Драги Рашковски утринава поднесе оставка од функцијата секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата и на стратешки проекти. Тој преку Фејсбук го објави писмото во кое ја образложува оставката, а кое го доставил до премиерот Зоран Заев.

– Кога политиката ќе стане погласна од природните науки, тогаш работната атмосфера станува непогодна за некој кој е научен во сè да ја бара логиката. Вистината нека се провери преку институциите. Нема затскривање позади функции – се наведува во писмото на Рашковски.

Неговото име во последниот период е поврзано со неколку скандали и обвинувања за злоупотреби на службената должност. Во Државната комисија за спречување на корупцијата отворени се предмети за набавката на софтвер за контрола во сообраќајот кој Рашковски како генерален секретар на Владата го распишал без знаење на МВР. Се проверува и неговата имотна состојба која, наводно, не е еднаква со пријавеното во неговиот имотен лист. Името на Рашковски се споменува и во скандалот со италијанската компанија „Леонардо“ за опрема на скопскиот аеродром.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 18 март отвори предмет, по допрен глас, во врска со набавката на софтверот за „определување на просечна брзина на возилата во сообраќајот и изрекување казни“, што лани го набавил поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, додека беше на функција, за 81.000 евра. Софтверот не е во функција и по осум месеци откако е испорачан. На 9 април Обвинителството изврши претрес во фирмата „Инвока гроуп“ од од која е купен софтверот.