин и шверцуваат различни материјални добра.
– Овие дејства се особено проблематични за аеродромите, каде што меѓународните криминални банди од Латинска Америка или од Азија се обидуваат да прошверцуваат секаков вид дрога во Европа. Класичните форми на криминал не избираат средства ни мотиви ниту начини со кои сакаат да си ги исполнат своите цели. Токму затоа од македонска страна, во соработка со ЕУ и со ООН, се спроведуваат и одредени специјализирани проекти што имаат цел да ја анулираат корупцијата на вработените во полицијата и граничните служби на нашата страна, но и да извршат превенција кај меѓународната заедница да се намалат обидите Македонија да биде користена како земја низ која ќе минуваат овие работи – вели Пивоваров.
Тој навестува дека наскоро на ова поле со помош и поддршка на ООН ќе се реализира и проект за подобрување на работата на граничните служби, со кој се верува дека ќе се намали обемот на шверц на дрога, но и бројот на овие криминални дејства спроведени во Македонија.

[email protected]