Најновата средба на која присуствувале премиерот во преодната влада, Оливер Спасовски, и бившиот премиер, сега само лидер на СДСМ, Зоран Заев, доаѓа во исклучително значаен момент за МПЦ и дава надеж дека процесот за признавање на нејзината автокефалност може да се движи напред и покрај заканите од СПЦ и од РПЦ

Охрабрувачки знаци доаѓаат од Вселенската патријаршија дека македонското црковно прашање не е ставено под тепих и дека патријархот Вартоломеј не се плаши од реакциите на Руската и на Српската православна црква. Ова се првичните реакции на експертската и на црковната јавност за последната средба што македонската државна делегација ја имаше вчера со патријархот Вартоломеј во седиштето на Вселенската патријаршија во Истанбул, Турција.

Оваа средба, на која присуствуваше и бившиот премиер, сега само лидер на СДСМ, Зоран Заев, како и премиерот во преодната влада Оливер Спасовски, доаѓа во исклучително значаен момент за МПЦ и дава надеж дека процесот за признавање на нејзината автокефалност може да се движи напред и покрај заканите од СПЦ и од РПЦ.
Владината прес-служба објави дека средбата во седиштето на Цариградската патријаршија се одржала во пријатна атмосфера и во срдечниот разговор била изразена надеж дека и оваа година патријархот Вартоломеј, во духот на толеранцијата и разбирањето, ќе продолжи да поттикнува дијалог за наоѓање решенија за сите прашања со кои се соочуваат православниот свет и верниците.

– Средбата се оствари како резултат на поканата што вселенскиот патријарх ја упати до Зоран Заев додека беше премиер на Владата на нашата земја. На неа, претседателот на Владата на Северна Македонија, Оливер Спасовски, на патријархот му го честиташе празникот Христовото раѓање – Божиќ, со желби за здравје и сила, во мир и спокој да продолжи, како прв меѓу еднаквите во Православната црква, да ги обединува сите сестрински цркви – се вели во соопштението од владината прес-служба.

Познавачот на состојбите во православието Бранко Ѓорѓевски вели дека оваа средба сигурно е позитивен момент во она што се нарекува процес на решавање на македонското црковно прашање. Но, според него, важна е една работа, а тоа е фактот дека вселенскиот патријарх ја прифатил средбата со Зоран Заев, што е знак дека му го простил гафот со руските пранкери од јули минатата година, кога Заев во разговорот со лажниот украински претседател Порошенко изразил подготвеност да донира 100 илјади евра во контекст на решавањето на македонската црковна автокефалност.

– Тоа се налепи на руските тврдења дека и автокефалноста на Украинската црква е платена со пари кај Вартоломеј. Овој прием сега покажува дека патријархот Вартоломеј го заборавил тој случај и дека не му е страв од руските обвинувања за „плаќањето автокефалности“, а што е мошне добро за нашето црковно прашање. Во прилог на ова оди и фактот што Заев сега е примен само како лидер на СДСМ и не е државен функционер, но сепак вселенскиот патријарх решил и тој да биде дел од делегацијата. Тоа на свој начин охрабрува и праќа порака до црковни Москва и Белград. Инаку, и досега не недостигале средби на Вартоломеј со наши државни претставници, ги имаше и Ѓорге Иванов, имаше и Владо Бучковски и други наши функционери. Значи, многу охрабрувачка и ветувачка средба по која одлуките и натаму се во рацете на вселенскиот патријарх-објаснува Ѓорѓевски.

Инаку, во 2018 година, поранешниот премиер Зоран Заев за црковното прашање иницира постапка со која испрати писмо до патријархот Вартоломеј, како поддршка на иницијативата на Синодот на МПЦ-ОА за барање да ѝ се признае автокефалноста.
Ова е втора средба на премиерот Спасовски со вселенскиот патријарх, откако МПЦ-ОА испрати барање за признавање на нејзината автокефалност.

Од страна на македонската делегација била упатена и покана патријархот да ја посети нашата земја.


Г. Тимотеј: Важна е поддршката од државата

Владиката Тимотеј, портпарол на Синодот на МПЦ, вчера изјави дека црковна делегација не била присутна на средбата меѓу патријархот Вартоломеј и македонската државна делегација.
– Ние не диктираме протокол на држава и не може да се мешаме во тоа со кого ќе се сретнат државниците. Сепак, ова е поддршка од државата во она што ние веќе сме го побарале од патријархот во насока на решавање на црковната автокефалност. Се надеваме дека сето ова ќе даде успех – истакна владиката Тимотеј.
Инаку, МПЦ останува на ставот дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.


Вартоломеј ги кани МПЦ и СПЦ на заедничка средба

Патријархот Вартоломеј по средбата со македонската државна делегација донел одлука да ги покани двете страни, односно Српската православна црква и Македонската православна црква на заедничка средба, во обид да се најде заемно прифатливо решение за најголемото црковно прашање во нашата земја.

[email protected]